Утринско кафе со Винка Саздова: Секое утро ми почнува со мислата „Уште еден убав ден“

Имам, така да кажам, два паралелни животи: едниот во Скопје, другиот во Охрид. И и во двата, денот ми почнува со мислата: уште еден убав ден. Што се можам да сторам денеска? Навистина, секој миг отвора толку можности, човек треба да го одбере, да го стори она што е по негова мерка. Како што облеклото треба да ти прилега, така треба да ти прилегаат и постапките и зборовите.


Значи, во Скопје: првото кафе го пијам со мојот сопруг и со мојот најмал (кој веќе не е мал, ами е помлад од браќата) син. Тоа е еден од најубавите мигови во денот. Си разговараме, необврзно. Што било и што ќе биде. Од тој половина час, или малку подолго, не би го заменила за ништо друго. Всушност, не е до кафето, ами до топлината на мигот. Еднаш кога бев далеку од дома, и кога копнеев да се вратам, токму овој ритуал со првото утринско кафе ми беше во свеста. Мал, а толку голем миг.

А во Охрид, каде што се осамувам за да пишувам, првото кафе, а и тоа потоа, го пијам сама. Но, најпрвин една долга прошетка крај езерото, воздишки пред убавината, па потем, дури откога ќе се вратам, кафето. Пиењето кафе, овде е инакво. Во тишината на сопствените мисли. И со ликовите што ги раскажуваат своите приказни.


Што ме мотивира? Ех што? Сè! Да го живеам животот со полни гради. Да давам и да примам љубов. Да споделувам убавини.

За мене, како што веројатно и треба да биде за сите, љубовта е најголемата движечка сила. Семејството ми е врвна вредност. Се радувам на секоја средба со моите синови, внуци. Ја љубам и природата. Постојано сум некаде, под ведро небо. На планина, во парк, покрај Вардар…

И тука е се разбира и љубовта кон книгата. Како издавач, сакав ТРИ да биде светлина што сите ќе ги осветлува. И мислам дека успеавме во тоа. Изданијата на ТРИ се читаат и препрочитуваат, а двете книжарници се вистинска точка на светлина откај што се шири зборот.


Тука е и пишувањето. Постојат толку многу приказни што чекаат да бидат раскажани.

За среќа, ако се изземе пишувањето, што не е обврска ами нешто многу повеќе и подлабоко, веќе ги немам. Откако моите синови го водат ТРИ јас можам да си го живеам сонот: да бидам слободна. Да пишувам и да читам, да се дружам со пријателите, да си го соберам целото семејство на ручек… Обврските се убави кога не се задолжителни, а плановите се тука за да се овистинуваат. Од планови признавам само оние што се поврзани со патувањата, знаете, јас многу сакам да патувам, и тоа далеку, во нови светови, а од обврските само оние што се посветени на моите сакани. А тогаш всушност тие се престоруваат во задоволство. На човека ништо не му е тешко кога го прави тоа со радост и задоволство. Навистина! Посакувам секој да го работи тоа што го сака.


Јас сум денски човек. Рано станувам, рано легнувам. И бидејќи сум цел ден во движење (кога сум во Скопје) вечерта е резервирана за читање или некој филм. Со мојот сопруг крај мене. Многу читам, (само кога пишувам не читам, за да не се оддалечам од себеси) не само зашто мислам дека секој писател мора да чита за да си го проширува сопствениот универзум, туку зашто едноставно сум гладна за нови книги, нови светови. Но, им се навраќам и на старите, и секогаш нешто ново откривам. Гледам и многу филмови, најчесто европски или азиски. Одам во кино, по фестивали. И не знам во што повеќе уживам: во добра книга, или во добар филм. Можеби сепак во книгата, зашто таму односот е личен и поактивен: читателот сам си ги замислува ликовите, сцените, си ја дораскажува приказната.