Втор пат во историјата: Мај без Мајски оперски вечери

Добивај вести на Viber

Во 48-годишната историја на постоењето на оваа респектирана музичко-сценска манифестација, ова ќе е вториот мај без Мајски оперски вечери. Поради корона-кризата, која ги суспендираше сите јавни собири, Мајските оперски вечери годинава ќе се одржат - онлајн.

Со дигиталната премиера на најновата продукција на операта „Кармен“ на официјалниот YouTube канал на Националната опера и балет, вечерва ќе биде отворен циклусот од 10 претстави, 8 оперски и 2 балетски, со кој во текот на месецов се прави обид да се компензира отсуството на овој музичко-сценски фестивал.

-Ги одбележуваме Мајските оперски вечери годинава на поинаков начин, согласно со приликите, со надеж дека што поскоро ќе се вратиме на нашата сцена и зад неа – вели Васо Ристов, директор на Националната опера и балет.

Можно е мини Мајски вечери да се одржат во октомври, вели Ристов, но тоа е засега само идеја зашто е крајно неизвесно – прво, однесувањето на вирусот наесен, а второ – опстојувањето на културниот буџет во предвидениот обем.

И иднината на класичните концерти и, конкретно, на операта е крајно неизвесна во новонастанатите услови, кајшто правилото број еден предвидува – одржувај дистанца. Операта, во принцип, е масовна продукција, со солисти, хор, со музички оркестар, а неретко и со балетски ансамбл на сцената, што ја прави високоризична дејност во времето на новиот вирус.

-Имаме план Б, на есен, на платото пред НОБ да организираме концерти во кои би биле почитувани правилата за дистанцирање, со настапи во мали групи солисти во дуети, на пример, и со оркестар, чии музичари би седеле на неопходната оддалеченост, но таквиот распоред секако ќе влијае и на квалитетот на изведбата – вели Ристов.

Од миланска Скала, деновиве во Операта добиле мапа за распоред на музичарите во оркестарот согласно со новите антикорона правила за дистанцирање, чија примена веќе се разгледува.

Мајските оперски вечери првпат не се одржаа и во 1997 година, поради незадоволство и штрајк во оркестарот, а овогодишново е второ нарушување на нивниот речиси полувековен континуитет. Иако актуелнава војна со коронавирусот 2020 ја видоизмени манифестацијата и ја одложи нејзината традиционална верзија, своевиден куриозитет е податокот дека Мајските оперски вечери се одржаа за време на онаа другата војна во 2001 година.

*Ј.Ф.