За некој сум егоцентрично копиле, за некој саркастичен: Ексклузивно интервју со Тик Так
Неговиот глас е ранобудник на радио, а неговото име препознатлив синоним за тоа како времето се движи и минува. Тик Так од „Радио 2“ е замислен лик кој секој слушател различно го перцепира, а човекот кој вистински стои позади него досега беше енигма.
Нашата мисија да откриеме дел од мистеријата Тик Так е успешна. Ексклузивно за нашите читатели, Тик Так на фрекфренцијата на Женски Магазин.
* Кога се роди желбата да станете радио-водител?
- Првпат на 14 години, бев уште детиште, во далечната 94-та година. Тогаш „Канал 4“ беше прво приватно радио, а со оглед на тоа што немаше некоја квалитетна медиумска понуда во тоа време, се слушаше радио, за разлика од денеска кога има музика достапна секаде, тогаш немаше, цела музика се сервираше на радио.
90-тите години беа исто години кога „Левис 501“ фармерките беа во мода. Јас на свои 14 години тоаш „пекав“ за „501“, а беа на цена 100-150 марки во „Вартекс“.
Така слушајќи на радио, слушнав дека бараат водители во „Канал 4“, и реков ај ќе се пријавам, ќе пробам, ми требаат пари за фармерки. Тогаш газди на радиото беа Димитар Чулевски и Ѕвездан Георгиев. Кога отидов на интервју кажав дека не ми е важно што ќе правам, само сакам да соберам пари за фармерки и ќе си заминам. Сепак Ѕвездан уште тогаш ми кажа: „Слушај дете јас да ти кажам нешто, тебе еднаш кога ќе ти влезе радиската чивија во глава, толку, нема бегање.“ Јас не верував, но Ѕвездан беше во право. Пред две години се сретнавме во кафана, му ја кажав приказнава, и вика ете и ти си доказ и потврда за тоа.
* Од каде идејата за една ваква емисија?
- Отсекогаш сум бил поборник на тоа дека народот сака да слуша приказни. Смачено ми е од дневно политички брифинзи, форматирани вести и кажување, јас сакам да разговарам. И кога слушам странски радио емисии или подкасти секогаш тој понеформален пристап ми остава многу поголем впечаток. Тргнав од таа теза, ајде зошто да бидам оној кој им кажува на луѓето, да бидам оној кој што им раскажува и зборува. Почнав на „Радио 2“ како Тик Так пред 10 години, поточно во февруари 2020-та ќе бидат 10 години. И од сам старт бев таков. Сите приказни и ситуации од реалниот живот, сѐ што слушате на радио се случило дали во мојот живот, дали во животот на некој друг, меѓутоа сето тоа е реалност. Имињата и локациите се сменети, оној кој ќе се препознае ќе се препознае во секој случај, зошто тоа е поднебјето под кое се наоѓаме. Зошто тоа може да му се случи на секој. Значи се трудам да најдам случка и да ја презентирам на малку поинаков начин со цел да поттикнам малку луѓето да почнат да размислуваат со своја глава.
* Од каде името Тик Так, каква приказна стои позади него?
- Да, има голема приказна... хаха, се шегувам. Станав сабајле, реков Тик Так и тоа е тоа. Времето си проаѓа, нема причина.
* Кој е Тик Так во една реченица?
- Неопислив.
( Тик Так е лик, карактер којшто нема допирна точка со вистинскиот човек што стои позади ликот. Тик Так е нешто што се случува сабајле од 7 до 9 и во 9 часот се врти прекидачот, Тик Так заминува некаде и излегува другата личност. Тоа е алтер его, мој издувен вентил... на радио сум ескстровертен, отворен, во приватен живот сум многу поповличен, понекомуникативен, не сакам да се експонирам со лик... Моето име освен за оние луѓе од браншата за сите останати е непознато, мои фотографии на интернет скоро и да нема, Тик Так е мистерија, глас, и тоа е магијата на радиото. Креираш театар на умот, ако се појавиш со име, презиме, идентитет, целата таа магија исчезнува. Затоа се трудам да овозможам на секој да направи перцепција онака како што тој ме доживува. За некој сум егоцентрично копиле, за некој сум саркастичен, за некој сум циничен, секој си креира сопствена слика врз основа на тоа што слуша на радио. Не ме тангираат лоши коментари, живееме во Македонија, секој за секого зборува, и да зборува- секое чудо за три дена.)
* Емисиите на Тик Так секогаш звучат поразлично од стандардите, секогаш има забавни занимливости, јавувања со шеги... Дали има некоја емисија која никогаш нема да ја заборавите?
- Интересно прашање. На 90% од јавувањата, реално не се сеќавам сѐ додека не се навратам да ги преслушам. А многу често се случува да ми пишат луѓе на Фејсбук, а јас да немам поим за што станува збор. Ова како формат постои во западниот медиски свет, меѓутоа се работи со актери. Јас го работам во живо со реални луѓе и за едно од тие 100 телефонски јавувања, можеби имало две-три кои завршиле лошо и со пуцење. Процентуално многу сум успешен да ги возам на некоја тенка линија. Имало многу, кога се јавував од туристичка агенција да барам карта во една насока во земја којашто нема екстрадициски договор за Македонија, сум се јавувал кај сопрузи на луѓе да ги барам претставувајќи се како рекетар затоа што должат пари... има многу. Идејата или ја добивам јас или оние што го порачуваат роденденот или будењето.
* Омилена анегдота од емисиите?
- Хмм, анегдота има... Кога ќе се јави менаџментот и кога ќе почнат да фрчат телефони од 9ипол до кај 12 часот, па се прават анализи на тоа што тоа сум кажал и зошто сум кажал... Меѓутоа секогаш можеш да оставиш доволно место за мислење и толкување... веднаш ќе видиш кој за што си ја има мувата на капата и си ја ишка.
* Колку е тешко секој ден да се има новости и да се биде креативен за нова емисија?
- Станува сѐ потешко и потешко. Пред 10 години еланот и идеите беа едни, а од друга страна времето се смени. Јас созревам, па она што можеби пред 10 години ми беше интересно, сега не го сметам за такво. Постои една преголема политичка задоеност во секојдневниот живот на нашите граѓани, сите се буквално опседнати со политика и многу е тешко да избегаш од тоа. И сам себеси се фаќам во ситуации кога политиката и дневнополитичките случувања почнуват да ми доминираат во темите за разговор и муабет и се трудам тоа да го сменам. Меѓутоа е тешко.
* Каков ви бил Тик Так како премиер / претседател на нашата земја?
- Денеска сме собрани овде да ви дадеме ветување дека сѐ она што ќе го кажеме ќе биде исполнето, сѐ што треба е да гласате за нас!!!
Роден сум да застанам на бина, имам некои политички аспирации. Па кога можеше во Украина комичарот да стане претседател, неколку пати сум тргнал од тоа. Ајде да тргнеме од оние малине општини, пример Конче. Значи околу 2000 гласачи лесно можеш да изманипулираш, мислам дека со 200 кила брашно ќе се заврши работата. За премиер нема шанси затоа што немам политички грб, ама независен кандидат за претседател зошто да не, сега и законски ги исполнувам условите. Така што до наредните избори можда ќе се најде некој од дијаспората да финансира кампања.
* Важна порака од Тик Так.
- Пишете ми порака, ќе направиме нечиј роденден интересен.
Даница Караташова