За душата
Денес кога од секој од нас се обидуваат да направат виртуелен клон, денес кога зависноста од телефоните ја победи зависноста од наркотиците и коцката, денес кога со нас управуваат и менаџираат системи и не третираат како да сме предмети, а не живи битија со душа и срце, потребна ни е емпатија, култура, разбирање, уметност, емоции и милион мали случувања на дневно ниво кои секојдневно ќе не потсетуваат дека сме луѓе. Уметноста секогаш го спасува светот, и овој пат сум убедена дека тоа ќе биде така. Потребно е само внимателно да се искористи генерацискиот јаз и преносот на идентитет од еден на друг да биде со лезет, топлина и познавање на вистинските вредности. Ретко кој работи на себе денес, сите работиме на туѓите животи затоа сме и до таму до каде што сме, затворени во пандемиолошки кафез. Во овој момент кога разумот брои ситно, злобата и фрустрациите испливуваат од најтемните вијуги во човечките срца, потребни се луѓе од сите генерации кои секојдневно ќе шират позитивна енергија, смеа, љубов, разбирање. Оние кои ме пратат знаат дека мене лично будистичката филозофија ме насочи како треба, каде грешам и како понатаму. Ми покажа колку е вистинска интуицијата а колку е погрешно да очекуваш, и од себе и од сите околу тебе. Но тоа не значи дека е вистинскиот начин, секој од нас има за предизвик да го пронајде својот пат кон просветлување. Не нема да станеш Бог, не нема да станеш Буда, туку ќе најдеш начин како да не мразиш, како да го сакаш она кое е неспособно да процени што е вистинска љубов и нема да држиш лутина во себе. Денес кога писменоста е маргинализирана до степен на генерациски крах кој допрва ќе го почувтсвуваме, потребно ни е чувство за идентитет, за припадност, за љубов. И денес во продолжение ќе споделам едно нешто за мене бесконечно, непроценливо богатство на македонскиот јазик и литература. Внимателно прочитајте, на you tube има и рецитал доколку сакате комплетно да уживате и отргнете се од отровите што ви ја мрачат душата. Допрва следат тешки денови, наше е како ќе ги живееме.
Намасте.
Умилкување
Ќе ги отпретам сите горештини од твојата глава,
ко суво дрво на сува рида реките ќе ги заковам.
Ќе те претплатам на вечна љубов и вечни времиња
ќе те љубам и губам и во пости и пред гости
само да ме сакаш.
Ќе ги поткупам сите човечки сетила и патила.
Сите светлосни преѓи пресијазол ќе ги врзам,
сите денови и ноќи на својот почеток ќе ги вратам,
ќе ти дадам се што е солено и молено
само да ме сакаш.
Ќе спијам во движење, сенката своја ќе
ја прескокам
ќе ги затнам сите извори, се што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш.
Ќе ги шпионирам сите крадци на твоите
часови.
Ќе ги исфрлам од употреба страните на светот
и светот, по црна ноќ, одмижанка ќе го истрчам
и ќе те фалам и кудам под сите небеса
само да ме сакаш.
Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено,
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш.
Петре М. Андреевски