ВО ГРЦИЈА ПРВО ТУРИСТИТЕ ОД РЕГИОНОТ ОД 15.ЈУНИ: Нема да се бара Ковид-тест

Грција првите туристи ги очекува од соседните земји. Министерот за туризам, Харис Теохарис во интервју за ЕРТ вели дека многу полесно, од 15. јуни од кога Грција ќе се отвори за туристичката сезона, ќе дојдат туристите од Северна Македонија, Србија, Бугарија...

Листата на земји од каде ќе допатуваат туристи во Грција, како што вели Теохарис, ќе биде готова до крајот на мај.

– Во првата фаза, очекуваме од Националната организација за јавно здравје да ни достави листа со земји за кои смета дека епидемиолошките податоци се такви што дозволуваат туристите со соодветната безбедност да пристигнат во Грција, истакна Теохарис во интервјуто за ЕРТ.

Истовремено, грчката влада побарала да се направат анализи и за останатите земји во Европа, односно да добијат податоци од балтичките земји, од Германија, Израел, Кипар, како и други земји од поширокиот регион.

Што се однесува до одлуката да не се бара тест за корона вирусот, Теохарис во интервјуто потенцира:

– Сакам да бидам јасен, оваа одлука, практично беше донесена од самите доктори. Органите кои издаваат такви упатства, како што е Европскиот центар за превенција и спречување на болести (ECDC), ни велат дека е мала вредноста да се прават овие тестови. Нам не ни претставува никаков проблем да се прават тестови, доколку тоа би го олеснило протокот на туристи. Но, ни велат дека реално, има мала вредност во тоа.