За време на пандемијата не заболев од ковид, туку забременив и го имав цело време за одмор: Пејачката Татијана Стефановска искрено за Женски магазин
Ковид пандемијата за многумина донесе тажни мигови, но за фолк пејачката Татијана Стефановска донесе остварување на долгоочекуваниот сон. Татијана се оствари во улогата на мајка пред 5 месеци и на свет ја донесе малата Ана. Фолкерката веќе 10 години живее хармоничен брак со сопругот Митко, за кој ни раскажа дека се запознале пред да заминат на турнеја во Америка.
За Женски магазин, пејачката Татијана раскажа како ѝ поминуваат деновите во пандемија, што има ново на музички план, кој и помага околу одгледувањето на ќеркичката, а ни откри и по што ги памети деновите од младоста.
*Неодамна се остваривте во улогата на мајка, какво е чувството?
-Чувството да се биде мајка е најубавото нешто што сум го доживеала. Иако долго го чекав овој момент и многу тешко стигнав до ова, за миг сè се заборави. Сите тешкотии, солзи… имаше солзи, но овој пат, радосници.
*Какво бебе е малата Ана, освен што е преслатка, како ви поминуваат деновите, имате ли помош околу нејзе?
-Ана е едно мило но многу пргаво бебе (се смее) . Покажува што таа сака и не ни попушта за жива глава (се смее) и се мислам како понатаму ќе ја убедуваме во некои работи .
Деновите ни поминуваат во хранење, пресоблекување , капење и едно од поважните работи за неа-шетање надвор. Секој плач може да се запре кога се движиме кон влезната врата.
Имам помош од сопругот и од свекрвата и свекорот. Премногу ми помагаат и многу сум благодарна на тоа. Незнам што би правела без нив. Ова е најубавата работа што може да се доживее, но воедно и најтешката, најодговорната и затоа не знам што би правела без помошта од моето семејство.
*Како се запознавте со сопругот Митко, раскажете ни ја вашата љубовна приказна, колку време сте заедно, како ве освои?
-Со сопругот се запознавме пред да одиме на една турнеја во Америка. Но тогаш, можам да речам дека не бевме ни другари. Не го поднесував многу (се смее) . Многу подоцна се роди љубовта меѓу нас и фала му на Бога сѐ уште трае, дури и е многу посилна од што беше на почетокот. Заедно сме 10 години, а во брак полни 9.
*Колку ти останува време за женски ритуали, посета на козметички салон, кафе со пријателки?
-Искрено, со мало дете (5месеци) и немам баш слободно време за женски ритуали сѐ уште. Не дека имам којзнае какви, но сепак е рано да се посветам како што треба. Прво што би сакала да направам е да почнам да вежбам, со тоа оди и константното здраво хранење (кое сега за сега сѐ уште не го практикувам многу) и да ги симнам вишокот килограми. Но ,не сум опседната со тоа , како многу жени околу мене, иако сум јавна личност. Благодарејќи на гените , секогаш сум имала добра линија иако сум крупна и висока жена. Не страдам никогаш за некоја одредена бројка на килограми . Имам време некогаш да одам на кафе со другарка, но тоа е кратко, се разбира, затоа што дома ме чека Ана , а и таа сака прошетки покрај кејот на Охридското езеро а знаеме и да седнеме во некој кафич на терасите каде што нема гужви и каде што не е зачадено.
*Што има ново на музички план кај Татијана, што да очекува публиката во скоро време?
-Ново на музички план: имам два проекти , песни, кои што се прават во моментов, со различни автори. Последен проект ми беше песната “Горчлив шеќеру”, која предизвика многу добри реакции и кај публиката и кај колегите.
*Какво детство и младост имавте? По што ги паметите младешките години?
-Имав убаво детство , многу поинакво од животот на денешниве деца. Се знаеше кое време, за што е. Почитување кон постарите, почитување кон учителот/професорот..тие работи сега се многу поинакви и никако не можам да го прифатам денешното однесување на децата. Секоја чест на исклучоците. Многу спортував...Гимнастика,трчање, кошарка…играње на улица, кршење рака..се е тоа дел од убавото детство и не е ни чудно ете да се случи и таква случка. Фала му на Господ, помина и се беше во ред потоа. Долги години пеев во градскиот женски хор “Стив Наумов” и таму ги имав многубројните патувања и настапи. Значи, шетањето и гостувањето по државите ми почна многу порано, пред да почнам да се занимавам со соло настапи..и се разбира, во различен стил на музика.
*Како ви поминуваа деновите на пандемијата, како се одрази врз вас целиот тој период
-Периодот на пандемија за мене испадна многу добар (се смее) . Не заболев од ковид, туку забременив и го имав цело време за одмор и лежење (кое ми беше препорачано). Мојата бременост и раѓањето на мојата ќерка беше изненадување за 80% од луѓето. Не се фалев со тоа и искрено не сакав да се знае дека сум бремена. И успеав во тоа , но само затоа што бесе период кога немаше настапи. Би сакала тој период, за сите да беше со среќен крај, но за жал пандемијата однесе и многу жртви.
*Во каков човек би сакала да порасне Вашата ќерка?
-Мојата керка би сакала да порасне во чесен човек, да е трудољубива, вредна, ведра, љубезна , среќна, да ужива во животот колку што може…Да е скромна, како мене, да не ги дели луѓето.
*Која е Вашата најсилна страна, а каде лежи Вашата слабост?
-Најсилна страна ми е семејството и пеењето а најслаба страна ми е тоа што сум премногу емотивна иако се трудам да го прикријам тоа. Слабост ми се и животните. Тоа го знае секој што ме познава. Згрижувам, хранам, помагам бездомни животни. Со раѓањето на Ана, мислев дека ќе се намали тоа чувство, но сум се излажала.
Ирена Ставрова