За таа љубов вредеше да се помине трнливиот пат на ИВФ, вредеше секоја жртва и секоја солза: Ана Шутиноска за мајчинското искуство

Динамичниот животен ритам на радио и ТВ новинарката Ана Шутиноска, еден од заштитните гласови на „Антена 5“ радио и сега е во брзо темпо, но од сосема поинаква причина. Ана и нејзиниот сопруг, стоматологот Гордан Лазаревски од пред половина година се родители на Бобан, кој е центар на нивното внимание. Новинарката која прошета дел од светот со колегите од „Антена 5“ известувајќи за важни музички и спортски настани, сега ужива во еден сосема поинаков свет, кој не би го менувала за ниту еден друг. Ана, своето мајчинско искуство и други, за неа важни приказни ги сподели за Женски магазин.

*Колку наполни Бобан, како сега изгледа еден твој обичен ден со синот?

-Бобан наполни 6 месеци. Денот ни почнува многу рано околу 6, 6:30. Тој е наспан, одморен, насмеан, а мајка му e уморна, ненаспана, ама исто така насмеана. По вообичаените утрински ритуали, Бобан ја користи првата претпладневна дремка, а за мене тоа значи време за кафе, доручек, средување по домa и сѐ тоа со брзина на светлината. Потоа, доколку времето e убаво, задолжително излегуваме во природа. Попладнето е резервирано за семеен ручек (фала баба Наде :) и крајот на денот е за подготовки за спиење. Не ретко се случува и јас да заспијам со него накај 20:30.


  *Што си помисли кога за првпат го виде синот, кога за првпат го гушна?

- Како одеднаш светот да застана. Бев пресреќна, збунета, неверојатно горда на себеси дека успеав да донесам на свет здраво дете. Бобан разбуди во мене длабоки емоции за кои не бев ни свесна дека ги поседувам. Кога првпат го гушнав ја почувствував љубовта во нејзиниот најчист облик. За таа љубов вредеше да се помине трнливиот пат на ИВФ (фала деде Боби :), н.з. Др. Слободан Лазаревски,) вредеа сите претходни порази и разочарувања. Вредеше секоја жртва и секоја солза. На крајот, сѐ доби смисла.
Во тој момент ние тројца станавме фамилија.

* Се снаоѓате ли добро со Гордан околу грижата за Бобан, си имате ли поделено домашни обврски, кој е за што задолжен?

- На почетокот, додека фативме ред беше хаотично. Сега сме незапирливи (хахахаха). Се навикнавме на новата ситуација и функционираме адекватно на обврските. Немаме точно определено кој за што е задолжен. Поголемиот дел од грижата околу Бобан е мој, но Гордан секако дека “помага” (по цел ден си играат и се смеат). Гордан бил забавниот родител (хахахха).


*Твојата професија е доста динамична, често патуваше поради ангажманите со „Антена 5“ радио, како се снаоѓаш овој период на пандемија кога сме повеќе дома, а и поради слатките обврски со синот?

- Искрено, во оваа фаза од мојот живот, уживам да сум дома. Не ми падна нешто особено тешко што моравме да сме во лок даун одреден период во текот на минатата година. Првиот ковид бран го поминав бремена и на некој начин добро ми дојде целата ситуација за да се одморам. Откако се породив немам баш многу време да размислувам за "новото нормално", бидејќи мене паралелно ми се случува едно прекрасно ново нормално. 

*Кога се враќаш на работа, размислуваш ли за моментите кога ќе се вратиш пред радио микрофонот, кој ќе го чува Бобан тогаш?

-Често размислувам за моментите кога ќе се вратам пред микрофон и да бидам искрена, едвај чекам. Ми фали целата позитивна енергија од мојата Антенна 5 фамилија и секако од слушателите. Со нетрпение очекувам да помине пандемијата, да олабават мерките и конечно да можеме да се изгушкаме.

Со оглед на тоа што водам утринска програма и моето работно време е кратко, направивме план Гордан да го чува Бобан додека јас се вратам дома. Секако и баба Наде и баба Сики ни се тука. 


*Те смени ли мајчинството, дали те омекна и те направи почувствителна?

-Мајчинството ме направи потрпелива. Суштински, моите погледи кон светот и животот, воопшто, не се променија од корен, ама добија поинаква смисла. Приоритетите се сменија, тука нема дилема. Следствено, станав многу посилна, поодлучна и се разбира поодговорна. И кога веќе зборувам во градација, секако дека сум и многу, многу посреќна. 


*Од кого го доби најкорисниот совет за мајчинството, и што е за тебе најубавото во овој животен период?
 

-Ова е најубавиот и најстресниот период во мојот живот. Бобан се буди по неколку пати во текот на ноќта, што значи дека откако е роден јас не спијам. Но, кога ќе ме погледне и кога ќе ми се насмевне заборавам на сиот насобран умор и нема нешто што не би направила. Што се однесува до советите, ги следам само од оние луѓе чиешто мислење или искуство ми е многу важно.


Милица Џаровска

Фото: Приватна архива