Во Нов Зеланд се слушаат македонски композитори и црковна музика: Ирена и Саше таму создадоа камерен хор од кој се фасцинирани сите
“Пеењето на композиции на македонски јазик ни го зајакнува чувството за национален идентитет и чувството за нашата македонска култура. “-велат Ирена и Саше Ангеловски, кои својот дом во Македонија го заменија со оној во Нов Зеланд. Водени од чувството да создадат едно катче каде Македонците, но и сите љубители на музиката ќе се дружат, го создаваат Македонскиот камерен хор, кој веќе започна со проби. Двајцата професионални музичари, таа од Битола, тој од Штип, својата љубов кон музиката после ангажманите во Македонската Опера и Балет во Скопје, музичките училишта во Битола и Скопје, ја пренесуваат во Нов Зеланд на тамошната оперска сцена, но и сега преку камерниот хор.
Имено Саше е член на хорот во Операта на Нов Зеланд, а Ирена наставник по пијано и клавијатури во едно од најголемите приватни училишта во Окленд, како и истражувач-докторант на тамошниот Универзитет. Хорот засега брои 9 членови, а овој млад брачен пар се надева дека бројката ќе се зголемува. Хорот ќе изведува музика од македонски композитори и со тоа да ја промовира македонската музика и култура. За тоа како започна целата приказна со идејата за формирање на хорот велат:
„По посетата на неколку културни настани, концерти и фестивали за време на нашиот престој во Аотеароа/Нов Зеланд, забележавме отсуство на македонската култура и традиција на тукашната културна сцена. Со Саше решивме да направиме иницијатива за формирање на Македонски Камерен Хор во Окленд чија цел ќе е промовирање, зачувување и унапредување на македонското културно наследство-музичко творештво. Оваа идеја ја споделивме со членовите на македонската заедница во Окленд и на наше големо задоволство идејата беше пресретната со голема поддршка и интерес.“
*Со сопругот се одлучивте за голем чекор односно да формирате Македонски камерен хор. Како дојдовте до оваа идеја?
Ирена: Културната разновидност во Аотеароа/Нов Зеланд зазема значајно место во многу државни легислативи, закони и официјални документи. Со цел промоција на културниот диверзитет, се организираат многу фестивали, концерти и настани каде етничките групи можат да ја промовираат својата култура, јазик, традиција и обичаи. Двајцата сме музичари со долгогодишно искуство на македонската и странската музичка сцена, па одлучивме да покренеме иницијатива со која ќе создадеме Македонски Камерен Хор и да се обидеме да го збогатиме културниот живот на Македонците во Аотеароа/Нов Зеланд.
*Која е целта на истиот и колку членови брои засега?
Саше: Целта на Македонскиот Камерен Хор е промоција на македонската култура и македонското музичко творештво, но и можност за раздвижување и збогатување на културниот живот на македонската заедница во Аотеароа/Нов Зеланд. Хорот моментално брои 9 членови. Тоа се Вероника, Благица, Душко, Ѓоко, Зоран, Драган, Столе и Ирена и јас. Иако бројката е мала, радува фактот што имаме членови од повеќе генерации меѓу коии членови со богато хорско искуство но и членови кои прв пат се вклучуваат во хорската уметност со голем ентузијазам, кои се надевам уживаат во пробите и композициите што ги работиме.
*Каква е атмосферата на пробите?
Ирена: Се гордеам со
ентузијазмот и посветеноста од сите нас. Возбудата и адреналинот пред секоја
проба се константно присутни, делумно поради одговорноста на нашата улога во
хорот, но најмногу поради тоа што правиме нешто во коешто уживаме.
Кога ќе прозвучат првите хармонии чувството е прекрасно и незаменливо. Тоа е
влог од сите нас, со цел да правиме музика во којашто сите ќе уживаме. Пеењето
на композиции на македонски јазик ни го зајакнува чувството за национален
идентитет и чувството за нашата македонска култура.
Со Саше сме тим и се надополнуваме и поддржуваме, па поради тоа „покриваме“ повеќе аспекти кога станува збор за работа со ансамбл. Ги делиме обврските и двајцата работиме со хорот. Пред секоја музичка средба заедно се подготвуваме и ги дискутираме сите аспекти коишто ќе бидат опфатени. Често Саше работи со машките членови, а јас со женските членови од хорот. На тој начин можеме да претпоставиме со кои предизвици ќе се соочиме, но и разгледуваме како соодветно да ги надминеме. Еден од најголемите предизвици со коишто се соочуваме е мислењето дека тие што пеат во хор мораат да знаат да читаат нотно писмо. Меѓутоа, начинот на којшто работиме тежнее да го надмине тоа. Музиката е од сите и за сите. Сите љубители на музиката се добредојдени да се придружат, а наша задача е да најдиме соодветен начин за работа што ќе ги вклучи сите.
*Како реагираат членовите?
Саше: Реакциите се доста позитивни пред сè поради идејата да се реализира иницијатива од овој тип, која за прв пат се појавува на овие простори, и од репертоарот којшто го работиме. Наидовме на позитивни реакции и се надевам дека во иднина бројот на членови дополнително ќе се зголемува за да успееме да бидеме репрезент на македонската култура во Аотеароа/Нов Зеланд.
*Имате ли поддршка?
Саше:Најголемата поддршка доаѓа од самите членови. Организацијата е наша и целата идеја е на база на волонтирање. Морам да нагласам дека имавме потешкотии за обезбедувањето партитури и сакам да им се заблагодарам на Драган Костадиновиќ, Јасмина Ѓорѓеска, Иван Еминовиќ, Елена Алчева-Еминовиќ, Лилјана Трајковска-Димевски и претседателката на СОКОМ Валентина Велковска-Трајановска, наши поранешни колеги, кои одвоија од своето време за да ни помогнат да обезбедиме партитури. Оттука би сакал да упатам апел до инстутуциите во Македонија кои се грижат за зачувување и промовирање на македонската култура и музика, да придонесат за дигитализазија на македонското творештво со цел олеснување на работата на сите ентузијасти и вљубеници во македонската хорска музика. Дигитализацијата на македонското музичко творештво ќе обезбеди пристап до потребните материјали за работа, не само надвор од Македонија туку и дома, за сите домашни хорови, училишта, студенти, и љубители на македонската музика.
*Од кои композитори се состои репертоарот? Чии дела ќе ги обработувате?
Саше: Репертоарот на хорот се состои од два сегмента,коишто беа дел од инспирацијата за неговото формирање. Тоа е малиот број културни активности на македонската заедница, но и отсуството на Македонска Православна Црква во Аотеароа/Нов Зеланд. Затоа се одлучивме репертоарот да се состои од световна и духовна музика. Целта е да работиме музика од македонски композитори и аранжери на народни песни за хор, како што се Трајко Прокопиев, Стефан Гајдов, Драган Шуплевски, Тодор Скаловски, Живко Фирфов, Александар Лековски, Томислав Зографски, Драгослав Ортаков, Атанас Бадев и други.
*Од каде идејата да се преселите во Нов Зеланд?
Ирена: Желбата на скоро секој млад Македонец е да излези „од дома“, да прошета и да искуси нов начин на живот, па доколку „се наредат коцките“ и да имигрира во друга држава. Нашиот мотив беше една мешавина од сето тоа. Пресудниот момент беше одобрувањето на мојот предлог за истражување и образовно доусовршување на докторски студии на University of Auckland. Во тој момент тоа што ни се „моташе“ низ мислите беше да пробаме да си ги оствариме нашите желби, за понатаму да не се каеме дека не сме направиле нешто што сме сакале.
*Што работите во Нов Зеланд?
Ирена: Во моментов сум истражувач-докторант на University of Auckland, каде што работам кон стекнување на диплома Доктор на науки во областа на музичкото образование и културната разновидност, а од неодамна започнав да работам и како наставник по пијано и клавијатури во едно од најголемите приватни училишта во Auckland.
Саше: Со големо
задоволство можам да кажам дека сум член на хорот во New Zealand Opera,каде
што остварив и една мала, но за мене огромна
солистичка улога во операта “Semele” од G.F. Handel каде
што настапив како главниот свештеник.
Покрај New Zealand Opera работам и како техничар во компанија за
лифтови- професија којашто ја почнав од почеток и сè уште ја изучувам.
*Со какви предизвици се соочивте таму?
Ирена: И двајцата се обидовме да се прилагодиме на културниот шок којшто беше неизбежен. Учевме како да функционираме во ново општество и да ги препознаваме вредностите на овој социјален систем. Но сето тоа го надминавме. Она на кое јас секојдневно работам е да научам како да ги контролирам емоциите кога ми недостигаат моите најблиски. Пандемијата нè исфрли сите од колосек и нè натера да размислиме за приоритетите во нашите животи.
*Какви се впечатоците од Нов Зеланд, кои места често ги посетувате?
Ирена: На почетокот од оваа година, направивме четиринаесет дневно патување околу јужниот остров од државата и посетивме повеќе од 40 места. За прв пат на ова патување видов глечери кои се десетици километри долги, спиев под отворено небо и го видов Млечниот Пат, крстарев низ фјорд и видов недопрена природа. Свесноста за значењето и потребата од заштита на природата се огромни меѓу луѓето тука. Токму ова патување до Fox Glacier, крстарењето низ фјордот Milford Sound и целиот пат низ западниот брег на јужниот остров, ме натераа да сфатам дека доколку не се трудиме да ѝ помогниме на природата, работиме против нас самите- против човештвото.
Саше: Аотеароа/Нов Зеланд дава едно прекрасно чуство на природна убавина, висока граѓанска свест и слобода во секоја смисла на зборот. За вљубениците во природата слободно можам да речам „рај на земјата“. Големото етничко шаренило ја прави Аотеароа/Нов Зеланд место каде што можете да сретнете најразлични култури, јазици, храна, религии, обичаи и верувања. Најчесто ги посетуваме градските паркови кои се прекрасно уредени. Би ја издвоил и плажата Piha која е една од најубавите плажи на западниот брег со неверојатни залези на сонцето.
*Има ли многу Македонци таму и дали се дружите?
Саше: Всушност, не знам колку Македонци има во Аотеароа/Нов Зеланд, но сепак споредено со македонската заедницата во Австралија, македонската заедница тука е значително помала. Токму дружењето преку музиката е една од главните цели на Македонскиот Камерен Хор.
Ирена работеше на истражувачкиот проект за културната разновидност во училиштата на Нов Зеланд.
*Кажи ни нешто повеќе за истиот, со кои предизвици се соочи?
Ирена: Моето истражување ја истражува застапеноста на културната разновидност во музичките програми во државните основни училишта во Аотеароа/Нов Зеланд. Конкретно, социјалниот дел на музиката и неговата важност во/за музичкото образование. Музиката е дел од општеството не е процес којшто се одвива „зад затворени врати“. Музиката ја прават сите и таа раскажува за историјата на луѓето, за контекстот на случувањето на настаните и за емоциите на луѓето. Особен интерес имам да дознаам дали наставниците ја гледаат музиката како место за да се учи за различните култури во светот. Таквиот начин може да придонеси за подобрување на меѓусебната комуникација и разбирање меѓу луѓето.
Најголем предизвик беше наоѓање училишта коишто ќе учествуваат во истражувањето. За да го надминам тоа, ги поканив сите државни основни училишта во земјата чиј број надминуваше 1700. До сега, процедурите се одвиваат според планот.
*Колку и недостига на Ирена Битолското музичко училиште?
Ирена: Таму сè започна за
мене. Од моментот кога отидов на аудиција, па сè до времето кога решив дека
музиката ќе биде моја професија. Имам прекрасни спомени од времето кога бев
ученик со „работно време од 7 наутро до 19 навечер“.
Кога се вработив во Државното Музичко Училиште имав високи амбиции и очекувања и
соработував со скоро сите мои професори. Токму тоа ме направи поцврста и
порешителна за да се стремам да си ги остварам сите желби без разлика на
препреките со коишто ќе се соочам. Ми недостигаат учениците со коишто работев и
го градев мојот педагошки стил. Што би била една наставничка без нејзините
ученици? Денес сум особено горда што некои од нив ми се колеги и се изградени
личности и професионалци.
*И што и недостига најмногу од Битола, но и од Скопје?
Ирена: Ми недостигаат моите битолчани. Тоа што го имавме меѓу нас, сите средби, сите муабети и прегратки го правеше секое ќоше од Битола прекрасно. Сепак едно од најдрагите места за мене е селото Дихово од каде што потекнува татко ми. Дихово ми ја скокотка душата и ми буди прекрасни спомени од моето детство.
Во Скопје започнав да се градам како млада жена и да се осамостојувам како личност. Ми недостигаат колегите од камерниот хор „Св. Климент Охридски“ при Соборниот Храм во Скопје, колегите од теоретскиот и балетскиот оддел од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, „првачињата“ по солфеж и моите балерини, со кои имав емотивна разделба. Таму имав чувство дека припаѓам и дека можам да придонесувам. Го сакав мојот живот во Скопје, а и доста долг период мислев дека тоа ќе е мојата крајна дестинација. За среќа, не знам што носи иднината J.
*А кога сме веќе кај тоа, Ирена направи нов пијано аранжман за песната “Ако одам во Битола” и мора да признаеме звучи совршено. Каков беше предизвикот да се обработи оваа композиција на Калица, како и претходно Битола мој роден крај?
Ирена: Со почетокот на
пандемијата се соочив со чувства коишто ме натераа да се свртам кон музиката на
мојата култура. Изборот на песни беше мотивиран од носталгијата и потребата да
сум со моите во тие тешки и неизвесни моменти.
Најголемиот предизвик беше различната техника на свирење којашто се употребува
во македонската народна музика. Всушност, целото мое образование го посветив на
изучување и изведба на западноевропската музика, а многу малку на македонската
музика.
Изучувањето на македонската музика во формалното музичко треба да се
интензивира, зашто токму тоа ќе им даде на учениците една добра подлога за да
го градат и негуваат својот национален идентитет и чувство за припадност. Сум
задоволна од изведбите, а уште подраго ми е што тие ви се допаѓаат. Крајниот
резултат е хибридна комбинација од западноевропски и џез музички елементи врз
песните на Петар Георгиев - КалицаиАјри Демировски. Моментално работам на
нови пијано-преработки и хорски-аранжмани за потребите на Македонскиот Камерен
Хор.
Изведбата на новиот аранжман од страна на Ирена на композицијата Ако одам во Битола, на следниот линк.
Неда
Маретиќ