Утринско кафе со Пулексенија Јованоска: Сакам кога ми е светло и топло и во душата и во денот
Омилен дел од денот ми е утрото! Будење, нов ден, зрак светлина, надеж. Да бидам реална сакам долги утра, кај што можам да лабавам. Ја обожавам самотијата наутро!
Ретко имам прилика да уживам, поради што утринските тренинзи ми започнуваат многу рано, но никако не ги прескокнувам ритуалите на утро,без разлика кога треба да излезам од дома, секогаш имам еден час резервирано за убаво турско кафе, пуштам музика и си ги средувам мислите за денот!
Јас сум личност што многу мали нешта ме мотивираат и инспирираат. На пример сончев ден. Сонцето ми е радост, топлина. И доволно ми е за позитивна енергија, да блескам во денот што и да правам.
Колку и да е хаотично. Сакам кога ми е светло и топло. И во душата и во денот.
Зависи од денот, може да биде ден каде не можам да се соземам од обврски. Лични тренинзи. Тренинзи со групите во клубот. Динамична сум и знам од 24h да си испланирам 20h активности и не ми смета, знам да заглавам со работа и доцна во ноќта. Тоа и најчесто се случува. Но, затоа си давам денови во месецот кога останувам буквално цел ден дома, лабавам во пижами, задолжително нездрава храна и литар кола кола. Па доколку имам хаотичен ден, денот го завршувам сама, опуштање, туш, чаша какао и легнувам. Ако денот ми е полабав, договарам друштво, собиранка и дружба со драги личности.
Сакам и филм и книга,ако треба да бирам, добар филм би било сигурно!
(*Пулексенија Јованоска- каратистка)