Заработуваат полуписмени и полусветови: Отворено со Весна Бејби
Едукативно-музичката емисија „Дајте музика“ која беше симбол на децата кои растеа во деведесетите, по речиси 30 години повторно ќе се врати на ТВ. Подоцна, со репризите и други генерации едвај ги чекаа доживувањата на Наташа, Трајче, Дара, Раде и Оливер. Рефренот кои вели „Дајте музика, овде не сме на час“ а го испеа Ристо Самарџиев остана да се памети како детска химна.
По 27 години, јунаците од серијата ќе ги глумат други деца, најголем дел од актерската школа на Весна Петрушевска. Изминатиов период интензивно се работи на нови епизоди во копродукција на „Македонската Радио Телевизија“ и продукцијата „Рифенштал”. Автори се Лазар и Цаци Паковски, а серијалот е во режија на Лазар Паковски и Владимир Митревски. Многу наши познати пејачи и музичари гостуваат во новите продолженија: Влатко Стефановски, Тамара, Каролина, Владо Јаневски, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска, Бени Шаќири, Дани, Дарио, „Некст Тајм“, Тони Зен и други. Музиката ја прават познати автори: Ристо Самарџиев, Николче Мицески, Роберт Билбилов, Игор Џамбазов. Со радост и ентузијазам Весна Бејби Петрушевска и нејзините мали актери даваат сѐ од себе проектот да успее. Весна Бејби ни откри многу детали за новата „Дајте музика“ и отворено збруваше за загубените вредности кај нас.
* Од каде идејата за враќање на култната ТВ емисија „Дајте музика“, дали ти буди некои лични спомени ?
- Мене лично да затоа што се сеќавам дека играв во една епизода .Знаев отсекогаш дека ќе бидам во овој проект ама сосема во друга улога. Ова е тоа што го работам последниве 15 години. Учам деца актерска игра и им помагам да гимотсонуваат своите соништа.Нема поубаво! Идејата е на Лазе Паковски кој беше и еден од креаторите на првиот серијал „Дајте музика“ .Сега е повторно со нас како режисер на проектот, а Цаци Паковска ги напиша поголемиот дел од сценаријата.
* Колку епизоди снимивте до сега, откриј ни нешто малку за сценариото и за твојот дел од работата.
- Снимивме 14 епизоди, работиме напорно и посветено.Она што јас го работам е можеби клучниот дел. Ги водам децата низ сценаријата и градат ликови кои ќе бидат херои сигурно после првата епизода. Тоа се деца од мојата актерска школа во МНТ кои после 4 години одење на часови и безброј проби конечно заслужено си добија место кое го заслужуваат.
* Кога почнува со емитување, какви реакции очекуваш?
- Првата епизода е крајот на септември. Како и секогаш бејб, очекувам овации ништо помалку ништо повеќе.
* Како малите глумци се носат со големите улоги?
- Тие се учени да бидат големи професионалци. Знаат дека актерството не е хуманитарна организација и само најдобрите може да бидат најзаслужни за успехот на овој серијал. Јас секојдневно барам многу од нив и работиме професионално и доследно. Имаме одговорност пред публиката, а овие мали големи глумци тоа знаат да го живеат. Не дека се мои, ама најдобри се.
„Некст тајм“ се дел од гостите во емисијата
* Кога ќе се вратиш назад во детството, кои ти биле омилени домашни Тв серии и емисии?
- „Волшебното самарче” , „Позориште у кући“, „Династија“. Тоа го имавме како избор и се забавував многу. Ауу да и „Отписани“ .Многу откачував на нив и секако „Грлом у јагоде”. Ама без Трајче немаше живот.
* По „Дајте музика“, размислувате ли за римејк на некоја Тв серија на пример?
- Јас искрено размислувам на уште поевеќе епизоди.
* На твојот Фејсбук профил често критикуваш разни актуелни случувања. Што најмногу те боли од аспект на културата, кои вредности ги загубивме и има ли шанса да ги повратиме?
- Јас сум артист кој со години наназад се сама продуцирам и креирам со мојата продуцентка. Често знам да кажам дека јас правам за државата многу повеќе отколку таа за мене. Изгубивме вистински вредности, заработуваат полуписмени и полусветови. Имаме пратеници кои се натпреваруваат кој колку патни трошоци ќе направи. Си вработуваат три колена по ред за секој случај. Баш им е гајле за народот. Се изнаслушавме бомби и се претворивме во “слушачи” и сеирџии.Заборавивме на децата!Не сакам децата да знаат за политичките состојби , а се оптеретени.НИЕ НЕ ЖИВЕЕМЕ НИЕ ПРЕЖИВУВАМЕ! Тоа ми пречи бејб!
Милица Џаровска
Фото: Жарко Чулиќ