За сѐ што се случува околу нас има причина, а ние ја гледаме само последицата: Катерина Ангеловска од домашна изолација
Тренерот за личен развој и мотивацискиот говорник Катерина Ангеловска, со читателите на Женски Магазин сподели како поминуваат нејзините денови во домашна изолација, но исто така и даде совети за мотивација и „убивање“ досада, но и свое мислење за целата ситуација со коронавирусот и какви последици ќе има таа врз менталното здравје на луѓето.
* Што правите вие во домашна изолација? Како вие се заштитувате?
- Како никогаш досега ни е дадена можност да се исцелиме, да се одвоиме од колективната дисфункционалност и да станеме свесни битија. Ова е време на еволуција на свеста во спиритуална свесност. Тоа што сме во самоизолација е вистински благослов и можност да го искористиме ова време да се посветиме на себеси и на нашите најблиски. Дома сум веќе трета недела, а од пред повеќе од една недела и мојот партнер. Имаме среќа што нашите работни обврски можеме да ги извршуваме од дома. Темпото е споро и го нема вообичаениот дневен стрес, така и ние сме пореласкирани. Работам на далечина преку „Skype“ и тоа го правам во согласност со клиентите. Организирам вебинари со интересни содржини за мотивација и инспирација, работам групни онлајн медитации и енергетски третмани на далечина. Во моето слободно време медитирам, вежбам јога, готвам, читам, слушам видеа, дел сум од неколку онлајн групи преку кои си помагаме и поттикнуваме во подобрување на целокупната ситуација на планетата. Ретко гледам телевизија а сега тоа го правам единствено кога се вклучува во живо министерот за здравство, Венко Филипче. Излегувам само во исклучителни ситуации. Мојот апел до сите луѓе е да го направат истото и доколку е потребно да одат на работа и да излегуваат, да се заштитат најдобро што знаат. За сите останати бидете одговорни, слушајте ги препораките на Владата и останете дома.
* Дали пазарувате одговорно?
- Пазарувам одговорно и ја користам опцијата на онлајн пазарување. Онлајн пазарувањето е нешто кое го користам веќе подолго време. Иако кај нас луѓето сега ја препознаа моќта и станаа повеќе свесни за онлајн пазарувањето. Процесот е феноменален и истовремено го прави животот многу едноставен и лесен. Мојата веб-страна исто така е прилагодена за онлајн пазарување и ги следам потребите на луѓето и трендовите во светот. Сите производи кои ги нудам вклучувајќи ги и семинарите кои ги организирам, се е прилагодено со онлајн плаќање. И препорачувам до сите граѓани во нашата земја да ја користат можноста за онлајн плаќање особено сега во овој период на самоизолација со цел да се заштитиме себеси и другите, и побрзо да излеземе од оваа состојба.
* Дали може да предложите што да прават луѓето за да убијат досада?
- Ова е идеално време да се посветат на себеси и да почнат да се будат. Многумина го поминуваат својот живот во три состојби на свест, будност, спиење и сонување, и на крајот умираат. Мојот предлог е да почнат да се будат. Кога ќе започнеме да се будиме, преминуваме во повисока состојба, таа е четвртата состојба на свеста која се нарекува спиритуална или духовна свест. Ова што се случува во светот е нешто што не можеме да го промениме, но можеме да го искористиме ова време и да се запознаеме со својата духовна страна, која недоволно ја познаваме. Да се осознаеме себеси и сопствената друга димензија на постоење. И да станеме дете на светот, а не дете од светот. Мојата препорака е читајте книги, слушајте онлајн едукации, медитирајте, танцувајте, слушајте музика, играјте друштвени игри, изразувајте повеќе љубов и топлина. Со еден збор одржувајте висока вибрација која ќе ви помогне истовремено да го подобрите вашиот имунитет.
Катерина Ангеловска со Радован Витошевиќ е автор на личниот водич за лична и колективна преобразба, насловен како „Будење на свеста“* Од каде да црпат мотивација за да не западнат во депресија?
- Целиот човечки интелект, вклучувајќи ја и нашата технологија, е само остров на постоењето. Свеста е океанот, интелигенција која не е идентификувана со каква било меморија и ограниченост. Целиот универзум сe е создадено од интелигенција надвор од материјалното, од свеста. Ние сме манифестација на свеста. Свеста се изразува преку нас и преку сите творби околу нас. Нашето креирање е исто така изразување на свеста. Кога генерацијата е посвесна, човештвото расте и цути, а кога е несвесна, човештвото тоне. Ова се случува низ историјата, не е нова теорија. Можеби денешната генерација ужива во најмногу удопства, повеќе од било која друга генерација во историјата, но не можеме да тврдиме дека сме најсреќната генерација досега. Имаме технологија која ни носи удобност, но не се фокусираме на себеси, како нашата благосостојба да зависи од она што е надвор, а не од она што е во нас. И еве што ни се случува денес. Но колку побудни сме толку повеќе сме во хармонија со себеси.
* Што мислите како ќе се одрази ова на целокупниот квалитет на животот на луѓето, дали ќе резултира со негативни последици?
- Не постои надворешна сила која предизвикува случајно страдање или случаен успех или неуспех. Согласно законот на причина и последица, она што го сееме е во нас самите, но и во колективната единица во која се наоѓаме, без разлика дали тоа е семејството, компанијата, заедницата, земјата и поширокиот свет. За сѐ што се случува околу нас има причина, а ние ја гледаме само последицата. Секој негативен настан е тука за да не научи на нешто. Светот е нашето огледало. Ако ние се менуваме и светот околуи нас се менува. Целиот свет кореспондира, и сѐ е во точна корелација. Нашиот надворешен свет не е ништо друго освен одраз на нашиот внатрешен свет. Треба да се фокусираме да пратиме позитивна мисла, односно да се трудиме да гледаме позитивен исход, без разлика на околностите. Говорам за тоа да имаме позитивен внатрешен став. Во овој случај придонесуваме врз решението, а не врз проблемот. Приодот на промена однадвор навнатре не функционира. Треба да се фокусираме на нас самите, да се погрижиме да вибрираме на повисока фреквенција. И секој поединец инспириран од сопствената извонредност ќе даде придонес кон сочувство, мир и љубов. Само вака можеме да го менуваме светот. Со нашата намера ние вистински можеме да влијаеме и да ја менуваме околината во која егзистираме. Кога ние се исцелуваме, се исцелува и целото општество.
Д.Караташова
Утринско кафе со Катерина Ангеловска: Секој ден ми е различен