(ВИДЕО) Конечно ќе растат заедно: Самохран татко посвoи 5 браќа и сестри

Ламонт Томас од Бафало, Њујорк, секогаш бил посветен на подобрување на животот на децата кои имаат потреба. На 17 октомври, тој успеа да го подобри животот на не едно дете, туку на пет. Самохраниот татко на седум деца во последните 19 години згрижи десетици дечиња, но откако неодамна посвои пет браќа и сестри, на возраст од 5, 4, 3, 2 и 1 година, Ламонт сега може гордо да каже дека е татко на 12 деца.

Оваа приказна започна уште во 2000 година, кога кај Ламонт се јави желбата за помагање на децата.

„На почетокот им помагав на некои пријатели. Тие го изгубија своето дете на суд“, рече Ламонт за Добро утро Америка. „Станав негов згрижувачки родител. Оттогаш не застанав“.

Ламонт водел грижа за повеќе од 30 деца и претходно посвоил пет деца, покрај неговите две биолошки деца, Ентони и Ламоника.

Тој прв пат посвоил во 2007 година, кога ги згрижи близнаците Грејман и Тремајн. Потоа, дојде трето дете, Џејми и четврто по име Герман. После тоа, Ламонт официјално го посвои првото дете за кое некогаш се грижел - Мајкл.

„Тој беше мојот трет згрижувачки дом и тоа ми стана мојот дом засекогаш“, се сеќава 27-годишниот Мајкл Томас. „Тој ги познаваше моите биолошки родители“.
„Ламонт никогаш не свртел грб на дете“, продолжи Мајкл. 

По посвојувањето на Мајкл, Ламонт всушност помислил дека нема повеќе да посвојува деца, но неодамна излезе од „пензија“ за еден посебен случај.

Најстарите деца на Ламонт се иселиле од неговиот дом, а некои од неговите деца дури и почнале да одат кај свои семејства. Но, кога дозна за нова група на браќа и сестри на кои им е потребна помош, тој одлучи да се ресертифицира како згрижувачки родител со намера да посвои.

Децата - Зендаја 5, Хамел 4, Накија 3, Мајор 2 и Михаела 1 - беа деца на едно од поранешните згрижувачки деца на Ламонт.

„Децата завршија во згрижувачки центар - верувам дека тоа се должи на нивно занемарување“, сподели Ламонт за Добро утро Америка. „Беа во четири различни домови, четири различни градови. Тие беа разделени повеќе од една и пол година“.

Не беше лесно да се соберат сите пет браќа и сестри, но штом успеа, Ламонт се грижеше за децата две години.
А минатата недела, конечно братчињата и сестричките и официјално ја добија можноста да го нарекуваат Ламонт „тато“.


Одгледување на пет деца од 5 години и помали, секако, бара одредена количина на издржливост, но Ламонт рече дека воопшто не се грижи за тоа.

„Тие ми носат нова енергија“, сподели Ламонт. „Тие се сакани деца, многу приврзани. Тие заслужуваат да бидат одгледани како браќа и сестри, и тоа беше мојата борба“.

Ќерката на Ламонт, Ламоника рече дека растењето во такво еклектично семејство е всушност доста забавно, и таа го пофали нејзиниот татко за неговото големо срце.

„Неверојатно е што ги презеде сите нив“, изјави таа пред утринска емисија.

Мајкл додаде дека грижата за децата е „повик од Бога“ за татко му, па ако некој требаше да земе пет мали деца, тоа е тој.

„Сите сега сме пораснати. Не можам да верувам дека тој започна одново“, сподели неговиот син. „Ламонт ми беше спасител на животот. Јас не би бил таа личност што сум денес, доколку Ламонт не се впуштеше во мојот живот“.

Ламонт рече дека се надева дека другите луѓе кои ја читаат неговата приказна, можеби ќе бидат инспирирани да згрижат, па дури и можеби да посвојат.

извор: cafemom