ВОНРЕДНИ УСЛОВИ – ИЗВОНРЕДНИ РЕЗУЛТАТИ за приватното музичко училиште „Пијанофорте“ од Скопје

Постои мудра изрека дека „Човек се вивнува кон поголем успех единствено во услови кога е соочен со големи предизвици“. Тоа се покажало како вистина, според кажувањата на професорите од приватното музичко училиште „Пијанофорте“ од Скопје. 

Во март годинава, како и сите, „Пијанофорте“ се нашло пред избор: принуден одмор со неизвесен резултат или креативност и барање начин како да се плива во новиот „бран“. Логичен избор за нив, бидејќи самите пред себе си дале заклетва на професионализам, била втората опција. И така почнало градењето нова платформа за функционирање.

Работата ја продолжиле преку интернет. Велат дека им била потребна реорганизација, зајакнување и коригирање на методологијата и обука на тимот како да ја спроведе. Но, како што се нижеле деновите и неделите, се покажале и многуте позитивни аспекти од ваквото работење. Од една страна, менталната циркулација кај тимот професори го издигнало нивото на креативност како да се пренесе знаење и да се добие резултат, а од друга страна инволвираноста на учениците преку нивните „омилени“ електронски уреди конечно добила полезна смисла. Бонусот дошол со вклучувањето на родителите во музичката наобразба на нивните деца и огромната поддршка кон работата на професорите. Па така, по 2 месеци интернет настава во вонредни околности, некои од учениците постигнале извонредни резултати. Потврдата за успешната работа дошла од Украина и од Србија, поточно од меѓународните натпревари на кои ученици од „Пијанофорте“ конкурирале со своите изведби преку видео снимки. 

М-р Виолета Стефановска-Шуковиќ, основач и академски директор во "Пијанофорте" заедно со проф. Кристина Ангелова,  дипломиран пијанист и педагог во "Пијанофорте".

Имено, од Украина стигнал резултат за освоено 1 место во категоријата по пијано на Меѓународниот натпревар за уметност, музика и театар „Charivni fantaziia“, а од Србија дури 4 освоени 1-ви места и едно 2-ро место за петорица млади клавиристи на меѓународниот натпревар по пијано „ULJUS“ во Смедерево. Велат дека успехот оваа година е уште позначаен од причина што на натпреварите учествувале ученици од целиот свет меѓу кои од Кина, Русија, Израел, Шпанија, Португалија и Италија.

За професорите од „Пијанофорте“, овој резултат претставува потврда дека не постои лошо време за да се заврши добра работа. И велат дека нивната долгогодишна девиза, да се успева и напредува и покрај сите предизвици, никогаш не се покажала повистинита отколку сега, во актуелниот момент во кој живееме.