(ВИДЕО) Плач за чедата низ белиот свет - Ковид-19 во Струмичко ги оддалечи иселениците

Потиштени и разочарани зашто поради корона - кризата не можат да си ги видат децата. Вака ги затекнавме  Марија и Душан Голубови, најстариот брачен пар во подбеласичкото село Старо Коњарево. Погледот постојано им е вперен кон патот, чекаат да се случи чудо, да видат познато и сакано лице.

Ова населено место, со живописна природа и големи убави куќи, годинава најверојатно е најосаменото место во струмичкиот регион. Причина е пандемијата со КОВИД – 19 поради која иселениците од западноевропските земји не можат да си дојдат во родните куќи. Невообичаено за летниот период, нема речиси никакво движење низ населбата, иако во јули и август тука врие од народ.

Во блиското село Смоларе, има малку повеќе раздвиженост, но, тоа е затоа што ова е туристичко место. Убавите Смоларски водопади, но и неколкуте етно – ресторани привлекуваат бројни туристи од земјата. Голем дел од мештаните велат дека местото е мирно и немаат чувство дека владее светска пандемија.

 Но, некои од помладите, особено оние што работат во угостителските  и услужни дејности, не се мирни. Напротив,  ги загрижува големата фреквенција на туристи.

Последиците од корона – кризата не се гледаат само во празните печалбарски села. Таа го покоси и земјоделското производство. Несигурен пласман, ниски цени. Ова се вообичаени проблеми коишто во услови на пандемија достигнаа драстично размери. На нивите во струмичко, во ек е берба на феферони. Смеејството од Сарај работи, но, без мерак.

Не им е лесно ниту на трговците со зеленчук коишто катаден се на пазарот на големо во струмичко. Не ги напушта оптимизмот, но, нема многу радост во бесполезното чекање купци. Нив, секако, се помалку ги има.

Во градот, пак, се чини дека културата не се предава. И во услови на корона – криза, градот се обидува да го задржи духот.

Се одржи летниот фестивал Струмица Опен, а тече и 57 Меѓународна струмичка ликовна колонија. Најголема раздвиженост сепак, има кај кафулињата и на струмичкото корзо.

Уметниците кои овие денови творат на колонијата, велат дека условите на пандемија и изолација, не им паднале тешко. Таква е нивната природна околина.

Од почетокот на пандемијата до денеска во Струмица и околината има педесетина случаи на КОВИД – 19. Половината од нив се сѐ уште активни. 

Овие содржини се поддржани од Google News Initiative Journalism Emergency Relief Fund

Сузана Мицева