За син ми немам помош од никого од првиот ден, ни физичка ни финансиска: Искрено со Миа Костова

Интересна е за медиумите поради нејзината искреност и приказните за кои нејзините следачи на социјалните мрежи веднаш „се лепат“. Миа Костова е долгогодишно ТВ лице, а во овој период не е активна на телевизија, и вели дека воопшто не ѝ недостига. Живее исклучиво од инфлуенсерството, но вели дека не се плаши од било каква друга работа која ќе ѝ донесе добар живот за неа и за синот Андрија. Како самохрана мајка, гордо изјавува дека од првиот ден самата се грижи за синот без никаква финансиска и физичка помош од никого. Од професијата која е релативно нова на пазарот, преку начинот на исхрана кој ѝ е честа борба, до есетстките зафати кои ги направи, Миа отворено зборува за Женски магазин.

*Имаше убаво и исполнето лето годинава, речиси три месеци помина на море. Како дојде до тоа токму Дерми во Албанија да биде твој избор, како ти помина времето и што е најубавото од тој дел на јонскиот брег?

-Неочекувано и мора да признаам првиот контакт накај Дерми беше Тијана која прифати да биде дел од маркетингот на можеби најубавата плажа, ресторан и клуб во Дерми, „Хавана“. Јас дојдов спонтано како поддршка и инста профил кој сето тоа ќе го пренесе до Македонија. Толку многу предрасуди имав за Албанија, што првите две недели се расправав со сама себе како можев да сум толку смотана и да помислам дека тој дел од Јонско море не може да е убав. Реално , освен што се толку напреднати во туризам, имаат најдобра храна на свет и имаат море како од соништата, толку се гостопримливи и пријатни што и да не одам таму пак работно би отишла секако на одмор. Најубави места се секако Дерми на прво место, Ксамил и Саранда. Сѐ останато не е толку убаво и нема врска со Албанија на овој дел. Драч и местата во околина не се баш убави, но од Валона натаму е вистински рај на земјата.  


*Веќе подолго време не си на телевизија, ти недостига ли камерата, атмосферата во медиум, од аспект дека тоа долго време си го работела тоа? 

-Верувале или не, не ми недостига воопшто. Се пронајдов себеси на мојот личен медиумски простор кој со сигурност знам дека е силен колку некои емисии кои имаат термин на ТВ, што уживам во сѐ она што го правам и некако атмосферата за медиум ми е задоволена колку сакам и како сакам. Дури некако сум со поблиска со публиката а и позната сум по тоа дека комуницирам буквално со секој што ми пишал, ме прашал, искритикувал или пофалил и тоа воопшто не ми е тешко. Напротив … 

*Во повеќе наврати имаш изјавено дека подобро и поисплатливо е да работиш самата за себе, и дека не планираш враќање на ТВ. Дали постојат моменти кога чувствуваш страв и несигурност во смисол дека кај нашиот народ се уште важи она- стабилна работа со работно време е сигурна работа?

-Јас не чувствувам страв од егзистенција ни кога сум живеела со 200 евра ни денес со многу повеќе. Мене ‘инфлуенсертството’ не ми е нешто на кое се потпирам за следните 50 години. Јас сум идеално свесна за својот капацитет, јас сум човек кој не се плаши од работа и тоа сум го докажала низ годините. Не сум се плашела ниту сега се плашам. Утре да се деактивирам од „инста“ ќе најдам и што да работам и како да сум задоволна од себе и за себе и своето дете. Дали ќе работам по струка или ќе работам нешто што мене ми лежи, ќе се вратам на ТВ или во фризерница, воопшто не ми менува. Оној кој сака ќе најде работа и начин. 

*Како на повозрасните генерации би им објаснила што се инфлуенсери и во што се состои нивниот ангажман?

-Па тоа би му дошло како реклама на радио додека возите, реклами за време на турска серија, или билборд на сред плоштад, со тоа што, за да ги заслужите сите овие места за реклама мора да носите нешто во себе за да ви се закачат за каналот. Дали тоа ќе биде љубов, поистоветување со ликот зад инста профилот, љутина дека сакате да сте ко тој лик а не сте во можност, нервоза затоа што не делите исто мислење и превртувате со очи а сепак слушате што има да каже - сеедно. Сеедно во тој случај, само да не е сеедно кога се работи за инфлуенсерот. Инфлуенсер е лице на бренд или кога ќе се спомене брендот помислувате на лицето или обратно. 

*Како изгледа еден твој обичен ден кога работиш, и кога немаш обврски?

-Се радувам што речиси три години јас одредувам кога е обичен ден, а кога работам. Има денови со набиена агенда во кои пцујам по паркинзи во Скопје, зошто никогаш не доцнам има денови кога ќе презакажам состаноци и нема да станам од кревет и никому за тоа не должам објаснување . Има денови кога се посветувам на чистење, готвам секој ден, за Андрија ретко нема домашно зготвено, е кога сум зафатена знам да бришам шминка во 2 по полноќ и да мислам дека сепак имам нешто заборавено дента. Немам рутина на ден, секој ден ми е различен. 


*Со години отворено зборуваш за одржувањето на тежината и начините кои ги наоѓаш да останеш во добра форма, дали си и сега на некој режим на исхрана?

-Од моментот кога почна короната и затворањето дома не сум баш на режим, качив добри 10 кила за 2 години, на кои не сум горда ама па оние ептен ниски не ги сакам назад. Денес уживам во храна со многу одрекувања, но не како порано. Порано живеев на зелено и заборавав да јадам по два дена. Денес јадам и месо и салата и тестенини и здрави торти и грешам но не се оптеретувам. Единствено нешто за што не се сакам себеси е што никогаш не успеав да сум физички активна а тоа веќе ми носи здравствени проблеми со грб, врат…. 

*Дали си строга мајка, и во кои делови си најпопустлива со твојот син? Какво дете е Андрија? 

-Глупаво е да зборувам за моето дете, ама секој кој што го знае, знае дека е дете како по книга. Многу воспитан, многу кроток, многу одговорен. Строга сум од ден еден, но тоа не е строгост што фрустрира туку е праведна строгост, или ќе добиеш сѐ што ќе замислиш ако ги завршиш обврските кои ти се дадени. Дали е чистење соба или лектира неважно. Нема отстапки ни за храна. Љубител е на шеќер и имаме договор. Се јаде некое ‘здраво благо’ откако ќе се направи пауза после ручек од 3 часа. Не мислам дека сум строга колку што мислам дека сум праведна за негово добро. 

*Како успеваш да се организираш околу обврските со синот и работните обврски како самохрана мајка, имаш ли помош и од таткото на Андрија околу грижата за него и воспитувањето?

-Кога е Андрија во прашање немам помош од никого од ден еден. Ни финансиска ни физичка. Сега е веќе голем и сѐ она што ми било проблем и нерешливо сега е многу едноставно. Седи сам дома кога е потребно, самостоен е и многу ми помага. Многу се сакаат со Тијана и ме одменија и со станување за во училиште иако патам од несоници, некако многу мразам да излезам од дома во 7 сабајле. 


*Пред неколку години отворено зборуваше за корекцијата на градите која ја направи, дали би корегирала уште нешто на твоето лице или тело?

-Никогаш не сум имала комплекс ни од градите, сосема случајно ми влета соработката за која денес сум супер благодарна. Конкретно ако е пластика во прашање не би менувала ништо на себе. Дури и оние освежувања со филери кај мојата Биби се многу суптилни и никогаш не смеат да ми сменат личен опис. Многу ме нервира фактот што младите девојки сѐ повеќе личат една на друга. Немам ништо против, но не знам зошто би сакала да личам на некој … Кој како сака нека си прави, ич не ме засега. Сметам дека секој има право да одбере како изгледа. 

*Медиумите пишуваа за твојата мајка Оливера, која изгледа одлично и според фотографите има ведар дух, каков однос имаш со мајка ти, и што е најважното кое од неа го научи?

-Со мајка ми бев врзана со папочна врвца додека не го родив Андрија.И денес телефонските разговори се нездрави и траат по 3 часа ама не сум ѝ лепенка „ваљда“ дека и самата сум мајка па имам некој друг што ми е најважен на светот. Од мајка ми учам секој ден и како треба и како не треба. Сѐуште е мојата баба Ванѓа на секоја тема. Дуплата шкорпија не смееме да ја потцениме. (се смее)

*Да можеш да смениш нешто во твојот караткер, што би било тоа, и постои ли некоја одлука за која се каеш и би сакала да го вратиш времето и да ја смениш? 

-Мојата искреност и директност најчесто од љубов кон некого, зошто директна со небитни не сум, ме носат во конфликти и губење луѓе, но не за долго… Се радувам што моите луѓе се околу мене, речиси 20 години имам исти пријатели. Не се каам за ништо, апсолутно за ништо, сѐ сум научила сама преку свои чекори и грешки. Би ја сменила само мојата премислечка глава која ме носи во анксиозност и несоници. Ама па не може сѐ, нели? 

Милица Џаровска