ВЕЖБИТЕ И ИСХРАНАТА – „ФИТ ФОТОШОП“

Добивај вести на Viber

 Сите сакаме резултати и сакаме резултати што побрзо, а по можност веднаш. По телевизиите, на интернет, во весниците, се вртат безброј реклами за магични диети, за фантастични режими на исхрана, за некакви специјални справи кои помагаат за брзо топење на масти или обликување на мускулатурата, итн. Сите го бараат тој толку посакуван скратен пат по кој можат брзо, лесно и без мака да стигнат до остварување на својата цел.

Едно од најчестите прашања кои ми ги поставуваат моите вежбачи-ки е: „ЗА КОЛКУ ВРЕМЕ ЌЕ ОСЛАБНАМ, ЌЕ ДОДАДАМ МУСКУЛИ, итн“. Неверојатно е како некој може да очекува масните наслаги кои се таложеле со години како резултат на неактивност, лоши навики во исхраната, итн., да очекува промените да се случат „ШТО ПОБРЗО“?! Не е дека ние тренерите кои сме најчесно и искусни спортисти, а пред се стручни лица, немаме „методи“ преку кои можеме да ви овозможиме инстант резултати, но тоа оди на сметка на нарушување на вашето здравје. Дали намалуваме тежина (се мисли на намалување на телесно масно ткиво) или додаваме тежина (мускулна маса), процесот треба да оди постепено. Треба да му се даде време на организмот да се прилагоди на промените. Секое нагло додавање или намалување на тежината е шок за организмот кој неминовно не носи до краткорочни или долгорочни негативни последици по здравјето. Тоа е превисока цена која е подготвен да ја плати некој што не е доволно информиран или заслепен од амбицијата да ги постигне саканите резултати што побрзо.


Бидете реални и разумни – НЕ ПОСТОИ СКРАТЕН ПАТ ДО УСПЕХОТ!

Доколку на патот кон остварување на вашата цел одлучите да тргнете сами, информирајте се, советувајте се, простудирајте ја материјата. Доколку одлучите да ве води стручно лице, следете ги упатствата и бидете трпеливи и дисциплинирани. Процесот не е лесен, но ако се внесете целосно, ќе го засакате и ќе уживате во секој момент од тој процес. Времето ќе помине, а вредноста што ќе ја добиете во текот на тој процес, на тој пат кон остварување на вашата поставена цел е многу повеќе од она што сте го замислиле како бројка на вагата, како обеми на телото, промена на концфекциски број, па „најважното“ – визуелниот изглед и секако подобрување на целокупниот здравствен статус. Вредноста е поголема и поради тоа што на тоа што на тој пат, вие правите промена, потиснување на вашите стари погрешни навики во исхраната (не)вежбањето, несоодветниот или недоволен одмор, итн., со нови правилни и здрави навики. Учите за себе, за својот организам,  за законитостите во исхраната, вежбањето, природата. Велат: „Ако одиш против природата – СЕКОГАШ  ГУБИШ“!


Иако посебно почетниците, но и добар дел од поискусните „зависници“ од вежбање, секојдневно, а некои и по „три пати на ден“ се мерат на вага, мерат обеми на телото и безброј пати се гледаат во огледало, промените навидум изгледаат незабележително. Но ако само имаме можност целиот процес да го снимиме и да го пуштиме на „fast forward“ќе имаме можност да го видиме „на дланка“ целиот тој прекрасен процес на „вајање“ на нашето тело. Преку „ФИТ ФОТОШОП-от“ имате можност да го обликувате своето тело (условно кажано) како што сакате и тоа прекрасно!
Можеби процесот е долготраен, тежок, бара многу одрекувања, но дефинитивно ВРЕДИ и тоа МНОГУ! 

И на „КРАЈОТ“ кога веќе сте ја постигнале ЦЕЛТА, ќе увидите дека тоа всушност не е крајот, туку е почеток на остатокот од вашиот живот во кој ќе уживате во придобивките од стекнатите нови правилни навики, кои придонеле до тоа да стигнете таму кај што сте, но и да продолжите и понатаму по истиот тој пат, да бидете здрави и витални, а секако и ЗГОДНИ и во следните „100 години“.


 Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес
Сите права се задржани