Успехот е во упорноста: Интервју со виолинистката Ева Богоевска
Како мала се сеќавам дека на прашањето: ,,Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“ секогаш одговарав: „Астронаут“. Од сегашна перспектива тоа ми изгледа малку смешно, зошто кога ќе ги земам во предвид наградите и успесите кои ги постигнав со виолината по само после една година свирење, сфаќам дека мојот професионален пат во музиката бил трасиран уште тогаш
За да се разбере и доживее класичната музика со сите сетила, неопходно е да секојдневно да се негува љубовта кон неа, а кога тоа е дополнето со талент, добива чиста форма на уметност.
Таков е и примерот со младата виолинистка Ева Богоевска, чија приказна, пожртвуваност и посветеност кон одредена цел е вистинска инспирација. Од мали нозе чекори смело кон својата цел и со својата прва љубов виолината, ја претставува нашата земја во најдобро светло.
За почетоците, успесите, наградите, како и за најголемата поддршка, Женски Магазин позборува со Богоевска и во продолжение ви ја претставуваме нејзината досегашна животна приказна, за која веруваме дека во иднина ќе биде дополнета со нови успеси како на професионален, така и на приватен план.
* Од каде се роди љубовта кон класичната музика?
- Мојата мајка е професор по пијано во средното музичко училиште и кај нас дома речиси секојдневно се слуша класична музика. Така јас уште од најрана возраст имав можност да го слушам звукот на пијаното, да посетувам концерти на кои мајка ми редовно ме носеше. Можам да кажам дека мојата љубов кон класичната музика произлезе многу природно и спонтано од секојдневието што ме опкружуваше. Желба на мајка ми беше да изучувам пијано, но после еден концерт на кој присуствував, го засакав многу повеќе звукот на виолината. Се сеќавам дека на почетокот избегнував тоа да го споделам со неа, плашејки се да не ја разочарам ако и кажам дека повеќе сакам да свирам виолина.
* Вие бевте најмлад студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Колкава жртва е потребно да се направи за да се постигне посакуваната цел?
- Да. По препорака на професорите во текот на моето школување, земав две години во една. Да се постигне успех во свирење на инструмент, потребно е секојдневно повеќе часовно вежбање, а паралелно со тоа да се одржува и континуирано одичен успех по сите други предмети е навистина тешко и бара многу самооткажувања. Морам да признаам дека често пати ми било жал за многу пропуштени дружби, особено за време на викендите и празниците. Но, во таквите моменти само ќе се присетам дека би ми било уште потешко ако не вежбам, а знам дека ме очекува настап.
* Виолината е твојата прва љубов, но дали можеби во минатото си размислувала за кариера во друг правец?
- Како мала се сеќавам дека на прашањето: ,,Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш“ секогаш одговарав: „Астронаут“. Оваа желба ми се провлекуваше за време на основното образование и се сеќавам дека дури истражував на интернет каде најблизу има центри за обука на астронаути. Тогаш сметав дека изучувањето виолина ми е само хоби. Од сегашна перспектива тоа ми изгледа малку смешно, зошто кога ќе ги земам во предвид наградите и успесите кои ги постигнав со виолината по само после една година свирење, сфаќам дека мојот професионален пат во музиката бил трасиран уште тогаш.
* Колку часа дневно вежбаш, дали постои режим кон кој се придржуваш и што е потребно за да се биде успешен во работата?
- Секојдневно вежбам во просек по четири часа, а пред настапи и концрти и по седум - осум часа. Времетраењето на вежбањето зависи и од тежината на програмата што се изведува, од тоа во која фаза е изучувањето на делото (дали е во почетна фаза или завршна кога се работат детали) итн. Како и во спортот така и во музиката, многу брзо ако не се тренира односно вежба, се излегува од форма. Меѓу нас музичарите позната е изреката: ,,Ако еден ден не вежбаш ќе забележиш самиот, ако два дена не вежбаш ќе забележат колегите, а ако три дена не вежбаш, цел свет ќе знае дека не си вежбал“.
* Кои награди и достигнувања посебно би ги издвоила?
- Би ја спомнала мојата прва меѓународна награда на натпреварот ,„Охридски бисери“ потоа првата награда на фестивалот Сан Ремо - Јуниор во 2012 год, Лауреатот од прв степен на реномираниот меѓународен Фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија во 2014 год каде имаше 150 учесници од цел свет. Потоа би го издвоила освоеното Гранд При на Меѓународниот Фестивал за класична уметност и култура кој се одржа во Ерусалим, Израел 2016 год. Секако многу ми е драга првата награда која ја освоив на интернационалниот натпревар за класична музика ,,Рондо“, кој се одржа во Њујорк пред две години. Само во мојата категорија имаше 200 натпреварувачи од сите континенти во светот. Поради освоеното прво место ми беше овозможен организиран концертен настап во познатата сала „Карнеги Хол“ во Њујорк.
*Дали си носталгична и колку Скопје ти недостига кога патуваш во друга земја?
- Премногу сум носталгична. Навистина досега имам реализирано настапи и концерт во многу градови како: Братислава, Виена, Прага, Куала Лумпур, Хо Ши Мин, Рим, Еруслим, Сан Ремо, Њујорк, Будимпешта, Санкт Петербург, Париз.. Но секогаш после неколку дена престој во други градови, почнува да ми недостасува мојот град, моето маало, мојот дом, пријателите од Скопје, роднините.. Каде и да одам секогаш со задоволство и со радост се враќам во Скопје.
*Колку во Македонија се цени класичната музика и колку институциите водат грижа за уметниците од овој ранг?
- Посетувајки ги концертите на класична музика години наназад можам да кажам дека според мене интересот на публиката за ваков вид на музика од година во година расте и тоа многу ме радува. За тоа говорат и преполните сали. Од друга страна, често пати ми било многу жал што извонредни, врвни и светски признаени солисти од странство имале многу помалку публика од на пример некоја регионална фолк звезда.
Сепак сметам дека во Македонија има луѓе што ги препознаваат и ценат трајните вредности на класичната музика. Мислам дека институциите во рамките на своите можности водат грижа за уметниците од овој ранг и ги поддржуваат, иако музичарите од областа на забавната и фолк музиката се често пати многу поатрактивни за јавноста.
* Класиката како форма на висока уметност е неопходно да се разбере за да се доживее. Дали Македонците знаат да уживаат во овој тим на музика?
- Мислам дека кај нас, за среќа, децата уште од мали имаат можност да изучуваат класична музика. За тоа говори големиот интерес за запишување во државното музичко училиште како и во приватните музички училишта. Иако голем дел од тие што посетуваат музичко училиште понатаму се определуваат за други професии, сепак остануваат верна публика и редовно ги следат концертите. Секако има и многу други љубители на класичната музика, кои се редовни посетители.
* Неостварена желба, место на кое би сакала да настапуваш, изглед на сцена и уметници со кои би сакала да ја делиш сцената?
- Кога бев мала идол ми беше Сара Ченг и неостварена желба ми беше да одам на мастер клас кај неа. Сега на пример, би сакала да свирам на сцена со виолинистот Исак Перлман. Покрај професионалната подготвеност, многу важен момент е и изгледот на сцената. Во таа смисла би ја спомнала долгогодишната соработка со креторката Антонија Ристовска, на која целосно и препуштам да го осмисли мојот изглед и тоа е големо олеснување за мене.
* Приватно што е тоа што најмногу те исполнува, најголема поддршка и животно мото?
- Најисполнето се чувствувам кога знам дека максимално сум го искористила денот, сум направила добар распоред за вежбање, сум го завршила предвиденото за тој ден. Потоа можам вистински да се релаксирам со пријателите во некое кафуле, без да ме ,,копка“ чувството дека нешто што сум можела денес, сум го оставила за утре. Ете тоа е и моето мото. Моја најголема поддршка ми е семејството, посебно мајка ми.
* Постои ли приказна која би сакала да ја споделиш со јавноста, а која би поттикнала и други талентирани млади лица да бидат упорни во остварување на својата цел?
- Често пати во мојот досегашен пат не ми било се така ,,розово“ бидејки навистина патот до успехот е трнлив. Сметам дека успехот е во упорноста, но и во постојаното поставување на нови и повисоки цели.
Би сакала да ги охрабрам сите млади луѓе да бидат упорни во остварувањето на своите цели и никогаш да не престанат да мечтаат за нови и поголеми достигнувања.
Б.Н.