ЗА ОСТРИТЕ ВРВОВИ ВО НАС

Во последно време сè поретко ми е предизвик да зборувам со остриот јазик на политиката и наместо да се бавам со дневното мени на општеството се обидувам да слушам и да зборувам низ личните приказни на луѓето. Индивидуалната болка ми е поважна од колективните подруми. Затоа, на мојот јазик му ја давам слободата на литерарноста наместо на политиканството. Ме интересираат приказните на луѓето, нивните болки.

Одамна не ме удрило така силно… Само што ја прочитав „Образована“, книгата на Тара Вестовер, која беше прогласена за книга на годината од Здружението на американските продавачи на книги, од Епл, Вашингтон пост, Гардијан, Тајм, Њујорк пост; Фајненшл тајмс, а се најде и на списокот на омилени книги за 2018 година на Барак Обама и Бил Гејтс. Доволно причини да ја земам со сомнеж (се смее). Сепак, не ја пуштив од рака, иако ме мачеше со експлицитните сцени на страдање, меланхолија и насилство. Сè помалку „имам стомак“ за тешки сценарија, без разлика дали се книжевни или филмски дела. Мачно ми е да го визуализирам туѓото страдање можеби затоа што емпатијата ми е пуштена на стотка, па некако не успевам да се дистанцирам од болката која не е моја. Но, решена бев да ја дочитам до крај книгата на Тара, жената која беше избрана за една од 100–те највлијателни луѓе во 2019 година. Мора да има зошто, си реков и се заинаетив. Толку силно ме погоди што неколку дена не можам да престанам да мислам на слободата што ја живеам и на тоа колку сме привилегирани, сите, ние, кои потекнуваме од нормални и функционални семејства. Под „нормални“ подразбирам целосно спротивни од семејството на Тара.

Овој бестселер во кој психолошкиот терор совршено се преплетува со истрајноста на младата девојка, која потекнува од строго моромонско семејство во кое образованието ѝ е забрането, ме натера да се преиспитам дали слободата ни е дадена или треба да се избориме за неа? Дали животот што го имаме го земаме здраво за готово или пак знаеме да бидеме благодарни? Може ли образованието да има некаква алтернатива? Дали правото на избор на љубовник и партнер е неприкосновено човеково право или сè уште има заедници и места во светот кадешто изборите се трњето на патот? За да стигнеш до нив, ќе се избоцкаш толку силно што местата на лузните престануваат да чувствуваат допир.

Овие емотивни мемоари од детство на Тара ме однесоа директно до нејзините трауми, што ме натера да се преиспитам за своите... Колку храброст ли е потребно да се соголиш со сите модрици во психата? Да си ја отвориш душата на начин кој не суди, ами разбира какви се последиците од религискиот догматизам, фанатизмот, затворените заедници, забранетата слобода и љубов, родителската вина, меѓучовечките релации фатени во пајаковата мрежа на конзервативните авторитети и правила...

Ова е книга за Баков Врв и за острите врвови во нас. Книга за тишината на природата која ги апсорбира сите човечки врисоци и болки. Книга за стравот и капката надеж. Книга за клаусторфобијата на духот и светлината на крајот од тунелот која ги пржи очите што не се навикнати на убост. Ова е книга за непокор во свет во кој сите се покорени од болка. Книга за биполарно растројство во општество во кое шизофренијата на изборите станува неподносливо тешка одлука. За вербата наспроти дефетизмот. Ова е книга која не прифаќа пораз без борба!

Е, токму ова ми беше клучно за размисла. Неколку дена мантрам за потребата човек да се избори за живот каков што сака. Не живот по калапот на родителите, на традицијата, на конзервативните стеги и лажниот морал, туку живот по свој калап! Приказната на Тара ме потсети дека во сложените семејни битки нема победници, само жртви кои успеваат да изнедрат високо над своето гнездо и да ја побараат светлината на денот. Но, дали сите девојчиња и момчиња кои биле дел од семејства во кои насилството е домашниот јазик (психолошко или физичко, сеедно) или, пак, девојките кои се изложени на родово базирано насилство, како и жените кои секојдневно трпат удари од своите мажи или партнери успеваат да излезат од виорот на агресијата која ти го толчи не само телото, туку и душата? Дали приказната на Тара може да биде мотивирачки пример за сите кои живеат во калта на забраните и бруталноста? Искрено се надевам...

Сум видела жени со модрици под очите, сум работела со обесправени и со жени жртви на родово базирано насилство и знам колку им е тешко да веруваат во подобра иднина. Колку се чувствуваат сами, виновни, скршени, безнадежни... Затоа, токму ваквите емотивни вистински приказни кои гласно зборуваат за човековите судбини, слободи и права ни даваат елан да се бориме за своите соништа дури и тогаш кога ни е црно пред очи.Оваа порака треба да стигне до сите девојчиња чии гласови се стишени под маската на патријархатот. Оваа порака треба да стигне до сите девојки кои сонуваат да се образуваат, а некој им забранува. Оваа порака треба да стигне до сите ригидни луѓе кои веруваат во теории на заговор, како и до сите кои се крстат во „стапот излегол од рајот“. Всушност, ова е порака за нескршливиот дух на човекот наспроти разните ветришта кои дуваат по патот. 

Нема да навлегувам во повеќе детали, не би сакала да ви откријам премногу, па да ви го расипам апетитот за читање и сочувствување, само ќе споделам со вас дека топло ја препорачувам. И уште нешто... Тара е синоним и за сите жени кои трпат психолошко насилство (емоционално, економско, вербално...) Таа е пеперутката во кафезот која летнува до своите магистерски и докторски студии на Кембриџ и Харвард...

Списанието Тајм ја избра Тара Вестовер за една од 100–те највлијателни луѓе во 2019 година. Нејзината книга „Образована“ беше рангирана како една од десетте најдобри книги во 2018 година. Драго ми е што оваа моќна книга ја имаме и со македонски превод во издание на „ТРИ“. И драго ми е што добрите примери можат да ни бидат пред очи и тогаш кога мракот станува посилен од светлината на денот. Тара денес е докторка на науки по историја. Би сакала да воспитуваме ќерки и синови кои ќе веруваат во невозможното. Луѓе кои ќе се борат да бидат светли фенери по патот за послабите...

За Женски Mагазин АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa,писателка и менторка за личен развој