Вики Андонова, „Биодевојка“: Со вистинските состојки, секој може да направи квалитетни производи за нега на кожата и на косата

Добивај вести на Viber

Правењето природна козметика во домашни услови не е толку тешко, доколку се употребат вистинските состојки во соодветна количина. Ова не значи само можност за заштеда и забава, туку значи и правење производи за нега што се богати со активни состојки кои се од огромно значење за здравјето и за убавината на кожата и косата. Органската козметика веќе 13 години е секојдневие на блогерката Вики Андонова, која на 4 февруари (вторник) во просториите на „МладиХАБ“, со почеток во 17 часот ќе одржи работилница за изработка на природни и домашни сапуни. Нејзините рецепти и совети за органската козметика, се објавени во книгата „Природно убави со Биодевојка“, која е во издание на „Арс Ламина“, а е достапна во книжарниците на „Литература.мк“. Пред одржување на работилницата, разговаравме со Андонова, која живее на релација Скопје-Рим. 

* Што ќе може да се научи на работилницата во „МладиХАБ“?

– Учесниците на оваа обука ќе имаат можност да ги научат основните правила за изработка на еден домашен сапун според методот на ладна сапунификација, од основните состојки, па сѐ до финалниот производ. Ова опфаќа правилен избор на масла за изработка на сапуни, точно пресметување на процентот на течности и жива сода. Ќе научат како правилно да се ракува со состојките, како правилно да се заштитиме и што сѐ е потребно за да се добие еден успешен сапун (во смисла како да се избегне превремено ужегнување на сапунот, како да се избегне ефектот на „лигав“ сапун, како да се добие убав цврст и комактен сапун итн.). Исто така, ќе ги разгледаме и природните начини на боење на сапунот (со помош на билки и зачини) и етерични масла кои може да ги користиме за мирис на сапунот и секако билки за украсување на истиот. 

* Дали по овие два часа ќе може сами да изработат сапун во домашни услови со природни состојки? Кои се главните совети што ги давате на своите ученици? 

– Да, секако. По оваа обука, учесниците ќе можат сами дома да изработат основен вид на сапун. Најдобар совет кој можам да го дадам и нешто најважно, според мене, е најнапред добро да се запознаат со состојките, почнувајќи од маслата, боите, етеричните масла, па сѐ до водените состојки. Разни масла имаат различно дејство и ефект и притоа даваат различна цврстина и структура на сапунот. Разни течности се ракуваат на различен начин: на пример доколку во сапунот сакаме да ставиме козјо млеко истото треба претходно да биде замрзнато за живата сода да не ги изгори шеќерите во самото млеко (ова важи и за млеката од растително потекло). Доколку сакаме да користиме, на пример пиво, истото најнапред треба да го „извриеме“ околу 20 до 30 минути, со цел да испари алкохолот и секако да ја тргнеме газираноста на самото пиво, па дури потоа да го замрзнеме итн. Што се однесува до зачините, треба да бидеме многу внимателни со количината која ќе ја додадеме во сапуните. На пример црвениот (благ) пипер дава убава розова боја, меѓутоа се користи во мала количина, бидејќи доколку се стави повеќе има потенцијално иритантно дејство врз кожата итн. Затоа, пред да се започне мора убаво да се проучи и познава секоја состојка поеднечно и како реагира со останатите состојки, со цел да избегнеме несакани последици и да добиеме еден убав домашен и природен сапун.

* Каква е вашата образовна и професионална поврзност со изработка на органска козметика? Дали и како сте инволвирани во козметичката индустрија?

– Во изминативе три години во Рим, Италија стекнав две дипломи и тоа: едната е сертификат по природна и органска козметика, а другата е за завршен мастер по билкарство и природни методи на лекување со помош на билките. Во иднина, исто така во Италија, планирам да земам универзитетска диплома за хемиски формули на природна и органска козметика.

* Кога и како се случи вашиот премин кон органската козметика? 

– Мојот премин кон органската козметика беше пред околу 13 години кога за првпат во Италија присуствував на презенација на една органска козметика. Влегов од чиста љубопитност и кога излегов повеќе не бев истата личност. Почнав да се интересирам за состојките, да истражувам што е она што досега сум го нанесувала на кожата на лицето и телото, почнав да пребарувам информации за потеклото на одредени состојки итн. Со еден збор станав свесна за многу работи поврзани со козметиката секако свесна за она што треба да го променам во сопствената нега на лицето, телото и косата.

* Како настана идејата да го основате вашиот блог? Какви сѐ содржини може да се прочитаат таму?

– Откако станав свесна за потеклото на состојките, разликата помеѓу органската, природната и традиционалната козметика, сакав сето свое знаење да го споделам и со останатите, па така дојдов до идеја да го основам мојот блог biodevojka.blogspot.com. Знаете, тоа го сторив пред околу 5-6 години кога кај нас органската козметика сѐ уште не беше доволно позната, и на јавноста не ѝ беше јасна разликата помеѓу природното и хемиското. Мојот блог беше прв блог од ваков вид, комплетно посветен на природната и органската козметика. На почетокот наидов на малку отпор, меѓутоа љубовта да продолжам да пишувам беше многу поголема, па си реков и двајца да ме читаат, јас за тие двајца би пишувала! Она што ме радува е што со текот на времето успеав да стигнам до многу читатели и луѓето почнаа да стануваат свесни за многу маркетиншки трикови во козметичката индустија. Научија како сами да ги препознаваат производите и што е она што треба да го нанесуваат на својата кожа и коса со цел природно да се негуваат. 

* Со издавачот „Арс Ламина“ пред година и пол ја објавивте книгата „Природно убави со Биодевојка“. Што содржи оваа книга? 

– Книгата претставува еден вид водич, една мала „козметичка библија“, ако може така да ја наречам за она што значи да се негуваме на природен начин со состојки кои ги имаме во нашите ладилници. Самата книга е структурирана на тој начин што за секој аргумент или проблематика најнапред има теоретски дел кој ја објаснува истата и секако рецепти за нега поврзани со таа одредена проблематика. Книгата содржи околу 175 рецепти за природна нега на лицето, телото и косата.

* Дали ги имате пробано сите рецепти што ги споделувате на блогот и во книгата? Без кој производ не можете?

Секако дека ги имам испробано сите рецепти. Истите ги имаат пробано и моите пријателки. Значи, секој од рецептите пред да се најде во книгата испробан е од најмалку три лица со слична или иста проблематика. Многу е важно претходно да го испробам врз себе она што сакам да го претставам на читателите. И кога пишувам статии за блогот најнапред состојката или производот ги тестирам врз себе со цел да можам да дадам правилна слика и информација за нивниот ефект врз кожата и косата.

* Можете ли да ни откриете малку повеќе за себе. Веќе неколку години сте на релација Рим- Скопје. Со што се занимавате во Рим и какви ви се плановите за оваа година?

– Точно е, постојано сум на релација Скопје-Рим поради студиите за усовршување на она што го обожавам, односно природните начини на нега и лечење на организмот. Изучував разни курсеви и мастери како за усовршување на знаењето за природната и органската козметика, така и за употребата на билките не само за нега на кожата и косата, туку пред сѐ за добросостојба на човековиот организам. Имам навистина многу планови за оваа година и веќе работам на повеќето од нив, меѓутоа за тоа ќе говориме во некоја наредна прилика, да не откривам сѐ одеднаш.

* Работилницата се реализира во соработка со „Арс Ламина“ и поддршка од „ДМ Дрогерие Маркт“. Уписите се во тек на vandonovab@gmail.com или преку порака на „Фејсбук“- профилот на Biodevojka. Бројот на места е ограничен. Доколку има голем интерес, ќе се одржи уште една работилница, следниот ден (5 февруари).