Вљубен сум и одлично се чувствувам: Искрено со Влатко Лозаноски- Лозано

Добивај вести на Viber

Заедно со Мартин и Стефан од „Некст тајм“, Влатко Лозаноски- Лозано ќе одржи концерт во сабота во Охрид, во Античкиот театар. Поп-пејачот искрено му се радува на концертот, на новите песни но и на работното лето, по како што вели три години одмор. 

Во разговорот за Женски магазин, миленикот на сите генереации искрено раскажува за себеси, дека со текот на годините, се труди да не избрзува со ништо, за секој проблем секогаш или има или нема решение или има компромис, и пробува да живее со тоа. Иако е внимателен кога станува збор за приватниот живот, открива и уште една новост, дека е среќен , вљубен и исполнет.

* Заедно со „Некст тајм“ подготвувате концерт, на 30 јули во Античкиот театар во Охрид. Како дојде до идејата за заеднички настап со Стефан и Мартин, колку и приватно се дружите? 

- Антички театар е нешто во кое што секој изведувач од Македонија би сакал да настапува, како еден од најреномираните локалитети за правење концерти воопшто кај нас. Отворената сцена, но и самата историја која што ја крие "Антички" дава на тежина и големо значење на секој евент кој што се организира таму. 

Со големо нетрпение го очекуваме концертот и ветуваме заеднички дека ќе направиме одлична музичка претстава на сите присутни. Ги покануваме сите во Охрид и уште еднаш "ова лето ќе се памти" по уште еден одличен концерт заедно со моите пријатели од „Некст Тајм“.

Со Мартин и Стефан и приватно сме блиски уште од почетокот на нашите кариери, да до ден денес скоро секојдневно се дружиме, така и природно дојде и моментот да зеднички го правиме овој концерт. Поканата од организаторот веднаш ја прифативме и веруваме дека ќе биде концерт за паметење.

* Каков распоред на песни и репертоар да очекуваме?

- Тоа ќе биде од околу 3 часа одлична забава и музика, каде што ќе ги изведеме нашите најголеми хитови, кои што ја одбележаа нашата кариера,  воедно и тоа би бил нашиот репертоар за престијниот концерт. 

* Имаш нов летен хит кој од старт ветува, „Ме нервираш“. Како настана оваа песна која не личи на твоите претходни? 

- Да, се надевам дека ќе биде добро прифатена од пошироката јавност, сега засега има одличен одзив, но иако е уште рано , сè додека  "ѝ легне" песната на публиката, можеби после месец два би се знаел исходот од импресиите. Не е баш лесно да се направи добра песна, кога очекувањата на сите веќе се големи и се трудиме во секоја песна да има нешто поразлично од претходните, така и со оваа. Оваа песна не ни е нова, беше планирана пред 2 години, но поради пандемијата, не успеавме да ја промовираме.

* Имаш ли удел во создавањето на музиката и на текстот кај твојот тим, Лазар и Магдалена Цветкоски?

- Помагам да, секогаш кога се работи за моите песни, сакам и јас да сум инволвиран во нив, затоа и така полесно ни оди кога сме заедно. 

* Те знаеме како смирен и сталожен, што е она што тебе лично те нервира, што најмногу може да те извади од такт?

- Се текот на годините можеби е тоа така, се трудам да не избрзувам со ништо, за секој проблем секогаш или има или нема решение или има компромис, и пробуваме да живееме со тоа, без разлика на тоа дали нам ни се допаѓало или не. Ние сите се нервираме, но сите на свој начин тоа го манифестираме, дојде такво време каде што секој си има свои борби, свои рунди, бесконечни рунди со реалноста  каде што некаде победуваш, некаде губиш, негде бараш втора шанса.

* На социјалните мрежи беше најавен проектот „Километри“, за каков точно проект станува збор, тоа се нови песни или нови верзии на постарите?

- Тоа се нови песни секако, кои што би биле продолжение на тоа што го почнавме со „Километри“, „Мајко“ и „Вардаре“, но одлучивме да го паузираме, односно одложиме за време кога ќе почустуваме дека е вистинско. 

* Има ли твоја песна за која можеш да кажеш дека е автобиографска или барем делумно раскажува некоја твоја приказна или емотивна состојба?

- Дефинитивно во целиот проект „Километри“, можеби ќе има таква, каде што верувам дека и останатата публика би се пронашла. 

* Сè уште е енигма за јавноста твојот љубовен живот. Дали си вљубен и емотивно исполнет?

- Да, сум, благодарам на прашањето, сега засега одлично се чустувувам.

*Ја имаш ли сè уште онаа „слатка мака“ со обожавателите, ѕвонење на врата во твојот стан, пресретнување на улица?

- Генерално ми се случува тоа да, кога сум на гости или на прошетка во нова средина, тоа е поизразено, не е тоа нападно или секојдневно, но секој што ќе ми се приближи се трудам да го испочитувам најмаксимално драго ми е што сè уште е така и што им носам на одредени минувачи некој вид на позитивна мисла и насмевка. 

* Имаш ли време и можност да се опуштиш во клуб или во ресторан, со пријатели, да си нарачаш песна за душа?

- По клубови, освен на моите настапи, не знам последно кога сум бил приватно, често сум со пријатели, сакам да се дружам, обично со моиете пријатели од детство, со другарите кои што играме фудбал, со мојот бенд, со моите колеги од естрадата...

* Дали за јавните личности во денешно време е потешко да одржат вистински, долгогодишни пријателства, и да најдат вистинска љубов? Која е приказната во твојот случај?

- Нема тоа правило, јас имам многу пријатели од естрадата со кои сум многу близок и со кои и до ден денес се дружам, а со некој иако смениле животна средина, се трудам да се слушам и со нив. Предноста можеби на тоа пријателство е тоа што, кога ние почнавме професионално да работиме со музика, имаше многу музички активности, секој ден бевме на некоја промоција, на некое гостување или фестивал, на концерт, и неизбежна беше дружбата, која понатаму прераснала во искрено другарство и трае до ден денес.

* Какво работно лето те очекува, и имаш ли планови за летен одмор?

- Имаме активно лето, исполнето со многу концерти низ Македонија но и надвор од неа после летниот период, немам сè уште размислувано за одмор, затоа што доволно беше "одмарањето" од скоро 3 години, малку и ние да поработиме 

* Што да очекуваме следно од тебе на музички план во наредниот период?

- Уште многу концерти и нормално многу музика. "После полноќ" и "Ме нервираш" беа моите последно издадени нумери, одиме понатаму на уште многу други.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива