За нас
Пред извесен период налетав на една статија на екофорумиве, и ќе пукнам што не запаметив од кого е репликава, наравоучение, запишувајте или скриншотувајте, поготово кога си во годинки и со милион обврски.
Светската економија е изградена на грбот на сите домаќинки кои работат дома.
Правев груба калкулација, една домаќинка, со грубо работно време од минимум десет часа, дома заштедува од 60-80.000 денари.
Тоа важи за стандардна домаќинка без официјални работни обврски, но со официјални домашни обврски, што веќе е да речам се поретко да се сретне. Е сега, најактуелна група на жени во еманципираните општества се оние пола пола. Најчесто со работно време од 8-16, локално со просечна плата од 15-18.000 ден, таа дома внесува и заштедува околу 40.000 ден.
Е сега, склопот на околности и светски трендови беа борба за женски права. Тоа од нас направи жени мажи, и онака историски гледано се било на наш грб од матријархатот навака. Но во современи временски рамки, со изместување на работните обврски, поготово после втората свестак војна, каде жената мора да стане маж во куќа, бидејќи мажот води војна, се доведовме до состојба на масовна исцрпеност. Па од таа точка, дојдовме до момент на Ќерко омажи се за пари за да не се мачиш во животов, или онаа другата екстрема сите мажи не чинат можеш сине на мајка ти сама се.
Каде е балансот? Кој ќе не научи како се сака, почитува и живее со вистински вредности и балансирани машко женски односи? И нема да ме убедите дека не може и дека не е изводливо! Да, понекогаш е кратко, понекогаш лудо и непромислено, за секоја заедничка приказна уникатно, но комплетно можно, само бара повеќе труд и секој да работи малку повеќе сам на себе. Никој не може да ме убеди дека сам е среќен, исто како што и оној со комплетен компромис на соживот или пак живот со вредност на банкноти и брендови, нема представа што се пропушта. Иако имам само 34 години, животов ми наметна да изживеам пет животи, некој не поминува ни третина од ова моево во цели два. Можам да си дадам право да имам мислење, можеби за некој невалидно а за некој круцијално, дека до нас е. Од секој од нас почнува и со нас завршува. Знаете, колку и да го величаме мајчинството, сепак е потребен татко за да се направи детето. И сепак, на крајот од денот, двајца родители, се двајца родители, полесно е и за нив и за детето. А за тие двајца да бидат едно, едно шугле со ококоравени очиња кое во нив гледа и Бог и Богиња, потребно е сам по сам да се свесни дека еден без друг не можат. Без наметнат терет и очекувања еден кон друг. Без етикетирање и со многу фер плеј. Знаете, за домаќинката да биде функционална, и со волја да продолжи понатаму секој ден се повеќе, потребен и е партнер кој ќе и помогне. Тоа не значи дека треба да пере или пегла, ама ај не ја оставајте да го фрла ѓубрето или да ја менува сијалицата. Исто како што не треба да пазари сама и да дига сама товар. И исто како што е сосема во ред мажот да не дипли или усисува.
Женските права не ги добиваме со тоа што од сопругот правиме непријател. Ниту пак добивате жена од списание со тоа што од сопругата очекувате да се стиша и да седи дома. Балансот е во соодносот. Убавото во животот е во разбирањето помеѓу партнерите, моќта да се подржат во посебните одлуки и од едно да направат две. Заедно, со поделени обврски од кои ниту едниот ниту другиот ќе почувствува гнев или фрустрација. Без моменти од типот, абе не сакам жена ми да знае, или леле маж ми што ќе помисли.
Недостасува Љубов, меѓусебно разбирање и почит. Додека не учевте за правата, изоставивте да ни покажете како вистински се живее. Па сега сме во една карма каша, каде што не се знае кој со кого против или за кого е.
А на крајот на денот, пак ќе ве прашам, кој човек, не сака Љубов, не сака секс, не сака прегратка, не сака да создава заедно со некој кој за него важи за се на светов, кое семејство не сака деца, семеен ручек, гледање филм или заедничко глупирање во некој локален парк? Многу малку треба дечки, многу малку е потребно за среќа, а забораваме да си го дадеме.
Јас сум Ивана Кнез, верувам во нас, верувам дека ќе ја оправиме работава, и на децава ќе им дадеме вистинска причина за борба. Кога заработуваат, да делат, а кога сакаат…да пишуваат историја со нивната Љубов.
Се читаме следната недела.
П.С. Неделава, Lauryn Hill, со цела нејзина љубовна носталгија и борба за еманципација.