Во нашиот дом мајсторот за готвење е мојата свекрва Радмила (83) со која заeдно живееме: Искрено со Андријана Јаневска пред Коледе и Божиќ

Секогаш е отворена за соработка и дозволува да се ѕирне во нејзината приватност, или барем онолку колку што таа смета дека е доволно да се знае за неа и нејзините најблиски. Вистински професионалец! Одличен вокал! Перфекционистка! 

Пејачка, професорка, прва виолина и пред сè мајка и сопруга, Андријана Јаневска откри на кој новогодишен подарок најмногу се сеќава, која играчка и спомен и останале врежани во спомените поврзани со Новогодишно-божиќните празници, како и каде ќе го прослави Божиќ, но и што мисли за новокомпонираната Македонска музика и дали имаме нови надежни музички ѕвезди.

„На розевата детска машина за шиење. Тоа беше некаде 1987-88 година. Враќајќи се од музичко, ја здогледав во излогот на Стоковната куќа на плоштад. Тоа беше мојата најголема новогодишна желба. Се сеќавам дека за Нова година татко ми беше на работа, трета смена во Железара. Јас и брат ми (сестра ми не беше родена) останавме со мајка ми до полноќ да ја дочекаме Новата година, а потоа до заспивање си повторував: машина за шиење, машина за шиење... Кога станав утрото, на среќата ѝ немаше крај! Под елката навистина стоеше мојата машина“, вели Јаневска присетувајќи се на драги спомени од детството.

Новогодишната ноќ познатата пејачка ја поминала во кругот на најблиските во својот дом во Бардовци. Заедно со синовите Димитар и Кристијан гледале филм и уживале во празничната трпеза. А претпразнично сите заедно ја украсиле елката. 

„Во декември со децата изработуваме украси, па така корисно го поминуваме времето, а и го украсуваме домот. За првпат годинава ја накитивме и елката во двор“, вели Андријана и додава дека сè уште со синовите пишуваат честитки за Нова година, но не ги испраќаат по пошта, туку лично им ги доставуваат во поштенските сандачиња на соседите.

*Ја дочекавме Новата година, што ќе им посакате на читателите за Божиќ и во новата 2022?

„Мојата мајка имаше обичај да каже: само здравје! Сега гледам колку е тоа точно. Затоа, почитувани читатели, Ви посакувам да бидете здрави, а со тоа и среќни во Новата 2022 година! Секој ден е сè што имаме, затоа поминете го правејќи го она што го сакате со оние кои ги сакате!



Пред нас е Коледе, празникот на кој најмногу му се радуват дечињата, денот кога одат од куќа до куќа и пејат коледарски песни и со тоа го навестуваат раѓањето на синот Божји, Раѓањето на Исус Христос. За Коледе, Андријана вели дека нејзините синови секоја година заедно со маалските другарчиња од Бардовци со нетрпение го очекуваат утрото, да одат и да пејат коледарски песни, но и таа како домаќинка дека пречекува дечиња-коледарчиња со претходно подготвени коледарки крошни во кои има костени, ореви, мандарини, јаболка, парички и бонбончиња. 

* Еден од најголемите христијански празници е Божиќ, денот кога се собира семејството и се ужива во празничната посна трпеза, па затоа и страта изрека вели: „Кај и да си за Божиќ дома да си“. Каде и како ќе го прославите Божиќ?

„За Бадник секогаш вечераме дома, на трпезата има посни јадења и задолжително лепче со паричка. За Божик вообичаено одиме на гости кај татко ми и брат ми, па да сме здрави и живи, се надевам и годинава ќе биде така. 

Токму таа традиција „Кај и да си за Божиќ, дома да си“, секогаш за овој празник сакам да бидам дома, со семејството. Нема ништо поубаво од тоа, сите заедно, здрави, живи, насмеани.

А на трпезата задолжително кај нас има риба, посно гравче и посна сарма, како и лепчето со паричка. Во нашиот дом мајсторот за готвење е мојата свекрва Радмила (83) со која задно живееме. Сè што готви е превкусно и гледам што повеќе да научам од неа.


* Како пејачка и професорка на Факултетот за музички уметности во Скопје, сигурно имате многу обврски кон работата. Како го балансирате приватниот и деловниот живот?

- Имам обврски, но не се ништо повеќе од која било друга работа. Единствениот проблем односно предизвик е што секој ден обврските се различни, па треба добро да го организирате денот. За мене тоа никогаш не претставувало проблем, па така успевам да имам време за сè. Легнувам околу 23 часот, а станувам во 7, па наспана сум и имам енергија за следниот ден. 

*И вие и вашиот сопруг сте музичари? Дали Димитар и Кристијан пројавуваат интерес за музика.

- Да, Димитар е веќе петта година во Нижото музичко училиште „Илија Николовски Луј“ и изучува пијано во класата на проф. Бобан Мирковски. Кристијан е прво одделение во истото училиште и сега за сега ги учи нотите, а догодина ќе се определи за инструмент. За Нова година посака гитара, па ништо чудно да тргне по стапките на тато Гино.


* Многу години сте на музичката македонска сцена. Кое е вашето мислење за новите песни, или песните на 2010 –тата и 2020-тите? Дали нешто им недостига?

- Секое време со свои белези, па така и музиката. Не мислам дека нешто им недостасува на тие песни, едноставно се такви какви што се. Јас никогаш не сум била музичар со калкулатор, па да правам пресметки каква песна да испеам или искомпонирам во моментот, или што е актуелно. Едноставно сум го правела тоа што ми се допаѓа и што сум мислела дека ми лежи. Инаку, немам никакви предрасуди околу ниеден жанр, секој од нив си има своја убавина.

* Кој од најмладите ѕвезди кај нас сметате дека има потенцијал да стане ѕвезда?

- Две години имам свое музичко училиште каде меѓу другото се изучува и пеење популарни жанрови. Верувајте, многу деца имаат огромен музички потенцијал! Сто проценти сум сигурна дека некое од тие деца ќе блесне на светското музичко небо! Не сакам да издвојувам или фаворизирам некое дете, ги чувствувам сите како мои и ќе им помагам колку што можам. А потоа, секој со својот труд и со својата среќичка! 


Наталија Миланова

Фото: Инстаграм - Андријана Јаневска/Приватна архива