Утринско кафе со Татјана Димовска- Атанасова: Ме мотивира туѓата среќа

Денот го почнувам со будење, бакнежи и прегратки со моите ќерки Мартина и Бисера. Не можам да замислам поубав почеток на денот. Доколку успеам да се разбудам порано од вообичаено, првото утринско кафе го пијам со сопругот. Во спротивно, времето за кафе ми е резервиранио за колегите од мојот сектор.

Љубовта, колку и да звучи клише, ми е главен двигател и инспирација за се` што правам. Кога се има страст кон работата и кога се работи искрено, посветено и без калкулации, успехот е неминовен. Ме мотивира туѓата среќа, задоволството и насмевките кај оние на кои се однесува она што го работам. Тоа е мојата сатисфакција!


Секој ден е приказна за себе. Конципирање и реализација на кампањи и проекти, промоција на нови изданија, гостувања по медиуми, планирање најразлични работилници, средба со автори, состаноци...


Попладнето ми е резервирано за семејството. Се обидувам да направам баланс меѓу работата и приватниот живот. Максимално сум инволвирана во слободното време на моите деца. Уживам во нивните игри, во разговорите со нив, сакам да им угодувам и да ги насочувам на вистинските вредности во животот. Вечерта ја поминувам со сопругот со чаша вино и долги разговори, тоа е време само за нас. Помеѓу филм и книга, преферирам книга. Пасиониран читател сум и мислам дека при следно реновирање ќе предвидам една соба само за моите книги.