Васил Гарванлиев се сврши во Америка: Вљубен сум и живеам во бајка

Васил Гарванлиев се сврши во Америка, каде што претстојува последниве неколку месеци. За Женски магазин, нашиот минатогодишен евровизиски претставник, потврди дека е вљубен и на како што рече на неговиот струмички дијалект „армасан“. 

Утрово, тој на Фејсбук објави интесесна фотографија на која се покажува рака како држи кутија во која најверојатно има накит. „Те сакам“, стои до сликата. „Небото е полно со ѕвезди, но јас гледам само една“, напишал пејачот на англиски јазик, по што неговите пријатели почнаа да му честитаат. Васил во пораката која ни ја испрати од Чикаго рече дека е среќен и живее во бајка но не е подготвен да раскажува детали за личноста со која ќе го помине животот. 

„Добро утро од Чикаго! Уште не сум спремен да изнесам детали околу целата ситуација, но ветувам дека наскоро ќе ја раскажам бајката која ја живеам. Паралелно се погоди со новата песна којашто ќе ја пуштам утре, прва од англискиот албум, а се вика „Beautiful“, па сакам фокусот да ми е таму. Моментално можам да кажам дека сум многу мирен, среќен, вљубен, малку шокиран но АРМАСАН! (На струмички или на македонски за верен). Многу често кажувам, внимавај што посакуваш, и дека љубовта секогаш победува. Верувај, биди ТИ, посакај, опушти се, и тоа што си е твое, ќе си дојде на свое“, ни раскажа Васил. 

Тој во Чикаго замина во септември минатата година, и во моментов го снима својот албум на англиски јазик.

 -Го снимам албумот цело време “Porcelain Soldier” војник од порцелан - нов звук - поп, инспириран од латино ритамот, измешан со балкански вкус. Од утре почнувам со песни речиси секој месец. Имам настапи до 13. јуни па ќе дојдам во Македонија до август, и пак се враќам назад за настап овде на 6 август“, ни раскажа Васил од Америка. 

Гарванлиев, во интервју за британскиот магазин „Attitude“ минатата година, изјавил дека да се биде хомосексуалец е веројатно најмалку интересната работа за него, но и дека е тешко да се зборува на таа тема.  

- Роден сум и пораснат во Македонија каде што дефинитивно не е во ред да се биде геј или било што од тоа. Повеќето членови на ЛГБТИ заедницата кај нас и денес се кријат. Секогаш кога ќе се вратев дома, на Балканот, во Македонија, чувствував потреба да ставам маска. Сочувствувам толку многу со сите кои живеат во страв од пресуда, дискриминација, неправда, малтретирање. Како уметници, ние сме одговорни да ја зборуваме вистината – особено ако сум ја пробал слободата, а сум го сторил тоа“, рекол Гарванлиев во интервјуто.


М.Џаровска