Ване Маркоски го напушти убавиот поглед од „Џевахир“ и се пресели во Сопиште: Ми требаше мир во душата

По шест години поминати во комплексот „Џевахир Скај сити“, од каде што редовно објавуваше фотографии, водителот Ване Маркоски реши да го смени местото на живеење. Маркоски се пресели во Сопиште, и вели дека ужива во мирот и во тишината на своето ново маало. 

„Многу ми беше лесно да се одлучам на ваков чекор. Ако пред 6 години сакав град, гужви, бука, раздвиженост, сега веќе сум во некоја друга фаза од животот. Ми беа потребни мир и тишина. Долго размислував да направам куќичка некаде уште подалеку од центарот на Скопје, дури и гледав плацеви во Маркова Сушица. Во последен момент, по препорака на мојата колешка од МТВ, сега веќе и сосетка Јована, решив да го видам станот во Сопиште. Доволно беше само една посета таму. Мирот и спокојот ме освоија од прво гледање и знаев дека е тоа тоа“, ни раскажа Ване. Секое утро, го гледаме на фреквенцијата на МРТ во Утринската програма, а за викендите, ги развеселува слушателите на Македонското радио, Радио 2.

Ване е искрен соговорник и вели дека оваа промена ја направил за мир во душата, а за далечината на работното место и за финансискиот аспект на живеење- зависи од тоа кој каков живот живее. 

„ Ако зборуваме од аспект на тоа што ми беше потребно за мир во душата, да, помирно е, иако не велам дека секој сака да е понастрана од градот. Почист воздух, планина, тишина, тоа знам дека ми треба. За останатите материјални аспекти, секаде може да биде исто или различно, во зависност од тоа каков живот живееш“, вели Ване и додава дека сега му е мирно, убаво, опружен е со природа и има тотално нови доживувања секој ден. 

- За далеку од работа, па и не е толку, најверојатно самото чувство дека сè е поврзано со градот, па не се добива таков впечаток. Очекувам токму тоа што сум подалеку од центарот и работата да ме направат уште поорганизиран во секојдневието.

View this post on Instagram

A post shared by Vane Markoski (@vanemarkoski_)


За претходниот стан, вели дека во него поминал шест убави години. Ване, кој е од Тетово, се сеќава на неговото прво доаѓање во Скопје, пред 13 години и честите преселби. 

- Мислам дека беше 2009-та кога од Тетово се преселив во Скопје, таман кога требаше да запишам трета година на факултет. Случаен сплет на околности да дојдам во Скопје, и ете да останам скоро 13 години. Прво живеев во Кисела Вода, па Карпош, Аеродром, Центар. Во овие населби се „врткав" сите тие години до 2017-та. Убави години, цимери, преселби, искуство. Не е малку време. Уште малку скоро половина од досегашниот мој живот“, нѝ откри Ване. 

М.Џаровска

Фото: Приватна архива