За филмските блесоци од Кан до Сараево, пред премиерата на Манаки, одблиску со режисерката Марија Апчевска

Добивај вести на Viber

Во филмовите кои сакам да ги гледам и да ги снимам ме интересираат чувствата и прашањата со кои остануваме после завршувањето, многу повеќе од некакви лекции. Северен Пол ја обработува темата на припадност, но повеќе во форма на прашање - што сега, каде сега, отколку во форма на одговор„.-вака режисерката Марија Апчевска го започнува разговорот со нас на темата која е посебно актуелна периодов, особено заради 42 то издание на интернационалниот филмски фестивал Браќа Манаки, темата за и околу филмот.

А кој поубаво може да ни ја раскаже оваа приказна, отколку режисерката која ја потврди високата позиција на Македонија на светската мапа од филмската уметност, која ги отвори вратите на македонската кинематографија на еден од најреномираните филмски фестивали, Канскиот. Кој поубаво може да ни зборува за фестивалот Браќа Манаки, од битолчанка која порасна со филмската магија на овој фестивал, чии претходни филмови беа дел од истиот и не само тоа, туку и во годинешното издание И покрај се, македонската премиера на филмот кој блесна во Кан-Северен пол, ќе биде токму на Манаки, на 18 ти септември, од 18 часот.

Северен пол е во продукција на „Кино око“ – првиот македонски краток филм што бил во трка за „Златна палма“ на Канскиот фестивал. Сниман на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, а кастинг-директор Киријана А. Николоска. Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент на филмот е Роберт Насков, копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ. До македонската премиера, за филмските блесоци во Кан, Сараево, одблиску со Марија Апчевска.


*Какво е чувството тоа што филмот ќе биде дел од овој фестивал?

М.А.-ИФФК. Браќа Манаки има навистина посебно значење за мене. Пораснав со фестивалот и многу сеќавања ме врзуваат со рана есен во Битола и фестивалските денови.  Сите изгледани филмови таму се секако и една од причините зошто посакав да студирам филмска режија. Моите претходни филмови Бардо и Амби исто така беа дел од програмата во минатото и ми е премногу драго што сега и Северен Пол ќе биде прикажан во мојот град.

*Поголема ли е тремата што истиот ќе се прикажува пред своја публика во својот град, за кој сите знаеме колку битолската публика е публика со истанчан вкус?

М.А.-Би рекла дека не се работи за трема туку повеќе за нетрпение и радост. Ако кажеме дека е трема, тогаш секако е тоа позитивна трема  за споделување на филмот со публиката од мојот град и со блиските луѓе кои ќе бидат таму.








*Со Манаки, Марија е поврзана уште од првиот филм. Да ги потсетиме читателите за тоа искуство.

М.А.-Бардо беше дел од ИФФК. Браќа Манаки 2013, а кинематограферот Владимир Самоиловски беше и добитник на Special Jury Mention за него. Тоа беше нашата прва соработка, а Северен Пол е веќе наш трет заеднички филм.


*Што овој фестивал според Апчевска значи за македонската кинематографија?

М.А.-Браќа Манаки е исклучително важен и тоа не само за нас филмските работници, туку и за целата јавност. Тој е еден од ретките фестивали кои се посветени на работата на кинематограферите, а низ долгогодишното постоење од него биле дел некои од најзначајните имиња од светската кинематографија. Сите оние кои се бават со филм имаат по некој драг спомен поврзан со деновите поминати во Битола, а во самиот град и помеѓу битолчани постои посебна магија пред и за време на одржувањето Мислам дека треба да бидеме многу горди на фестивалот и да се трудиме секое следно издание да биде се подобро и подобро.

*Да се навратиме на настанот кој стави една светла точка во македонската кинематографија. Кога е во прашање успех на било кое поле на луѓе од Македонија, се чувствуваме како тој успех директно да ни се случил нам. Какво беше чувството кога ја доби информацијата за учеството на Канскиот филмски фестивал?

М.А.-Кога првпат ми соопштија, не бев сигурна дека тоа навистина се случува. Чувство што не може да се опише со зборови. Ролеркостер од емоции, а најтешкиот дел беше тоа што не можевме да ја споделиме радоста, се додека фестивалот не ја објави селекцијата официјално. 


*Кои се впечатоците од таму и какво искуство е тоа за тебе?

М.А.-Самата селекција на Кан е неверојатен успех и награда за целиот труд и посветеност на овој филм, мои и на целата екипа. Секако сум пресреќна што Северен Пол е првиот македонски филм на Кан. Воопшто, многу се радувам за се она што се случува во нашата кинематографија и за мојот моментален придонес кон неа.  Во Кан имавме шанса за споделување филмови и искуства со колеги од целиот свет, а да се биде дел од Официјалната Селекција преставува огромна чест и ми влева храброст и енергија за понатамошни предизвици.

*Што значи ова за македонската кинематографија?

М.А.-Како и за сите значајни фестивали, каде што после првиот филм следеле и други од нашата земја, искрено се надевам и верувам дека сме го “пробиле ледот” и ќе следат други филмови кои ќе бидат дел од Канскиот Фестивал.


*Која е приказната која стои зад " Северниот пол”?

М.А.-Приказната на Северен Пол е приказна за припадност, прифаќање и меѓуврснички притисок, раскажана низ очите на 16годишната Марго, која ја игра Антонија Белазелкоска. 

*Овој филм е како предодреден за успех, со оглед на тоа што претходно самиот проект беше награден во Брест. Што таа награда значеше за тебе?

М.А.-Сценариото за Северен Пол беше едно од 16те избрани за развој на European Short Pitch, каде последната фаза беше јавното преставување на проектот пред публика од продуценти во Брест. Ни беше особено значајно бидејќи освен што освоивме награда, таму ја започнавме и соработката со ко-продуцентот на филмот, Милош Љубомировиќ.


*Интересно е што овој филм е сниман на 16 милиметарска филмска лента, а не на дигитален формат. Зошто се одлучи за овој начин на снимање и кој беше предизвикот за овој начин на работа?

М.А.-Поради повеќе причини, уште од самиот почеток кога го развивав сценариото, сакав филмот да биде сниман на 16мм лента и тоа беше важна одлука, која ја поддржаа и директорот на фотографија, Владимир Самоиловски и продуцентот, Роберт Насков. Сметав дека изгледот и структурата на 16ката одлично ќе одговараат на приказната а дополнително,  сакав предизвик, бидејќи процесот на припреми и снимање на лента е различен од оној на кој бев навикната, на дигитална камера.

*Со оглед што снимавте за време на пандемиски услови, колку беше тешко( или лесно), да се изведе овој проект до крај?

М.А.-За жал, се чини дека ќе мораме да работиме во такви услови уште некое време. Што е секако подобро од времето кога пандемијата започна и не можеше воопшто да се снима. Создавањето филм во било какви услови ретко е лесен процес. Но со добра организација и следење на пропишаните мерки успеавме да се спремиме, да го снимиме филмот и се помина во добар ред.


*Се вели дека" некој и да не се сеќава на самиот филм, се сеќава на чувствата кои истиот ги предизвикал кај гледачот".Која порака сакаше да ја оставиш кај публиката?

М.А.-Многу ми се допаѓа тој цитат. Ако не грешам, тоа е реплика од Amour на Мајкл Ханеке, еден од моите омилен режисери. Во филмовите кои сакам да ги гледам и да ги снимам ме интересира точно тоа, чувствата и прашањата со кои остануваме после завршувањето, многу повеќе од некакви лекции. Северен Пол ја обработува темата на припадност, но повеќе во форма на прашање - што сега, каде сега, отколку во форма на одговор.

*Тука не застануваат промоциите по реномирани фестивали, па следуваше Сараевскиот филмски фестивал. Кои се впечатоците од таму?

М.А.-Во Сараево сум била како студент, работејќи како асистент на режија, потоа како дел од  Сараево Талент Кампус па ми преставуваше огромно задоволство да се вратам повторно, со филм. Уште поголемо задоволство беше тоа што во главна компетиција имавме дури два наши филмови, Северен Пол и Соло Мод на Тамара Котевска. Сараевскиот фестивал е од најголемите и најзначајните регионални фестивали а сепак ја има таа топлина и непосредност и е место каде што навистина можеш од блиску да се запознаеш со сите учесници или гости.

*Каде продолжува претставувањето после овие фестивали?

М.А.-Веќе помина премиерата во Италија, следува Тирана, Грузија, Грција и други фестивали во Европа и надвор од неа, кои ги споделуваме согласно со нивните правила за објавување на програмата.

*На што работи Марија после Кан и Сараево и Манаки?

М.А.-Работам на различни интересни проекти но главниот фокус ми е развивањето на сценариото за играниот филм, Пролетно Чистење.

*И за женскиот дел од нашите читатели, Марија изгледаше совршено на црвените килими. Чии креации носеше во Кан и Сараево?

М.А.-Протоколот во Кан беше многу строг во однос на различната облеката која требаше да се носи на настаните кои беа дел од официјалната агенда. За среќа, ја имав поддршката и честа да носам креации на една од најдобрите модни дизајнерки, Јована Филиповиќ, на која сум и бескрајно благодарна. Со сите припреми кои ги имавме за фестивалот, навистина не знам што ќе правев без неа. Во Сараево пак, немаше строги протоколи и беше полежерно, со комбинации од нашата битолчанка ¾ тричетврти Јасмина.

Неда Маретиќ