Верица Коцева на кафе во „Бела“: Не можам да прифатам дека една жена во 21 век не може да најде барем еден час за себе во денот
Таа е жена која доколку може, денот би го продолжила за неколку часа. Активна е на секое поле - деловно, приватно, љубовно, социјално, а за да не трпи ништо, многу добро знае да се организира и да ги организира оние 24 часа кои ѝ стојат на располагање.
Верица Коцева е успешна дама, која се грижи за себе и својот изглед и која ги руши стереотипите на многу полиња. Покрај редовните работни обврски, таа е инструктор по аштанга јога и тоа секој ден. Младоликоста ја должи на своите рутини за убавина, за кои смета дека секоја една жена треба да ги применува, со цел да го зачува својот изглед.
Во рубриката „На кафе во Бела“, откри дел од своите секојдневни рутини и навики, но и што е тоа што ја прави среќна.
* Кои се Вашите дневни рутини и навики?
Многу е важно да креирате рутина која ќе го рефлектира вашиот животен стил. Со други зборови, ако не сакате зелено смути наутро - не пијте го. Ако утрински тренинг ви е торура -не вежбајте наутро.
Сведоци сме на време каде сите се трудат да функционираат според некои правила пишани во програми кои се продаваат на секој чекор, демек лекот е 5 пари само треба да се придржувате на правилата. Секое тело е различно и си има свои потреби и критериуми за идеално функционирање. Најди го тоа што му одговара на твоето тело и почни да живееш така. Никогаш нема да разберам како се прави тело од мај до јули.
Конкретно за себе, тврдам дека имам исклучително здрав живот и навики (иако дел од нив се косат со некои „правила“). Отварам очи во 6, прво нешто што правам е кафе сама со себе и ми е нешто најубаво на свет. Потоа следува јога од 45 минути до еден час. Секое утро без исклучок. Многу сум горда на оваа навика. Од 8:00 - 16:00 часот додека сум на работа, пијам многу вода и чај од ѓумбир и лимон. Не појадувам, извинете нутриционисти. Аутофагија 16:8 функционира супер за мене. Од 18:00 - 21:00 часот ми почнува вистинско уживање. Предавам аштанга јога секој работен ден во Пјур Студио во Дебар Маало. Премногу сум горда на себе, на моите колешки и на тоа како работи студиото, и нескромно тврдам дека не секој ќе се нафатеше во време на светска пандемија да отвотри велнес центар кој ќе работи така како што работи. Бескрајно сум благодарна што имаме толку клиенти.
Откако ќе завршам со обврските, дечко ми задолжително ме носи негде. Вечера или пијачка (читај вода или лимонада). Заспивам пред полноќ. Без разлика на тоа како изгледа Вашата рутина, целта е да изградите навики кои вам ќе ви одговараат и ќе ви дадат енергија да се соочите со сите предизвици што ви ги подготвува денот.
* Која е тајната на Вашиот младешки изглед?
Како стареам, сѐ повеќе сакам да слушам дека изгледам помладо. Некое чудно задоволство ми се јавува кога знам дека со сигурност ќе погрешат ако треба да погодат колку години имам. Во просек ми даваат по 25 - 26, а во октомври ќе полнам 33. Некаде некој има кажано, „До 25 години го имаш лицето со кое си се родил, после 25 го имаш лицето кое го заслужуваш“ и се сложувам комплетно. Кога - тогаш сите ќе остариме, но дотогаш ние одлучуваме со која брзина и интензитет ќе се случува нештото. Јас си ја сфатив работата сериозно (хехе).
Ќе почнам од крупните работи. Не пушам цигари и не пијам алкохол. Вежбам дициплинирано 5 пати неделно. Аштанга јога е најубавото нешто што му се случило на моето тело. Сигурно и на твоето, само треба да пробаш. Обожавам мадеро терапија и правам барем 10 месечно. Ќе продолжам со „фасадата“. Не мислам дека е најважната работа на свет, но веднаш препознавам и се восхитувам на негувана жена. Сакам и јас да го оставам тој впечаток. Религиозно се придржувам на некои базични правила, од типот на двојно чистење на лице навечер, хемиски пилинг на 14 дена, СПФ и да врне и да вее. Не легнувам без ретиноид или пептиди. И да не се лажеме, има работи кои не се поправаат со серуми и креми. Ботокс и хијалурон во умререни дози, за да не плачам на 45 и да не користам пресмешни филтери на Инстаграм. На сите кои ми викаат дека немам потреба и е рано за такви потези, точно знам колку милилитри ќе им се потребни за да го освежат лицето (хаха). И некои ќе речат „не оди јога со сѐ ова што изнакажа“, ама како што кажав, правилата сама си ги поставувам и не сум класичен јоги, не ни сакам да бидам.
Можеш да изгледаш и да се чувствуваш добро на секоја возраст. Не можам да прифатам дека една жена во 21 век не може да најде барем еден час за себе во денот или има изговор дека прескапо да се грижи за себе. Основните и најважните работи се бесплатни или чинат минимално.
* Како се релаксирате, што Ве опушта и Ве прави среќна?
Ако прашањево им го поставите на луѓето околу мене, сигурно ќе кажат дека не знам да се релаксирам, дека во кафана пијам вода и едвај чекам да си одам. Не дека не е точно, ама баш уживам додека чекам да си одиме (хаха).
Рано заспивам и навистина ми се напорни излегувањата во град. Баш сум едноставна кога се работи за тоа што ме прави среќна. Ако ја гледам големата слика, за мене среќа е мир. А, мир е добро здравје на саканите. Периодов со Ковидот уште еднаш ми го потврди тоа. Ме прават среќна дружбите со брат ми и сестра ми. Секоја минута помината со мајка ми и татко ми. Ме прават среќна вистинските пријатели. Ме прави среќна целата моја приказна со јога, прогресот на секој што вежба кај мене во студио... Ме прави среќна секое ново патување. Многу сакам аеродроми и долги летови. Многу. Чувството да слетам во нов град и да се движам по мапа ми едно од омилените. Прв подарок од дечко ми ми е ланче со авионче.
* Кој е Вашиот рецепт за успех на приватен и професионален план?
Нема некоја посебна филозофија тука. Квалитет повеќе од квантитет. Вложување максимално во себе и давање на максимум од себе во сѐ што ве прави среќни, независно дали тоа е работа, хоби, брак или врска. Не секогаш ќе оди сѐ по планот, не секокаш ќе делува дека сте на прав пат, не секогаш ќе имате поддршка од луѓето околу вас, но откажување не е опција ако длабоко во себе знаете дека тоа е тоа.
* Кој моден стил најдобро Ви прилега, што најчесто носите?
За на работа, нормално, почитувам дрес код. Инаку, ако треба да си го опишам стилот со еден збор, тоа би било кежуал. Генерално сакам да се чувствувам самоуверено во тоа што го носам, па секогаш бирам парчиња кои ќе истакнат некој дел од телото што си го сакам. Сакам се што се комбинира со патики. Од друга страна многу се „потресувам“ за свадби на пример. Сигурно поради тоа што не излегувам често ваквите случувања ми се баш посебни. Од фустани до шминки и фризури, ептен мерак имам да се дотерам. Зарем има некој што ги разбрал жените?
Модел: Верица Коцева
Фото: Марко Маркоски
Може да ве интересира:
Славица Попева на кафе во „Бела“: Се стремам кон природна убавина и многу ретко користам шминкаВедрана Велинова на кафе во „Бела“: Одбирам парчиња што се убави на око, без разлика дали се удобни или пријатни за носење
Елена Пискачева Курт на кафе во „Бела“: За мојот изглед нема случајност или оправдување на моите гени
Елена Бубало Михајловска на кафе во „Бела“: Можеби стилот ми е едноставен, но е мој и само така се чувствувам комотно
Драгана Д. Чифлиганец на кафе во „Бела“: Ако сакате да имате убави усни, зборувајте љубезно и со почит