Весна е моето алармно светло: Интервју со Александар Микиќ, по успехот со филмот „Кајмак“

Добивај вести на Viber

Една од двете главни машки улоги во хит-филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски е како создадена за Александар Микиќ. Нашиот познат актер одлично го долови ликот на Карамба, за кој едноставно вели дека за среќа му е потребно малку: малку кајмак, малку ракиичка и... две жени. За Карамба, Микиќ вели дека има материјал да направи жив карактер кој го познаваме од секојдневието.

Зад камерите, во домашна атмосфера, Микиќ е горд татко на близнаците Ена и Иво. Вели дека искуството кое неговата сопруга, харфистката и актерка Весна Станојевска- Микиќ го имала во филмот „Сенки“ му помогнало во работата со Манчевски. За неа, тој вели дека е неговото алармно светло.

* Извонредно ја одигравте улогата на Карамба во „Кајмак“, реакциите на публиката на премиерата се мерило дека Карамба веднаш ги собра симпатиите на народот. Каков лик е тој според вас, познавате ли слични во вашата околина?

- Карамба е многу сочно напишан лик, во сценариото имаше многу понуден материјал да се направи вистиниски и жив карактер кој го познаваме. Со Милчо некако се најдовме на иста бранова должина и уште во процесот на пробите одлично се надополнувавме. На пробите, а и во процесот на самото снимање гледав на Карамба да му дадам ведрина, едноставност, доза на хумор, а тоа што го нудев Милчо знаеше да го препознае и на тоа да додаде уште за Карамба да изгледа такав како што е. Инаку кога би требало да го опишам Карамба со една реченица би рекол. Карамба е скромен, добар и харизматичен човек на кој не му треба многу да биде среќен, малку кајмак, малку ракиичка и... две жени.

* Заглавени во секојдневието кое се повторува, Карамба и Данче живнуваат кога Виолетка ќе се појави во нивниот живот. Водејќи се по оваа приказна, колку на нашиот просечен човек му треба за среќа, и треба ли за танго навистина тројца?

- Тешко е да се каже тоа. На Карамба и Данче љубовта, ако воопшто некогаш ја имало, се задушила во секојдневните обврски и проблеми и заедно се само заради тоа за да не бидат сами. Им се остваруваат најскриените желби кои дури и пред себе не ги помилуваат... но како вика народот: Внимавај што посакуваш може и да ти се оствари, но... да не откриваме сè.  

* Колку јачината на женските ликови ви помогна вистински да го доловите ликот, колку Ана и Симона се заслужни за Карамба да излезе каков што е прикажан?

- И Ана и Симона се прекрасни актерки и работата со нив беше вистинско задоволство.

* Како течеше снимањето на филмот, има ли сцена или случка од тој период која никогаш нема да ја заборавите?

- На сет беше доста забавно и опуштено што за филм со вакви сцени е вистинска реткост. А, за тоа вистинската заслуга му припаѓа на Милчо кој знаеше да направи пријатна и опуштена атмосфера, којашто се чувствува кога го гледате филмот. Во моментов не би можел да издвојам нешто ама мислам дека целиот процес уште долго ќе го паметам.

* Во една прилика изјавивте дека театарот е вашата прва љубов, има ли нов проект на сцената на МНТ што е во подготовка, а вие ќе играте во него?

- Последна претстава што ја направив во МНТ беше „Торонто експрес“ некој хибрид помеѓу стендап и монодрама, веќе изиграв повеќе од дваесет претстави, а интересот за неа не стивнува. (се смее) Инаку, сега засега ништо ново не спремам, здравје, па да видиме што ќе донесе 2023-та.

* Вашата сопруга Весна Станојевска- Микиќ, познатата актерка и харфистка веќе играше во „Сенки“, ве советуваше ли- подготвуваше за работата со Манчевски?

- Еве ја користам оваа прилика многу да ѝ се заблагодарам што ми даде безрезервна поддршка и ми ги обезбеди сите услови што беше непроценливо за комплетно да се посветам на филмот. И секако дека го сподели со мене искуството од  „Сенки“ и со тоа многу ми помогна. Фала ти Весна.

* Татко сте на близнаци кои растат со уметност, тие веќе глумеа во филмот „Соло мод“ на Тамара Котевска заедно со вас. Како регираа на снимањето, како го одработија нивниот дел?

- На свои пет години првпат застана пред камера во „Соло мод“ и морам да признам дека бев пријатно изненаден колку добро си ја завршија работата. Беа толку природни и непосредни што каде и да се прикажуваше филмот ги собираа симпатиите на публиката.

* Сакате ли некогаш, и успевате ли со сопругата да се одморите од глумата и од музиката, во кои работи кои не се поврзани со уметноста заеднички најмногу уживате?

- Кога можеме гледаме да отидеме некаде надвор од Скопје, да се одмориме и да ги наполниме батериите за нови проекти. Исто така знаеме да собереме друштво и да играме друштвени игри. Игрите, покрај глумата, се моја втора љубов многу сакам да ги играм, а во последно време и да ги правам, така да веќе се издадени четири игри со мој потпис.  

* Се случило ли токму од неа да добиете негативна критика за вашата работа и обратно. Што се случува кога двајца актери кои се толку блиски се сосема искрени еден со друг, доаѓа ли до несогласувања и лутење?

- Весна е моето алармно светло. Многу е тешко да убедиш некој што добро те знае дека си некој друг и при тоа природен, а Весна многу добро ме знае затоа за скоро секој кастинг прво пред неа се испробувам и ако успеам неа да ја убедам во тоа знам дека сум на добар пат.

Милица Џаровска