Утринско кафе со Пеце од „Суперхикс“: Пред јубилејниот концерт, сфаќаме дека сме стари

Првото и второто кафе ги пијам во временска дистанца од половина час. Првото дома, второто во „Урбан ФМ“ пред почеток на секоја ПЕЦЕТЕКА. По испиените три кафиња и завршената ПЕЦЕТЕКА на УРБАН ФМ до кај 14 часот, завршувам неколку останати обврски. Развозувам деца од училиште и градинки а попладнето е резервирано за проби за концертот на СУПЕРХИКС по повод 25 години од првиот настап. Концертот ќе се случи на 3 март во МКЦ, и полека но сигурно сфаќаме дека сме стари, хахаха. 

Ме мотивира сѐ што се случува околу мене периодов а за тоа зборува многу еден рефрен што ми дојде само по себе деновиве кој оди вака: ПА ПА ПАРАНОРМАЛНО ТУКА НИШТО НЕ Е НОРМАЛНО. 

Потоа продолжувам со неколку други обврски, земам деца од градинка и училиште, ручек, попладневни активности (музичко солфеж, ракомет), проба. Вечерта или нешто да се доработи или некој филм или преслушување албуми. Денот ми завршува најчесто со успивање на деца и конечно муабет два со сопругата Елизабета .Сакам и да прочитам книга и да изгледам филм , ако ми дозволат децата, одобено малиот термит Маша. 

* Петар Младеновски, музичар