Здрави и среќни сме, душата ни е исполнета: Божикно интервју со Радмила Шекеринска

И Бобо и јас имаме дедо и прадедо кои биле попови, едниот во Штип, другиот во Куманово. Но, особено во моето семејство христијанството многу малку се гледа во ритуалите врзани за трпеза или празници, а многу повеќе во вредностите кои ги претставува, раскажува Шекеринска

За министерката за одбрана и вицепремиерка и во новиот владин состав, Радмила Шекеринска, прва асоцијација за божикните празници ѝ е именденот на сопругот. Признава дека нејзиното семејство има редовна возбуда околу паричката, а во ова божикно интервју освен што ни откри како изгледа бадниковата трпеза во нејзиниот дом, разговаравме и за нејзината ќерка Ада, за положбата на жената во македонската политика, за нејзиниот пристап кон модата.. Нејзината семејна оаза е Маврово каде што има викендица во која со семејството ги поминува и овие празници и во која успеавме да ѕирнеме и ние.  

* Која е првата асоцијација за Вас кога се во прашање божиќните празници?

- Именденот на мојот сопруг Божидар.

* Како вообичаено Вашето семејството ги празнува Бадник и Раѓањето Христово? Ги почитувате ли обичаите и традицијата? 

- И Бобо и јас имаме дедо и прадедо кои биле попови, едниот во Штип, другиот во Куманово. Но, особено во моето семејство христијанството многу малку се гледа во ритуалите врзани за трпеза или празници, а многу повеќе во вредностите кои ги претставува. Љубов кон ближниот, помош кон послабиот, верба во доброто - на тоа ме учеле и на тоа ја учиме и нашата ќерка.

Затоа, вечерта на Бадник го месам лепчето со паричка, додаваме пити и колачи и уживаме во тоа што сме сите дома. Имаме редовна возбуда околу паричката, но ја научивме и Ада дека убавината е во изненадувањето и играњето фер - нема местење.

* Велат колку е побогата трпезата, толку побогата ќе биде и годината. Како изгледа Бадниковата трпеза во Вашиот дом?

- Трпезата не ни е особено богата, но затоа душата ни е исполнета. Заедно сме. Дома сме. Здрави и среќни сме.

* Дали сте од оние жени кои со особена радост и љубов ги украсуваат своите домови? Колку овој сегмент од таа празнична еуфорија Ви причинува задоволство?

- Единственото место каде украсувањето не ми е обврска, туку уживање е тука, во Маврово. Ми доаѓа како релаксација, како вежба или терапија. Да си го вратам мирот и спокојот. Да се расположам и да уживам во сите „пипави“ работи кои вообичаено ме нервираат. Само сега и само тука не ме мрзи да протнувам нови кончиња низ дршките на старите лампиони. Само тогаш и само тука не ми пречи да ги прередувам лампионите ако на едната страна имам повеќе црвено или златно. Само тука некои украси ги оставам да седат цела година и да ме потсетуваат на драгите луѓе кои не се веќе со нас.

Бобо се жалеше дека тој ја добил тешката физичка работа на местење на елката, додека јас сум се занимавала со убавата, креативна работа на украсување... ама, еве и елката ја сменивме со најеколошка верзија - а јас не се откажувам од моите задачи.

* Што друго, освен политиката, овие празнични денови може да Ви го украде вниманието барем на момент? Шопинг, можеби „тинтрање“ во козметички салон или пак дружба во кафеана? Кој е Вашиот избор?

- Сега веќе само семејството и пријателите. Немам многу сила ниту желба за претпразничното лудило по продавници (иако, да се пофалам, успеав да купам подароци за сите деца), а дружбите ги ограничив само на најблиските соработници и пријатели и нашата годишна „Песталоци“ средба. По подолго време, се организирав за вистинско излегување и мора да признаам, во Скопје има неколку многу убави, нови места за собирање. Изгледаат светски, атмосферата беше реално (а не изглумено) весела, луѓето опуштени и желни да се забавуваат. Уште да имав повеќе време или сила...

* Како Вашата ќерка им пристапува на празниците? На што Ада најмногу се радува?

- На времето кое го минуваме заедно. Се разбира, ужива во подароците, слободното време и другарките... но, сето тоа е ништо во споредба со можноста да пече палачинки со мене и да прави леб или пица со татко ѝ, да играме карти или „Монополи“. За неа празниците се оние ретки моменти кога не сме на работа до ниедно време и кога не сме „залепени“ за телефонот ниту за материјалите од работа. Ќе нѐ гушне и ќе ни рече: „Ај да си зборуваме за нешто...“ 

* Мајките се секогаш пристрасни за своето дете, но сепак ќе Ве прашам по што таа е посебна? Како родител какви очекувања имате од неа?

- Не сум од оние мајки кои го планираат животот и иднината на своето дете. Мислам дека тоа е невозможно. И штетно, дури и опасно. Пред неколку години, прв пат ми поставија слично прашање: на што сакам да ја научам својата ќерка? Одговорот и денес ми е идентичен: да сака да знае и да знае да сака.

Ада е весела, позитивна, на моменти малку срамежлива, и со голема емпатија. Точно знае кога некому му треба помош, а кога прегратка или убав збор. Пред неколку недели се сретнав со мајката на едно девојче кое годинава се приклучи на нивното одделение. Немаше доволно зборови за да се заблагодари за помошта која Ада ѝ ја давала секој ден да се прилагоди, да се вклопи и навикне. Ада ми немаше кажано ни збор за тоа. Не се пофалила, ама го правела тоа цело време. Признавам, многу бев горда на неа.

* Вашата семејна оаза е Маврово каде што имате викендица. Во една прилика се пошегувавте дека со сопругот ви е доволен еден ден за да наполните батерии и да им се вратите на обврските како препородени. Во што заеднички најмногу уживате кога сте барем на миг понастрана од вообичаениот хаос?

- Маврово е вистинска оаза. Се будите во тишина, ги слушате птиците кои изградиле гнездо во нашата бреза, околу себе гледате трева и шума... Што повеќе ви треба? Дополнително, мислам дека само во Маврово имаме време и атмосфера за заедничко кафе, за мрзливо читање книга, за релаксирана држба со пријатели, за гитара и песна, за добра скара...  Би сакала да можам да кажам дека многу спортуваме, но не е така. Во зима скијаме, во сите други сезони - се трудиме да шетаме. Со акцент на „се трудиме“.

* Каква е според Вас положбата на жената во македонската политика? Дали нејзиниот потенцијал е доволно препознаен, особено во време кога објективизацијата на женското тело и сѐ што оди во тој пакет се’ уште многу често е тема на муабет?

- Полека, но сигурно ги кршиме табуата и ограничувањата. Имаме Собрание со најголем број на пратенички. Имаме Влада со најголем број на министерки. Влада (не мислам на техничката) во која силните ресори на финансии, правда, труд и социјала и одбрана ги водат жени. Ако ги соберете буџетите на овие министерства, ќе видите дека иако сме само 4 наспротив 12, вкупниот буџет е два пати поголем од буџетите на нашите машки колеги. И не само тоа. Од петте првопласирани министерства по прашањето на транспарентност и интегритет во јавните набавки, четири се токму министерствата предводени од жени.

Ова е неспоредливо со тоа каде бевме. На пример, кога прв пат бев избрана во Собранието, бевме само 7 пратенички од 120. Значи, има напредок.

Но, за некои работи имам чувство како да се вртиме во круг. После цела деценија конзервативна власт за која жените повеќе беа домашни помошнички отколку рамноправни граѓани, можеби не треба да се чудиме што дел од стереотипите и двојните стандарди против жените се сеуште силни. Дури, охрабрени од анонимноста која ја нудат социјалните мрежи, како да се и погласни, погруби и побезобразни. Некои од тие гласови како да биле телепортирани директно од Средниот век. Навредуваат, лажат, инсинуираат, ги таргетираат жените и ги ставаат во две кутивчиња: или ќе бидат „слика без тон“ во која тие ќе уживаат или ќе бидат прогласени за вештерки. Затоа силно ја поддржувам женската мрежа која координирано се спротивстави на овој говор на омраза со споделување на нивните гнасни напади и јавна осуда од сите страни. Тие треба да се на ѕидот на срамот, ако сакаме новите генерации девојки и жени да не бегаат од општествен ангажман, од дебати, од изразување свој став, па и од политика. Нема напредна држава без жени кои говорат и одлучуваат слободно.

* Без разлика дали се работи за неформален настан или за официјална посета, секогаш сте впечатлива. Како го дефинирате Вашиот стил и кој Ви помага во изборот на облеката?

- Се трудам да се облекувам практично и едноставно. Истата облека треба да ми е прикладна и за состанок и за родителска, за прес конференција или интервју. Истата облека најчесто треба да ми „издржи“ цел ден, значи да не се гужва, но и да не одвлекува внимание. Од тие причини, не носам накит, но често разбивам монотонија со марама или брош. Немам некој што ми помага во изборот, освен по некој коментар на Бобо.

Првите настапи на телевизија или зад говорница ми беа со многу грешки. Сега ми помага искуството. Ги научив моите основни лекции. Носам бело, сино во сите нијанси или појаки бои. Сакам чисти и строги линии. Не носам шарено. Не се „китам“  претерано. И да, ги тешам и колешките - никогаш нема на сите да им се допаднете.

Ѓорге Стојанов