Ване Маркоски: Ме допираат приказните за беспомошните
Желбата да се помогне на две мали девојчиња, кои имаа различни здравствени проблеми, ме инспирираше да организирам голем хуманитарен концерт во Тетово, во домот на културата. Со оглед на бројот на места за публика, бевме свесни дека од билети нема да добиеме голем број на средства, но целта беше да се разбуди Фондот за здравство кој тогаш молчеше за тие случаи
Водителот на „Канал 5“ телевизија, Ване Маркоски, е една од домашните најхумани јавни личности. Ване е еден од волонтерите кои секојдневно им помагаа на семејствата кои настрадаа во поплавите во скопските села во 2016 година. Иницијатор е на многу хуманитарни акции, а на неговиот фејсбук-профил никогаш не пропушта да ги поттикне неговите пријатели да помогнат каде што е потребно. Хуманитарен карактер имаше и неговото кулинарско шоу, „Вип сезона“. Сите специјалитети кои ги зготвија познатите личности, гости во шоуто, беа донирани. За неговата желба да помага и љубовта кон луѓето и кон животните, Ване искрено раскажа за Женски магазин.
Кај нас, прво нешто треба страшно да се случи, за да се разбудиме, а никако не ни текнува да превенираме. Тоа ми пречи.-Ване Маркоски
Женски магазин- Кога за прв пат почувствува дека треба да помогнеш некому?
Ване- Животот ни носи голем број предизвици. Паѓаме, растеме, плачеме, се смееме, губиме луѓе, запознаваме нови луѓе. Како што одминуваат годините, така се повеќе почнува да работи свеста. За среќа, некои луѓе тоа го користат да направат нешто повеќе за себе, за околината. Не дека не сум бил избувлив, пребирлив, човек кој некого излажал, можеби некогаш некого изневерил, но ете, од минатата година, кога во животот ми се случија многу работи, решив да ја свртам таа фамозна нова страница. Љубовта кон животните, мислам дека си имаше и свој голем удел во желбата да помогнам, таму каде што можам, не само материјално, некогаш и со совет, постапка.
Женски магазин- Колку хуманитарни акции си организирал и која ти оставила најдлабок впечаток?
Ване- Сум бил директно и индиректно вклучен во многу акции, но една ќе ми остане најдрага, затоа што беше одамна и е всушност првата голема работа која ја направив. Чинам беше 2008 или 200 година, не можам точно да се сетам. Желбата да се помогне на две мали девојчиња, кои имаа различни здравствени проблеми, ме инспирираше да организирам голем хуманитарен концерт во Тетово, во домот на културата. Со оглед на бројот на места за публика, бевме свесни дека од билети нема да добиеме голем број на средства, но целта беше да се разбуди Фондот за здравство кој тогаш молчеше за тие случаи. Имаше над 40 пејачи, актуелно од нашата естрада, многу волонтери, публика, луѓе кои подадоа рака. Жал ми е што тогаш социјалните мрежи не беа во екот на популарноста, па спомените се малку, но ете, и тие што останаа, кога денеска ќе се сетам на нив, ме мотивираат за нешто повеќе.
Од минатата година, кога во животот ми се случија многу работи, решив да ја свртам таа фамозна нова страница. Љубовта кон животните, мислам дека си имаше и свој голем удел во желбата да помогнам
Женски магазин- Имаме ли ние како народ развиена свест и совест да им помагаме на послабите од нас?
Ване- Имаме, и тоа многу голема свест. Греота е ако некој го тврди спротивното. Сведоци сме биле на голем број акции, каде од нас зависеле многу работи, акции кои завршувале успешно за само неколку часа. Е сега, жал ми е што не многу кај нас е развиена, онаа спиритуална интелигенција, која работи на зголемување на колективната свест кај луѓето. Кај нас, прво нешто треба страшно да се случи, за да се разбудиме, а никако не ни текнува да превенираме. Тоа ми пречи.
Женски магазин- Како би го решил проблемот со бездомните кучиња, и како реагираш на ситуациите кога тие напаѓаат луѓе, а луѓето ги трујат?
Ване- Мене куче во животот ме нема нападнато. Не велам дека тоа не се случува, но најголемата грешка е кај нас луѓето. Ги држат врзани, ги тренираат за борби. Потоа, кога ќе остарат ги пуштаат на улица. Тие според мене, се насилни кучиња, но зошто заслужуваат да умрат? Зарем меѓу нас луѓето нема напади? Зарем меѓу нас нема разно- разни нешта, каде што човек свесно, повредува човек? За нас може да има казна, а за животните смрт? Кои сме ние да одлучуваме за судбината на нив? Зарем имаме направено доволно за нив? Проблемот со бездомните кучиња не се решава туку така. Решението треба да почне од нас. Ако веќе чувате куче, не го напуштајте кога е сфатите колку љубов треба да му давате. Еве, ајде да почнеме од тоа, па да видиме понатаму. А, кога во животот би имал финансиска можност, би направил стационар за нив, каде што вработени луѓе би се грижеле и би им давале љубов и внимание. Не заборавајте дека и тие имаат душа.
Женски магазин- Која наша, македонска социјална приказна најмногу те растажила?
Ване- Со оглед на мојата јавна професија, секојдневно се соочувам со сурови и со вистинити приказни, како на медиумите, социјалните мрежи, така и во пораките кои ги добивам на Фејсбук. Секогаш до мене премногу допираат оние приказни каде што децата се беспомошни, малтретирани…
Верувам дека и оние луѓе кои прават лошо, сакаат помош
Женски магазин- Веруваш ли во подобро утре и во среќен крај за таквите случаи?
Ване-Верувам дека во секоја ситуација, секој човек треба да ја гледа позитивната намера. Верувам дека и оние луѓе кои прават лошо, сакаат помош. Знам дека сиромаштијата и болестите не можат да се искоренат, но знам дека може да се искорени нашата нетолеранција за тоа и желбата да се помогне. Нормално не сите може да подаваат рака, но јас гледам, барем луѓето околу мене како размислуваат и сето тоа ме радува.
Милица Џаровска