Зa храброст ти треба женско срце!
Облечена во розово од глава до петици, со совршено собрани кадрици со неколку панделки во косата, едно мало девојче се обидува да игра во паркот. Кал, земја, вода, трева, камчиња... сите атрибути на природата се непријатели на нејзината мајка. Перфектно дотерана, совршено слатка, целосно чиста и педантна – тотално инхибирана! Тоа е сликата на голем број девојчиња што ги подготвуваме кога ќе пораснат да бидат принцези! Тоа е сликата што го потврдува истражувањето направено на Универзитетот „Бригам Јанг“ во кое од 200 набљудувани деца на предучилишна возраст, 96% од девојчињата биле вклучени во „образованието за принцези“. Такво девојче пред триесет и кусур години бев и јас…
Се вратив дома, видно вознемиренa, со куп прашалници во мојата глава – дали упорно, на секој чекор, ги гледам родовите стереотипи што не ни даваат да бидеме свои, автентични и среќни? Седнав да истражувам и се закопав во фрапантни податоци што по којзнае кој пат ми ја потврдија тезата – За среќата треба храброст!
Живееме во ера на женска доминација. Дали? Дали огнените химни на Бијонсе и силните спортистки како Серена Вилијамс, се доволни да ги поттикнат девојчињата и жените да бидат смели да го живеат сонот на својот живот? Дали „Парадоксот на опаѓање на женската среќа“ ни става прст на челото да се преиспитаме до каде сме во борбата за себе? Дали ги препознаваме работите кои нè сопнуваат по патот на среќата? Оние невидливи духови кои ни ја одземаат силата од здивот...
Ако ги тргнеме настрана
реалните родови стапици на нееднаквостa, ќе стигнеме до
скриените, перфидни културни норми што им зариваат нокти во грбот на девојките.
Работите кои во свилени ракавици ни се мушнуваат како очекувања, убавина,
притисок за совршенство, перфекционизам, и традиција наспроти нова (виртуелна)
реалност. Едно истражување направено во 2009 година покажало дека, иако животот
на жените се има подобрено во текот на последните 35 години во поглед на
зголемени можности, поголеми плати и слободи, сепак нивната среќа се намалила. Дали
тоа значи дека треба да сме посреќни, но не сме? Коренот го бараме во детството
бидејќи сите лекции што ги учиме како мали имаат реални последици на нашите животни
избори…
Нема дилема
дека една од работите на што ги учиме девојчињата е да бидат „совршени
принцези“ што го чекаат принцот на бел коњ. Истражувајќи на темава в раце ми
паднаа текстовите на Решма Саџани, директорката
на непрофитната организација „Девојки-програмерки“ (GirlsWhoCode), во кои пишува токму за тоа како, ние, девојчињата, од
рана возраст сме учени да играме на сигурно – „Да внимаваме да не се качуваме
премногу високо на игралиштето за да не паднеме. Да седиме мирни и послушни,
убаво да изгледаме и да кимаме со главите за да нè сакаат. Обвиениот меур во кој сме заштитени е полн со
љубов и грижа, па никој не согледува колку нè оттргнува од преземање ризици и од следење на нашите
соништа подоцна во животот. Значи, од мали бебиња, до девојките секојдневно
стигнуваат стотици микропораки што им велат дека треба да бидат убави, учтиви и
елегантни. На момчињата пак, од друга страна, им се дава слобода да талкаат, да
се извалкаат, да паднат и да згрешат – сето ова со намера да научат „да бидат
мажи“ што е можно порано“. Јасно е, момчињата ги учат да бидат храбри додека девојчињата ги учат да
бидат совршени!
Замислете, кога бебињата се облечени во неутрална боја, возрасните имаат тенденција да
ги идентификуваат оние што изгледаат вознемирено или налутено како момчиња, а
оние што ги опишуваат како фини и среќни, како девојчиња. Овие наметнати очекувања (меѓудругото и љубезност по секоја цена и совршена
самоконтрола) уште од пелени, ни се пресликуваат до крајот на животот. А, меѓу сите тие очекувања за тоа што значи да се биде „добра девојка“ се
протнува најопасниот отров – отровот на перфекционизмот. Внатрешниот порив кој
нè тера сè да правиме перфектно - од уредувањето на
профилот на Фејсбук и Инстаграм, работата, совршената кариера, домот… сè до задоволувањето на нашите партнери или, пак, потрагата
по совршен партнер.
Една од челичните чизми на перфекционизмот, што ни ја гази психата, е идеалот кон совршеното тело. Во просек, жената поминува 127 часови годишно вознемирувајќи се за нејзината тежина и колку калории внесува. Овој процес на опседнување со виткото тело започнува уште од детството и адолесценцијата. 81% од десетгодишните девојчиња се плашат дека имаат прекумерна тежина. Затоа и не е чудно што е проценето дека 80 % од жените се несреќни поради својата тежина. Со научно потврдени бројки 10 милиони жени во САД имаат нарушување во исхраната (темава е голема и сериозна и бара посебна обработка).
Во новата виртуелна
реалност, социјалните медиуми уште повеќе ги потхрануваат очекувањата за изгланцан,
перфектен изглед. Ако ги земеме предвид податоците дека девојките поминуваат и
до 9 часа секој ден, разгледувајќи објави од беспрекорни фотографии и текстови
од нивните пријателки, сите преправени и средени за да му покажат на светот
колку се популарни, безгрижни, паметни убави и кул, тогаш јасно е колку е
немилосрден притисокот за милениумките да проектираат совршена слика во виртуелниот
свет. Личното брендирање станува опсесија! За овој феномен пишуваат многу
автор(к)и, анализирајќи го „чувството на паника што се јавува кај девојките дека
треба позитивно да ја документираат секоја мала работа што ја прават во денот за
да останат важни во очите на нивните врсници“. Според Кетрин
Стајнер-Адеа, психолог и авторка на „Исклучување од мрежата: родителство,
детство и семејни врски во дигиталната ера“ (The Big Disconnect: Parenting,
Childhood, and Family Connection in the Digital Age), потребни се само 9 минути
преглед во профилите и фотографиите на другите за да се зголеми анксиозноста
кај девојките. Нивниот страв да нè пропуштат нешто е многу реален (FOMO – Fear
of missing out). Секоја објава од забавно дружење во кое тие не учествувале
прави да се чувствуваат отфрлено и непожелно. Секоја перфектно средена фотка им
создава силно чувство на недостаток.
Перфекционизмот во суштина не е нешто со што треба да се гордееме, бидејќи во умот на перфекционистот, грешката е знак за личен недостаток. Перфекционизмот се дефинира како „комплексен сплет од верувања, очекувања и стравови и тој ни кажува дека другите луѓе нема да нèприфатат, ценат или сакаат доколку не сме совршени“ (она што психолозите го нарекуваат социјално пропишан перфекционизам). Тука е и оној другиот вид на перфекционизам, кога чувството е како ние самите да сме тие што си создаваме притисок да ги достигнеме сопствените невозможни стандарди (авто-ориентиран перфекционизам). Со други зборови, како да е подобро да не преземаме ризици за да ги избегнеме можната болка или понижување. Рејчел Симонс, една од водечките експерти за женска психологија и авторката на книгата „Проклетството на добрата девојка“ (TheCurseoftheGoodGirl) го посочува тој начин на размислување како фактор за кризата на менталното здравје кај младите девојки денес. Па, што ли можеме да направиме во свет во кој процентите на депресија и анксиозност се скокнати до небото?
Прво, да се освестиме колку од мали сме изложени на родовите стереотипи!
Второ, да се прашаме како популарната култура ја формира „совршената девојка“!
Трето, да се обидеме да
му се спротивставиме на стремежот за совршенство кој нè оддалечува од тоа да
живееме автентичен и среќен живот!
Списокот е долг, темава содржи многу аспекти за кои ќе пишувам и понатаму, а просторот за колумнава е лимитиран, па, затоа, тука само би ве потсетила на зборовите на Анаис Нин: „Животот се стеснува или шири соодветно на тоа колку е некој храбар“. И бидејќи храброста не е вродена, таа се учи, и тестостеронот не е единствениот моќен билет за храброст, Решма смета дека фразата „таа има мадиња е изопачен комплимент“. Оваа колумна ќе ја завршам со неколку мои дефиниции за тоа што значи да бидеме храбри... Храбри не како мажите, туку храбри како жените!
Да бидеш храбра значи да излезеш од комфорната зона!
Да бидеш храбра значи да се пробаш во различни професии!
Да бидеш храбра значи да ризикуваш во нови, непознати територии!
Да бидеш храбра значи да се спротивставиш на сè што не ти се допаѓа!
Да бидеш храбра значи да ја скршиш илузијата дека држиш сè под контрола и да побараш помош!
Да бидеш храбра значи да прифатиш пораз!
Да бидеш храбра значи да не се плашиш да бидеш ранлива!
Да бидеш храбра значи да си општествено одговорна!
Да бидеш храбра значи да си гласна против неправда!
Да бидеш храбра значи да се разведеш!
Да бидеш храбра значи да останеш во брак!
Да бидеш храбра значи да не се плашиши да бидеш различна!
Да бидеш храбра значи да дозволиш луѓето да те видат во вистинското светло!
Да бидеш храбра значи безрезервно да љубиш!
Да бидеш храбра значи да живееш по свое!
Храброста нè ослободува!
За храброст ти треба големо срце! А, ние, жените го имаме!
За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и тренер за личен развој