Во име на Човекот, Амин
Не сакам Политика, никогаш не сум ја ни сакала. Мој став е и ќе
биде, дека Политиката е легитимна и легална професија со единствена вредносна
карактеристика, лага. За жал, предоминантна во локалниов ментален склоп, за жал
подржана со медиумски циркуси и комплетно иррелевантно акцентирање на комплетно
неважни информации. И повремено, ќе искрсне некоја од типот дека стрелале орел
и го распнале за двете крила, или дека полицајци изнеле седум годишно дете од
училиште затоа што не е вакцинирано. Едно научив, не верувај слепо на тоа што
ќе го слушнеш или прочиташ, секогаш провери барем два пати, скоро почнав и по
неколку пати, со по неколку мислења. Од една проста причина, акцентот на
демократијата е на се тоа што не чини и масовна злоупотреба на слобода на
говор. Секогаш тргнувам од себе, јас, модна дизајнерка и костимограф имам
колумна каде што можам да напишам што год сакам. Нема кој да ме спречи, а освен
коментари по социјални групи на социјални медиуми нема ни кој да реагира, а
такви и без ова ги има.
Единствено од таа причина, иако знам да утнам капитално и јас, страшно внимавам што е тоа што ќе го пласирам како информација во јавноста. Па така, кога го споделив убиениот орел, пет пати помислив што ќе предизвика тоа споделување и дали воопшто ќе изигра некаква улога. Згрешив изгледа. Се поубедена сум дека луѓето кои пукале, полицајците кои со цел памет изнеле безгрешно дете без воопшто да размислат која е трајната штета која ќе се нанесе на таа мала душа во иднина, без разлика што системот им наложува на тоа, дека тие луѓе не читаат. Не ги интересира просто, не се љубопитни. Имаат интелигенција на глуварче веројатно, кога ќе дувне ветерот им се распрснува мозокот и немаат капацитет за прием и дегустација на информации, за да можат соодветно да реагираат во животот.
И само од таа причина, што овие едноклеточни организми ни го трошат кислородот што и онака малку го имаме на планетава, ќе продолжам со слободен говор на позитивен животен став, ширење на љубов и колку што е можно поголема едукација на младите души, кои се повеќе и повеќе ги труеме со наши лични нереализирани фрустрации, и се со трајни последици на наша лекоумност и необразование.
Нејсе, Прелепотици мои, со цел да се заштитиме од нереализирани психотични амеби, со цел да постигнеме поголем квалитет на живот на поднебје каде што само на пирејот му е дадено на значај, а орхидеите се ставаат во заден план бидејќи им е потребна нега и внимание, тешки се нели а не сакаме ние тешко, љубезно ве замолувам, ЧИТАЈТЕ.
Не мене, се останато!
Во овој момент, во светски рамки, шундот и површноста го владеат човечкиот род. Биди против системот, биди против масата, едуцирај се. Пред да поверуваш на Грета колку се бори за климатски промени, провери кој стои позади неа, пред да гласаш за некој политичар, провери му ги последните десет години од животот, што тој направил за општеството во кое бидува, пред да поверуваш дека Ким Крадашиан е природна, оди види и ги сликите од пред десет години, секој со свои бубачки во глава, знам! Поминувај време со твоето дете, не го оставај на милост и немилост на социјалниве медиуми, на јутуб и новокомпонирани цртани филмови, кои го учат на се освен на тоа што вреди. Пред да купиш книга, прочитај ги критиките, пред да резервираш хотел, распрашај се, биди љубопитна, биди сомничава, имај глад за повеќе информации. Најди хоби, работи на себе и личната среќа, не се запуштај, не се оставај без основи на нега. Доколку не си во финансиска можност за брендирани креми, научи да правиш домашни, не се летај да купиш најнов ајфон, само за да собереш лајкови, а дома седиш со полупразен фрижидер. Направи список на приоритети бре, смртта ќе те стигне и е комплетно ирелевантна, животов се мери аго маргинализиравме на карта на еднократна дегустација на неважни и непроверени моменти. Не напаѓај, создавај, не премислувај, живеј. Не се бави со групине и коментарине по фб, нема вредност во тоа, само губиш бесценето време. Не постои минато, не постои иднина, постои само сега и овде. Што правиме сите ние заедно, за нашето сега и овде? Кој фрла ѓубре? Кој е слеп пред вистината? Кој го бира најлесниот начин за егзистенција без трошка морална вредност?
Ние.
Јас сум Ивана Кнез, по стоти пат, не ми се сели од овде. Ми се бори за убав живот. Светот е еден за сите, сите сме склоп на енергии, наша е одлуката дали ќе сме позитивни или негативни.
Денот почнува на исток, има и зошто е тоа така.
Се читаме следната недела.
П.С. Со нашите мисли, ние го правиме светот. Гаутама Буда