Утринско кафе со Рисима Рисимкин: Ме мотивираат младите креативци

Денот ми започнува со утринско кафе, со мојот сопруг, тоа е долгогодишна традиција, првите утрински мигови ги уживам во домашна атмосфера. Секогаш сакам мирно да го почнам денот, доколку е возможно, бидејќи секојдневието ми е многу интензивно, со оглед на тоа дека во секој момент работам на најмалку три проекти. Во моментов сум преокупрана со „Инкубатор“, програмата за култура, работам со млади уметници, и тоа е едно прекрасно чувство.

Ме мотивира создавањето. Мојата работа е поврзана со креативност и тоа е она што ми дава сила и желба да работам. Посебно, кога сум опкружена со млади, убави луѓе, кои сакаат да се изразат и да се пронајдат себе си. Моментите во кои чувтвувам дека им помагам, дека успеваме заедно да се продвижиме или пак да го „поместиме“ денот се прекрасни. Секој поминат ден со млади креативци, ми е мотив да одиме понатаму и се залагам да успееме.

Во моментов одиме со „Инкубатор“ караванот во повеќе градови низ Македонија и сум посветена на тоа, сѐ да помине во најдобар ред и да се изведат продукциите на високо ниво. Постојано сум во движење, состаноци или проби, деновите траат долго, со оглед на обврските. Работам со студентите, танчарите на Скопје танцовиот театар, а во викендите во последниве неколку месеци со „Инкубатор“ младите уметници.  Секојдневно имам преписки со странство, бидејќи имаме обврски да одиме надвор, во моментов се подготвуваме со „Скопје танцвиот театар“ за гостување во Њујорк на 37. издание на фестивалот Battery Dance Festival во август 2018. Се разбира, веќе работиме на петнаесетото издание на фестивалот Танц Фест, кое ќе се одржи во април 2019 година. Многу често патувам, но кога сум во Скопје и доколку немаме настапи, обично ручам подоцна во кругот на семејството, ила пак вечерам со нив. Уживам навечер да сум дома, да се опуштам по напорниот ден, некогаш излегуваме со пријатели, но најчесто, преку неделата сум дома.

Секој слободен миг го користам да прочитам добра книга, или пак да гледам убав филм. Има филмови и книги кои повторно и повторно ги гледам или прочитувам. Некако, уживам во навраќањето на добри мисли и убавини. Тоа најчесто се случува кога сум на одмор, во Црна Гора, во Бока Которска.