Утринско кафе со Снеже Велков: Денот ми е голема трка и збрка

Првото утринско кафе го пијам сама со себе и со тишината. Се будам најчесто еден час пред сите за да можам на  раат да ги средам во глава обврските. А потоа почнува вистинска трка, будење на синовите, подготовка на појадок, барање на заборавени учебници, облекување, и пресоблекување оти не оди секоја блуза со фризурата,па гледање цртани и игнорирање на зборувањето од мајката дека треба да побрзаат со јадење. Па последниот повик до патниците со зборовите “ Ајде доцниме!“ И обично да. Кафето останува недопиено.

Оставањето на децата во школо значи брзање кон сала, „Пауер хаус пилатес“, каде што ја добивам најубавата утринска мотивација со утринското пилатес вежбање и првиот аплауз за добро сработен час од моите вежбачки. Тој аплауз е одлична мотивација за да се почне еден убав ден колку и да бил тмурен или дождлив или претерано сончев и спарен. Потоа одам во просториите на нашата семејна фирма, каде што сум одговорна за редакцискиот и маркетинг тим, и заедно ги средуваме тековните побарувања на клиентите  од маркетинг аспект како и грижата за огласите да стигнат до што поголема публика како би добиле што повеќе апликации за отворените работни позиции. 

Потоа следува движење во обратна насока од школо, дома и допивање на тоа ладното кафе од сабајле, додека се подготвува ручек или се поставува масата со ручекот подготвен од вечерта. Па следуваат преговорите за тоа од кога до кога ќе се учи а колку време ќе се оди надвор или ќе се  игра на компјутер и секако ценкање за минутките. Накај 18 часот следува второто одење во сала кај моите бустирачи на позитивна енергија- девојките од вечерните групи во 19 и 20 часот. 

Сета таа енергија ми е потребна за завршната фаза од денот. 

Не знам дали вечерта или утрото е поголема трка и збрка. Вечерта оди некако вака: „Ален дојди да јадеш“, Дарин, дали изми раце, Ален  ако си изел ајде на миење заби, Дарин облечи пижами, Ален дали се спремни книгите за утре, Дарин каде ти е унифомата, Ален да не треба нешто во школо утре да се носи? Од каде сега да најдам хамер хартија во 10 ноќе? Дарин на спиење. Ален, дали го навивме саатот за станување сабајле?“

И потоа тргнува мојот дел: Ставање садови и алишта во машина за перење, подготовка на алиштата за следниот ден, ако има време се спрема ручекот од вечер па преглед на обврските за следната трка.

И потоа, земање книга во рака и бег од трката и зборувањето. Таму некаде во тишината под ноќната ламба тонам полека во сон читајќи ги страниците кои ме носат во други светови и поинакви секојдневија. Тишината ме опушта, филмовите некако ми се бучни, ме вознемируваат тие подвижни слики по трката од погоре опишаниот ден а и се  режирани така како што сака  некој друг да ги видам и јунаците и приказната. Кога читам книга , јас самата сум си режисер на веќе напишаното сценарио.

Мислевте ќе раскажам за релаксирачка вечера со вино и тивка музика или добра драма или романтична комедија на Тв? Тој филм тешко дека ќе го гледам во скоро време. 

* Снеже Велков: Пилатес инструктор во „Пауер хаус пилатес“