За многу години: Денес е Света великомаченичка Екатерина

Македонската православна црква денес ја свали Светата великомаченица Екатерина. Верниците денес кои го носат нејзиното име или варијации од истото: Катерина, Кате имаат именден.

Оригиналната форма на името е: Αἰκατερίνη, а е со грчко потекло.

Името Екатерина значи „вечно чиста“ - од зборот καθαρή - чиста, и префиксот αι што означува вечност. Другите претпоставки за името се дека може да е поврзано со паганското божество Хеката (Еката), или со старогрчкиот збор ἑκάτερος што значи „секој од двете“.


Ќерка на царот Конста. По смртта на татко ѝ живееше со својата мајка во Александрија. Мајка ѝ беше потајна христијанка, којашто преку својот духовен отец ја приведе кон Христовата вера и Екатерина. Во едно видение Екатерина прими прстен од Самиот Господ Исус, во знак на веридба со Него. Тој прстен до денес стои на нејзината рака. Екатерина беше многу надарена и добро школувана во грчката философија, медицината, реториката и логиката, а притоа беше и необично убава. Кога злочестивиот цар Максенциј им принесуваше самиот жртви на идолите и им наредуваше на другите да го вршат истото, Света Екатерина смело излезе пред царот и ја разобличи неговата идолопоклоничка заблуда. Кога виде царот дека е посилна од него во мудроста и во знаењето, повика педесетмина најмудри луѓе за да се препираат со неа за верата и да ја посрамат. Но, Екатерина ги надмудри нив и ги посрами. Разјарен царот нареди сите педесетмина мудреци да се изгорат во оган. По молитвите на света Екатерина овие мудреци сите пред смртта го исповедаа името Христово и се објавија себеси за христијани. Кога оваа маченичка беше во затворот, го приведе кон верата војводата Порфириј со двесте војници, а ја обрати кон Христа и самата царица. Сите пострадаа за Христа. При мачењето на света Екатерина ѝ се јави Ангел Божји, го запре и го искрши тркалото на коешто беше мачена; а потоа ѝ се јави Самиот Господ Христос и ја утеши. После многу мачења ја убија со меч во нејзината осумнаесетта година, на 24 ноември 310 година. Од нејзиното тело истече млеко наместо крв. Чудотворните мошти на света Екатерина почиваат на Синај.


Извор:denovi.mk