Утринско кафе со Симона В. Николовска: Заради љубовта постоиме и твориме

Денот ми почнува кога ќе ме разбуди син ми, со оглед на тоа што не сум воопшто ранобудна личност, сакам кога ќе поспијам. Цела моја среќа е што работното време во принцип ми почнува тогаш кога на сите им завршува. Првото кафе, го пијам токму во друштво на мојот две ипол годишен син, кој во тоа време додека јас го пијам моето кафе, доручкува. 

Што се однесува до мотивацијата и работните обврски, во текот на денот различни работи знаат да ме мотивираат. Се надевам и другите колеги логопеди ќе се согласат дека, токму децата со кои работиме ни се најголема мотивација. Желбата за добивање на нов збор, стекнување на нова вештина која до тогаш била проблем, играта и воопшто времето минато со децата и нивната енергија, не полнат со мотивација. Секако дека и  убавото време, убавото друштво и позитивната енергија околу мене ми се голема мотивација и инспирација. Работните обврски во главно ми се неколку дена однапред испланирани, па ретко можам да се најдам во ситуација на непланирани случувања. Денот ми почнува и ми завршува како мајка и сопруга. Kога сум дома, одговорна сум да ги завршам сите обврски кои родителствотои грижата околу домот ги бараат од мене. Шетање во парк, игра и забава ми се секојдневние со син ми. До пладне ги завршувам домашните и родителските обврски, па продолжувам на работа.

Работните ангажмани ми се во „Логопедскиот кабинет Среќичка“. Кабинетот е моето омилено место, прибежиштето и љубовта. Тука сум своја, тука работам, трошам а и полнам батерии. Како терапевт, голем дел од енергијата го посветувам на децата. Оние кои работат со деца ќе се согласат со мене дека тоа е една од најблагодарните и најисцрпувачките работи на светот.  Паралелно на тоа, голем дел од времето посветувам и за блогот на инстаграм, кој веќе една година успешно опстојува ссо цел да едуцира голем дел родители за развојот и говорниот развој кај децата.

Секогаш сакам да потенцирам дека љувовта е двигателот, таа е таа заради која постоиме, заради која твориме. Децата се моите пријатели и уживам во нивното друштво, сакам да им помогнам и сакам кога заеднички постигнуваме успеси.

Во деновите кои се порастеретени од работни обврски, знам да излезам и да се видам со некоја пријатека.Работниот ден ми завршува реативно доцна и на крајот од денот, сум дома, сопруга и мајка исто како и  на почетокот. Времето го поминувам со семејството повторно во игра, читање и сакање.

Дали сакам да читам или да гледам филм? Па да, сакам да погледнам добра комедија или да прочитам некоја книга, но проблемот е што ни едното ни другото не успевам да ги завршам до крај.

( *Симона Василевска Николовска- логопед)