За мене животот е секој ден, тој си почнува и треба да се одживее: Утринско кафе со Нина Нинеска-Фиданоска

Мојот ден, за жал или за среќа, веројатно почнува малку порано од останатиот свет. Причина, едноставно не можам да спијам наутро, па вообичаено веќе во 6 часот ми се оворени очите. Никогаш не сум се откажала од идејата дека би можела да продолжам, да поспијам барем уште малку, но речиси по правило, по некои петнаесетина минути, тоа се покажува како неуспешно. Па, штом сум веќе будна, не е лошо да се подзаврши нешто од домашните обврски, нешто да се испегла, или зачисти, или можеби да се подготви некој брз оброк за ручек.

А веднаш потоа, време е за најомилениот мој дел. Или јас или сопругот го подготвуваме првото утринско кафе. Тоа е секогаш турско, бидејќи наутро, единствено тоа е кафето кое ми одговара. Вообичаено разговараме за тоа како секој од нас планира да го помине работниот ден, какви му се очекувањата, но, и дали постојат некакви проблеми за кои треба да се поразговара. И, ако сакаме да бидеме целосно искрени, да се прочитаат на телефон првите информации, да се продискутира за новостите, за политичките и економските збиднувања... Така е тоа кога во брак се двајца новинари... Секако, да се отворат и социјалните мрежи. И за час, времето поминало, следуваат брзински подготовки за на работа. Време е да почне работниот ден.


Да бидам искрена, не дека имам некој посебен мотив. Напротив, не ни сакам да го барам или да се заморувам со некоја мотивација. За мене животот е секој ден, секој за себе. Тој си почнува и треба да се одживее, а и да се одработи чесно. Може да биде сончев, може врнежлив, може човек да е повеќе или помалку расположен, но животот си врви, а ние треба да се прилагодиме. А кога станува збор за работниот ангажман, е во тој дел слободно можам да кажам дека нас новинарите навистина не ни недостига мотивација. Безброј теми како да чекаат да ги сработиш! Дали се тоа економски или политички збиднувања, дали е тоа сега актуелнава состојба со коронавирусот... Па откако ќе ја напишеш, да ја „следиш“ како поминува кај читателската публика..., и се така до новиот предизвик, кој доаѓа многу брзо.

Работниот ден ви го опишав. Секако, тој не би бил целосен, ако оној професионален дел не си го „зачините“ со дружбата со колешките и колегите, со разговорите за се и сешто, од клучните општествени, а сега и здравствени случувања, се до семејните згоди и незгоди, шегите, а некогаш и добрите „трачеви“. Токму тоа беше она што силно недостигаше додека поради препораките од здравствените работници, редакцијата своите работни задачи ги извршуваше од дома. Би рекла, покрај првото утринско кафе во домашни услови, кафето со колегите од работа е подеднакво важно и интересно.

Повторно она што го одбележува новинарскиот живот – вести, дебатни емисии, па пак малку вести... И размислување што треба „да се фати“ како тема веќе следниот ден. И секако, да му се посветите на семејството. Децата да раскажат како го поминале денот, што сработиле од училишните обврски, кои сега течат онлајн, но воопшто не се во помал обем од претходно, што плус треба да сработат, каде „заглавиле“, каде треба да им се помогне...

Додека немаше полициски час поради коронавирусот, знаевме со семејството да излеземе, да прошетаме некаде, да се подружиме со некои пријатели. Сега тие ситни задоволства, како што знаеме, ги нема. Морам да бидам искрена, таа слобода на движење се повеќе ми недостига. Но, мерките ќе мора да се почитуваат се додека така препорачува Владата и Комисијата за заразни болести. Сепак, тоа е за доброто на сите нас... И знам дека овде звучам како од оние рекламни слогани, ха ха...

Кога станува збор за филмовите, морам да бидам искрена и да признаам дека желбата е многу поголема од реализацијата. Мислам дека колку поголема волја имам да го изгледам филмот што ќе си го одберам, толку побрзо заспивам... Но, не се предавам. Некогаш обиди да се доизгледа еден ист филм има и по неколку вечери, и на крај сепак ќе успеам... Книги сакам, не мора да биде тоа некоја тешка литература, обично барам нешто за опуштање после сериозните информации кои ми го исполнуваат работниот дел од денот. Еве, на пример, деновиве во карантин буквално ми летнаа со две романчиња од Софи Кинсела, како и „Песната на речните птици“ од Лиса Вингејт.


(Нина Нинеска-Фиданоска - новинар во Фактор)