Сè зависи од нас, во овие моменти не треба да се ограничуваме: Утринско кафе со Софија Манчева

Со Софија Манчева разговаравме колку се променила нејзината рутина со настанатата ситуација во државата, која налага останување дома. Таа сподели со нас што сè прави во текот на денот, советува да бидеме активни, не е невозможно дури и во домашни услови, а во прилог е и видео со вежби, прилагодени за во домашни услови.

Софија признава дека нејзината утринската рутина се нема изменето многу.  

Станувам правам доручек и се спремам за работа. Со оглед дека се работи за приватен бизнис, јас и брат ми сме редовни на работа и покрај настаната ситуација и заедно го пиеме и првото кафе, моментално сами.

Ме мотивираат многу работи. Прво самата на себе сум си најголема мотививација. Прогресот и дисциплината се оние кои ме водат напред, дури и кога немам доволно мотивација.  Разликата на мојот животен стил, што ме дели од просечното, исто така ме мотивира. Ме мотивираат и луѓето, посебно девојките кои се силни и кои работат на себе, се грижат за себе, физички и ментално. Исто така ме мотивира моето семејствои моите најблиски луѓе, без нивната поддршка мислам дека не би била ова што сум денес. На крај, секогаш имам дополнителна мотивација кога почнувам да учам нешто ново. Надвор од мојата комфортна зона.

Сега сфаќам дека јас повеќето од времето живеам како во карантин, не само сега. Искрено, не чувстувам голема разлика, освен тоа што теретаните се затворени и не одам на тренинг таму. Но тренирам дома и имам теретана на работа така да не можам да се пожалам. Во однос на другите обврски, мене деновите ми се со план. Работам две работи и ако не направам добар план за тоа како ќе изгледа мојот тековен ден, знае да ми биде хаотично. Слободните активности обично ги оставам за викенд, и тогаш знам буквално да се исклучам од светот и да уживам.

Исто е и сега, моментално работам на еден мој нов проект и оваа изолација ми дојде добра, нема прокрастинирање со работи и рокови, се зависи од мене и морам да завршам.
Навечер секогаш правам вечера, лесна храна која обично содржи најмногу протеини. Во план секогаш може да биде добар филм, или започната серија придружени од мојот партнер. Сакам и многуда читам, и порано читав многу повеќе книги. Како што се зголемуваа обврските имаше период кога тоа малку го занемарив, но сега работам на тоа. Добар филм обожавам, но гледам само кога имам доволно енергија, затоа што голем е ризикот да заспијам во првите 15 минутки.

Таа вели дека за да останеш активен во домашни услови, не е голема филозофија.

Времето кое претходно сум го планирала да одам на тренинг во теретана, го одделувам за домашен тренинг. Секако дека е предизвик да се вежба во домашни услови, но се е во нашата глава. Во овие моменти не треба да се ограничуваме, и се што треба да направиме е да останеме активни. Без разлика дали имаме реквизити или не, треба да бидеме креативни и да пробуваме нови работи.Има предобри тренинзи кои не бараат буквално никаква опрема. Само ентузијазам и добра енергија.  Настаната ситуација ни налага услови на кои едноставно треба да се прилагодиме. Јадете добро и балансирано, сега сите имаме време, без изговори дека немаме време, тренирајте и вежбањето нека ни стане секојдневна активност додека сме во карантин.

Следете го мојот инстаграм профил, пишете ми за било каков совет и следуваат уште многу интересни тренинзи за по дома - порача за крај Софија.

(*Софија Манчева- психолог, семеен советник и онлајн фитнес тренер)

Видео од Софија со предлог вежби за во домашни услови:


Љ.И