ЗБОР ДВА ЗА „НАЈНЕВАЖНИОТ ПРЕДМЕТ“ – ФИЗИЧКО!

Добивај вести на Viber

Уште од поодамна кога и јас бев ученик, предметите се делеа на тешки и лесни, важни и неважни, а најмалку важен беше часот по физичко кој не ретко се заменуваше со други „побитни“ предмети. Оценките по овој предмет сосема „нормално“ мораше да бидат петки или најмалку четворки.

Имаше случаи кога од седум часови, на пет од нив од денес за утре наставниците ни закажуваа испрашување на целиот материјал. Додека ние учениците баравме од наставниците да имаат разбирање дека не можеме да постигнеме да го повториме целиот материјал за да бидеме подготвени за испрашувањата за следниот ден, тие едноставно ќе кажеа тоа да не го бараме од нив туку од другите наставници, тие да направат отстапка и да ни го поместат повторувањето за друг ден бидејќи нивниот предмет е поважен.  Истовремено, на часовите по физичко голем дел од учениците беа „болни“ и место да вежбаат остануваа во училница за да прочитаат нешто за испрашувањата кои следат по другите „поважни“ предмети!?

Да се разбереме, сите предмети се важни. Образованието е најдобрата и најважната инвестиција. На секој еден предмет треба да му се пристапи сериозно и материјата целосно да се совлада. Но не помалку важен предмет, а всушност клучен приоритет, посебно во предучилишно и училишно образование треба да биде часот по ФИЗИЧКО И ЗДРАВСТВЕНО ОБРАЗОВАНИЕ!

Зошто?


На часовите по физичко и здравствено образование посебно е важен изборот на методските постапки преку кои учениците добиваат основа за развој на целокупниот моторички простор, правилен раст и развој на децата и сѐ во насока на подобрување и зачувување на здравјето. Човекот е створен за да се движи. Ако порано сме зборувале колку е важно да се има сериозен пристап во насока на ова од страна на институциите, на наставниците, родителите и децата кон часот по физичко и здравствено образование, денес кога сѐ повеќе и децата и возрасните денот го поминуваат седнати на столче свиткани пред компјутер или на смартфон, потребата од подигнување на свеста кај сите нас за значењето на физичката активност во функција на здравјето, како и последиците од недоволната активност, е уште поголема.

Часовите по физичко образование уште од предучилишна возраст треба да ги држат професори по физичко и здравствено образование, а фондот на часови да биде зголемен. Истото важи и за улилишната настава, посебно периодот од прво до петто одделение, а секако и во повисоките одделенија.


Професорот по физичко и здравстветно образование може навремено да открие деформитет на телото кај дечињата и правовремено да реагира со соодветни вежби или да ги насочи родителите до специјалист Кинезитерапевт.
Со самите вежби се учи правилно држење на телото, правилна изведба на вежбите, правилно дишење при изведување на вежбите. Со самото тоа се превенира да дојде до одредени деформитети како што се кифоза, лордоза, сколиоза, итн.

Преку училишните спортски игри децата спортуваат, индивидуално напредуваат, а во тимските спортови, учат индивидуалните квалитети да ги подредат на тимот. Овде се поставуваат основите, се стекнуваат добри навики, дисциплина, социјализација, ферплеј и други вредности кои и те како ќе значат во понатамошниот тек од животот на овие дечиња. Преку натпреварите тие имаат можност да го почувствуваат вкусот на победата, но и горчината на поразот и да научат како да се справат и во двете ситуаации, притоа созревајќи и станувајќи како подобри спортисти, така и подобри личности, бидејќи како во спортот, така животот е составен од победи и порази (лекции), успони и падови.


Сега е актуелна ситуацијата со пандемијата. Сега повеќе од кога било треба да се зборува за здравјето и да се едуцираме, како теоретски, така и практично.  На нашето тело му е потребно воздух, вода, сонце. Потребно му е редовна, секојдневна физичка активност и здрава исхрана.

Наставниците можат часовите по физичко да ги одржуваат и онлајн, а би можело и на отворено, секако согласно одредени здравствени протоколи.

Како што споменав и претходно, човекот е створен за да се движи и не треба да помине ниту еден ден без физичка активност.


До родителите: „Запрашајте се колку пати неделно вашето дете, а и вие, спортувате, се рекреирате, посветувате време да се едуцирате во полето на здравјето и здравиот начин на живот. Колку пати во изминатава учебна година сте ги исконтролирале вашите деца дали и како го одработуваат онлајн часот по физичко и здравствено образование?“.

ДАЛИ ИМА ПОВАЖЕН ПРИОРИТЕТ ОД ЗДРАВЈЕТО?!


Поради големиот број прашања што сум ги добивал во текот на кариерата, во сферата на спортот,рекреативното вежбање,мотивацијата, исхраната, итн., одлучив да го споделам моето знаење и искуство во колумна и во авторска книга во издание на Просветно дело. Доколку имате дилеми и прашања поврзани со темата истите може да ги пратите на нашите социјални профили, а дел од поставените прашања ќе бидат одговорени во самата книга.

*Авторот, спортист и тренер, проф. Лазар Иванов, креатор на супер ефикасната фит програма ЕКСТРИМ ФИТ, целиот свој живот го посветил на вежбањето и здравјето. Неговите тренинзи досега ги практикувале десетици илјади рекреативци и спортисти. Текстовите се извадок од неговото богато искуство во спортот и спортската рекреација. Текстовите извираат од личните искуства како вежбач-ученик, спортист, тренер кој научил многу од своите ментори, од личните спортски искуства, но секојдневно учи и од своите вежбачи. Тренер кој никогаш нема да прекине да учи и да го пренесува наученото.

Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес

Сите права се задржани