Симбол на нова година, нови надежи, на топол дом, на семејна дружба, навраќање на детството, размислување за иднината и разубавување на сегашноста.
Некој ја посакува порано, некој подоцна, но време е овој месец желбата да ја обоиме во зелено, да ја облечеме новогодишно, во долга тоалета од разнобојни лампиони, да ја украсиме со сијалички и снегулки и како елка да ја поставиме во центарот на нашата соба или живот.
Една или три, на желбата е некултурно, како на дама, да и се бројат годините и брчките, да ѝ се коментираат лифтинзите на лицето и зголемувањето на усните, дали е кич или со стил, реална или невозможна, наивна или мудра, дали ќе не однесе до потопли краишта или ќе не задржи тука.
Приказната е иста, во цел свет, шири оптимизам и радост, не собира околу неа, ни подготвува богата трпеза, ни отвара шампањско, и не радува со подароци кои ги чекаме цела година.
Само една помисла на желбата и веќе се чувствуваме поубаво, една година помлади, а не постари, го чувствуваме мирисот на празниците, на цимет, на печени или варени костени, на греано вино или на топол чај.
2019 се потроши, пролета за миг, со убаво, неубаво, со арно, со лошо, ни донесе нови пријатели и непријатели, изгубивме драги луѓе, нешто ќе паметиме, нешто ќе заборавиме, нешто ќе посакуваме да ни се повтори, нешто ќе сакаме да не ни се повтори, за нешто ќе славиме, а за нешто ќе жалиме.
Во годината што измина, за нешто бевме храбри, за нешто бевме кукавици, за нешто премолчевме, за нешто излажавме, некому му помогнавме, некого го утешивме, некому му дадовме надеж, а некому му ја кажавме вистината.
Желби има колку што има луѓе на светот, и секоја желба е различна.
За некој среќа е малку, за некој многу, за некој нешто, а за некој-ништо.
Некој во Новата 2020 година ќе си посака мир, пари, помалку политика, повисок стандард, семејството и пријателите околу нас, а некој-само здравје.
Што и да посакате, нека силата биде со вас!
Лејла Сабит