(ГАЛЕРИЈА) Внимавајте да не се запиеме цела ноќ: Романтичен концерт на Раде Шербеџија во Скопје

Раде Шербеџија, балканскиот фраер со холивудска кариера, вечерва во Скопје, во Филхармонија, одржа еден од оние концерти што ќе се прераскажуваат, и по кафани и на социјалните мрежи. 

Уште на почетокот на концертот, ни кажа дека е еден од нас. Не поради улогата на Александар во култниот филм  „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, не поради македонските песни кои не ги изоставува од репертоарот на ниту еден концерт, туку поради тоа што ни е близок, и по темперамент и по душа.


Излезе на сцената како да е по дома, насмеан и среќен, а се симна меѓу публиката и се поздравуваше како да му се први соседи. Имал Раде во животот многу соседи, од неговотро родно место Буниќ во Хрватска, до Лондон каде што живеел во времето кога го снимаше „Пред дождот“. Од таму и многу животни приказни кои ги сподели со нас.

„ По снимањето на филмот, немав пари, некако целиот хонорар ми испадна од џебот, хахаха. Па Ленка ме издржуваше во Лондон, мене и целото семејство“, повторена, но добра приказна. Во многу од нив, неговата сопруга Ленка Удовички, познатата театарска режисерка е главна улога. „Ленка ми забрани да пеам повеќе од два часа кај вас“, рече за крај низ насмевка, наздравувајќи со вино.


Од „Имам пјесму за тебе“, насловната тема на концертот, преку преработката на една од најубавите песни на Џони Штулиќ, „Мени се душо од тебе не растаје“, до рецитирањето на „Пијанство“ , преработката на „Остала си увијек иста“ од Мишо Ковач и секако „Не дај се Инес“ за крај, секој дел од концертот беше посебно доживување. Вреди да се каже браво за настапот на „Браќата Тавитјан “ и Гарабет Тавитјан и неговата редовна гостинка, а овој пат пријатно изненадување, актерката Јана Стојановска, која дојде од Букурешт за концертот на Раде. Јана просто милува со својот глас во „Елено ќерко“ и во една од новите песни на Раде чиј автор е Кемал Монтено.


„Утре снимаме, внимавајте да не се запиеме некаде вечерва“, им најави Шербеџија на Тавитјан и откри дека со нив подготвува нова песна.

Концертот заврши како што почна. Раде меѓу публиката, не оној Раде што снимал филмови со Ванеса Редгрејв и со Том Круз, туку оној нашиот, што ги сака македонските песни, виното и добрите кафеани.

Концертот го организираше „Авалон“ продукција.


Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски