,

Врвни предавачи на 10тата јубилејна конференција за човечки ресурси!

Добивај вести на Viber

Поимот човечки ресурси е нешто многу повеќе од работна сила на една организација, претставува движечката сила во доменот на иновациите, продуктивноста, лидерството, односно целиот креативен потенцијал на организацијата потребен за достигнување на организацискиот успех. За споделување на меѓународните искуства и подигнување на нивото на тоа како човечките ресурси се распоредуваат, менаџираат и развиваат во една компанија, Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) ја организира 10тата по ред јубилејна конференција за човечки ресурси, оваа година во соработка со Вработување.ком. Инспирирани од темата „Од менаџмент со човечки ресурси –  до почитување на луѓето“ (From HR to RH – Respect for Humanity), на конференцијата која ќе се одржи на 31 мај, во Скопје, предавачи ќе бидат најистакнати HR менаџери, тренери и професори кои ќе го споделат своето меѓународно искуство.


Оваа година на листа на предавачи ќе се најде Хулио Гонзалес од Италија кој е меѓународен консултант за човечки ресурси и кој ќе зборува на темата луѓето и интернационализација -спојувања, преземања, интеграција и повеќе (анг. PEOPLE SIDE AND INTERNATIONALIZATION. Mergers, Acquisitions, Integration and more….). Тој ќе даде особен акцент на аспекти поврзани со спојување на различни култури при спојување на компаниите, управување со промените и луѓето кои работат во тимови од различни држави и нивно правилно менаџирање и насочување, аспекти кои се од голема важност за успех на секоја организација во денешно време.

Втор на листата предавачи е Нелсон Емилио, управен партнер, стратег за развивање на бренд и лидерски стратег од Португалија, кој ќе ја брани темата „Моќта на ЕДЕН- користење на личното брендирање во корпоративниот свет“ (The Power of ONE - Leveraging Personal Branding in a Corporate World). Личното брендирање ќе биде дадено од позиција на работодавач односно како политика за задржување на најквалитетните кадри кои се компетитивни на пазарот. Ќе биде апсолвирано како правилно и ефикасно да се насочи моќта со спојување на брендирање, лидерство, менторирање и коучинг. Нелсон Емилио зад себе има 23годишно искуство во помагање на светски познати компании и лидери од Европа, Азија и Јужна Америка да управуваат со репутацијата на интернет, но и во традиционалниот свет.

Тамара Валенчич од Словенија ќе се фокусира на темата „Управување на таленти во мал и флексибилен ИТ-свет“ (Talent management in small and flexible IT world). Во време на надминување на границите на можното и очекуваното – со најразлични онлајн понуди за работа, идеи за дигитален номадизам, добро платена работа од дневната соба, компаниите кои ги ловат овие „незадржливи” таленти се зората на новата економија. Стартапи, мали ИТ и компании за развој на софтвер градат империи околу мозокот, логиката и вештачката интелигенција - каде што еден мал тим експерти може да го постигне она што некогаш било незамисливо за најголемите корпорации. Тамара ќе се обиде да одговори каде се наоѓа улогата на HR експертите; дали и како можат да помогнат? Кои се најдобрите практики за управување со таленти и која е целта на тоа ако овој свет станува флуиден и се базира на принципот „со пари сè може да се купи“? Инаку Валенчич е избрана за најдобар HR менаџер за 2014 година во Словенија, специјализирана за талент менаџмент во ИТ сектор.


Д-р Петар Моѓуроши ќе зборува за „HR и иновации“ (HR and Innovation), како нашите луѓе да произведуваат иновации потребни за напредок на компанијата. Темата опфаќа нови иновативни технологии кои се развиени во последните години со неколку практични примери. Ќе се добијат одговори на следните прашања: интелектуалната сопственост на иновациите од вработено лице, права и сопственост на пронаоѓач, шеми за надомест на пронаоѓачот како и начин и стратегија за задржување на вработените во иновативниот корпоративен свет.  Д-р Моѓуроши, во последните 20 години работи како надворешен консултант на многу иновативни проекти за Европската унија, за НАТО и за Обединетите нации

Професорката Нада Зупан, ќе зборува на тема „HR и одржливост“ (HR and Sustainability), како преку управувањето со човечките ресурси да се развие посилна улога во напорите за одржливост на компаниите и да се додаде вредност во исто време. Професорка Нада Зупан е раководител на HR катедра на Економски факултет, Универзитетот од Љубљана, истражувач кој поседува огромно искуство во оперативен менаџмент со човечки ресурси.

Никос Ламбридис, професор и сертифициран тренер и тренер за врвни менаџерски раководители од Грција ќе зборува за „Почитување и негување на човечката природа во бизнисот“ (Respect and Nurture Human Nature in Business). Основите, филозофијата и техниките на консултантството и коучинг во бизнис сферата, особено за развој на менаџери и лидери.

Мартин Лашколник, врвен мотивациски говорник, основач и директор и овластен тренер  од Австрија ќе зборува на темата „Почитување на човечноста - клуч за корпоративниот успех?“ (Respect for Humanity - the Key to Corporate Success). Тој е експерт за мотивација, самодоверба, доверба и внатрешен мир и како тие влијаат на лидерите, нивните тимови и перформансите на луѓето и претпријатијата. Мартин соработува со Џек Канфилд, „Американски успешен тренер бр. 1" и истовремено е овластен од него, да одржува семинари за „Принципите за успех" на германски и англиски јазик низ цела Европа.

За подетални информации и за тоа како може да бидете дел од конференцијата за човечки ресурси, која се организира 10ти пат по ред, посетете ја официјалната веб страница за настанот