Запознајте ја македонската млада дизајнерка Ана Даја Гри: Таа го живее сонот од детството

Добивај вести на Viber

Има само 26 години, а веќе е успешна во својата работа и препознатлива како бренд помеѓу нашите познати дами. За себе вели дека уште од мала знаела дека ѝ лежи модата, а тоа и се докажало кога отишла кај дизајнер да си сошие нешто за себе, но не отишла кај него како останатите девојки, со фотографија од моделот, туку она кое си го имала замислено во глава му го пренела на дизајнерот и тогаш веќе била сигурна дека модата ќе биде нејзина животна определба.

По завршувањето на гимназијата Ана Коцевска, која на јавноста ѝ е позната кака Ана Даја Гри, уметничкото име кое го користи сега, а кое си го замислила уште од мала, не се мислела долго каде да го продолжи своето образование, бидејќи желбата за мода и дизајн никогаш не ја напуштила. Таа веќе три години е професионален дизајнер, а повеќе за себе, за модата, за талентот ни раскажа во оваа нејзино прво интервју за Женски магазин.

* Од каде желбата за мода, за дизајнирање на облека, за бои и материјали?

- Желбата за мода ми ја создаде мојата мајка која од мала ме облекуваше уникатно, модерно во комбинации кои што беа доста смели, а желбата да дизајнирам ми се појави кога прв пат бев да сошиам фустан кај дизајнер каде што отидов со моја идеа и замисла, а не со нешто некаде видено или со фотографија, откако ми се реализираше таа креација сфатив дека се‘ што ке замисли мојот ум е остварливо и може да се реализира, по што по моето завршување гимназија запишав факултет за дизајн и уметност. 

* Убаво уникатно парче облека е луксуз или личен печат?

- За мене е личен печат бидејќи според мене секој дизајнер треба да има свој личен печат по кој би го препознале. 

* Дали ви помагаат социјалните мрежи при продажба, односно колку тие влијаат за да ве дознаат луѓето?

- Во овој модерен современ свет скоро се оди преку интернет, но сепак и за да се промовираш на социјалните мрежи треба да се умее како да се покаже квалитетот пред луѓето, бидејќи не се што гледаме на Интернет е реално и вистинито, а мислам дека сите тоа го знаеме. 

* Кои наши познати дами носеле облека со ваш потпис?

- Ана Марија Јанковиќ (заштитно лице на Guess, наш познат успешен модел), Зои Блаж (инфлуенсер), Лаура Крлиу (пејачка), Анџела Јакимовска (водител,модел, мис 2020),  Анѓела Илиоска(модел), Ива Кацарска (мис лето 2022).

* Имате ли досега реализирана ваша самостојна ревија? И дали имате учествувано на други ревии?

- Имам учествувано 4 пати на Fashion Weekend Skopje преку факултетот на кој што учев. 

* Работите отсекогаш сами, или пред извесно време бевте кај некого вработени?

- Од сам почеток работам сама , додека пак можам да кажам дека со знаење многу се надоградив освен од мојот факултет и од мојата постара другарка Пепика која е веќе докажан дизајнер кај нас.

Ана вели дека во слободно време сака да спортува и да поминува време со своето милениче, но и да патува. Патувањата, вели таа, на некој начин и го релаксирале умот и ја полнеле со енергија. „Секое ново патување за мене е нова приказна. Најчесто омилени дестинации ми се оние на топли места покрај море“, заклучува таа.


Наталија Миланова