ЗАПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ЈУБИЛЕЈОТ: 70 ГОДИНИ КОНТИНУИРАНА РАБОТА НА ДКЦ “КАРПОШ“
Пред точно 70 години започна со работа Пионерски Дом “Карпош“ - симболот на културата во Скопје. За седум децении, низ овој Дом поминале многу генерации кои преку посветена работа, со ангажман и труд дале придонес за континуираниот раст и развој, како и за подигнување на културата во Република Македонија.
Во рамки на ова скопско култно архитектонско здание, еминентни културни дејци ги поставиле столбовите на Драмскиот Театар и Македонскиот Балет. Денес, Јавната Установа “Детски културен центар - “Карпош“ е културно образовна институција каде се работи и вложува во децата кои се основата за градењето и збогатувањето на иднината. “Децата се нашето богатство и иднина. Токму затоа нашата Институција е посветена на осмислување и организација на активности преку кои децата може да ги остваруваат сопствените соништа. Само така, со песна, музика, слика, творба, оро и сè што претставува лична креација секое дете има можност за развој на личниот талент, за дружење, солидарност, ширење на пријателство и слободно мислење.
Фокусирани на сите полиња кои го сочинуваат мозаикот на културата, раководството и сите стручни соработници вложуваме напори секциите во рамки на ДКС “Карпош“ да ја продолжат традицијата која непрекинато се гради и одржува, веќе 70 години.“, изјави Ружа Ѓорѓеска, Директор на ДКЦ “Карпош“.
По повод 70 годишниот јубилеј, покрај редовните целогодишни активности, подготвена е програма која има за цел да го одбележи и потенцира континуитетот во работата, како и да потсети на сите оние кои своите почетоци ги имале токму во ДКЦ “Карпош“.
Преку свечена Академија, планирана за 06.Јуни, ќе биде презентирана работата на Детски културен центар - “Карпош“, а воедно ќе бидат доделени и признанија и благодарници на заслужни граѓани и поддржувачи на работата на овој Детски културен центар.