ЖЕНИТЕ ВО ДУБАИ НЕ ЧЕКААТ ВО РЕД: Приказната на менаџерката Марина Стојановска
Не ми недостасува неможноста да се искаже нежност на јавно место, затоа што ако ве види и пријави локалец може да завршите в затвор и да бидете депортирани. Не ми недостасува неможноста да се заигра или да се запее на јавно место, на пример на јавна плажа или во парк затоа што и тоа е противзаконски.
Емиратките се жени со грациозен став, имаат исправен и спор чекор, во комуникацијата се нежни, тивки и умерени во говорот и имаат лесно движење како пердув
По четири години поминати во Дубаи, менаџерката за маркетинг Марина Стојановска, се врати во Скопје. Примерот на оваа шармантна дама е обратен од останатите нашинци кои заминуваат во странство. И покрај успесите кои ги постигна во Дубаи и специјалната награда од тамошната полиција, Марина реши својата кариера како менаџер за маркетинг и односи со јавноста да ја гради во Скопје. Колку жените се почитувани во Дубаи, колку се строги казните ако се искажува нежност или мислење на јавно место, се дел од приказните на Марина кои ги сподели за Женски магазин.
* Колку точно време работеше во Дубаи, и што поточно?
- Во Дубаи живеев повеќе од 4 години, а работев како менаџер за Маркетинг и Односи со Јавноста за еден од најголемите проекти таму „Falconcity of Wonders“, во сопственост на конгломератот „Almoosa Group“. Искуството што го стекнав таму е огромно и горда сум на постигнатите успеси, особено на наградата и сертификатот за благодарност од Полицијата на Дубаи за комуникациската поддршка во реализацијата на еден од нивните проекти ( White Points System ).
* Што е она најважното што го научи од животот таму?
- Научив многу за семејните вредности, неизмерно да ги сакам своите родители и да сум благодарна за сѐ што направиле за мене, да ги почитувам уште повеќе постарите лица, да се радувам на секој миг од животот, да сум благодарна за секое ново доживување, на секое ново пријателство.
Научив и да молчам а повеќе да слушам различни приказни, зашто сите ние имаме своја животна приказна за раскажување. Научив дека луѓето се делат на добри и лоши, без оглед на вера, раса, националност. И за жал, научив и колку многу можат да те повредат оние со кои делиш се што имаш.
* Ретки се оние нашинци кои се со успешна кариера и се враќаат во Македонија, а кај тебе случајот е обратен. Зошто реши да се вратиш дома?
- Кариерата никогаш и не ми била на прво место. Секогаш на пиедесталот ми се родителите и брат ми, затоа и се вратив. За неизмерната љубов кон и од семејството. Затоа што сакам да сум со моите, кога најмногу им требам и кога ми требаат. Се вратив и за да ги уживам благодетите на нашата природа за кои станав свесна по минатогодишната посета на пустинскиот дел на Јордан, а по која следеше посетата на мавровските убавини и Бигорскиот Манастир. Верувајте ми - неспоредливи се! Се вратив затоа што сега сакам да сум тука.
* Какви се жените во Дубаи, дали мажите вистина се однесуваат со посебна почит кон нив ?
- Многу ми беше интересно да ги набљудувам Емиратките. Тие се жени со грациозен став, имаат исправен и спор чекор, во комуникацијата се нежни, тивки и умерени во говорот и имаат лесно движење како пердув. Многу внимаваат на својот изглед, на козметиката што ја употребуваат, на везот на абајата (традиционалната облека ), на брендот на чанти и чевли и особено внимаат на накитот. И жените и мажите се учтиви се кон странците, но не склопуваат пријателства. Од она што можев да забележам, сите имаат стравопочит кон постарите лица и родителите, а особено се наклонети кон мајките.
* Што ти недостасува а што не ти недостасува од Дубаи?
- Ах. Ми недостигаат пријателите кои станаа мое семејство таму. Ми недостига несебичната поддршка што си ја дававме, радувањата на сечиј успех. Ми недостигаат толку многу што мислам дека кај нив имам дел од себе.
Ми недостига да го испијам првото утринско кафе во 6 часот наутро на плажа со колегите, па потоа да одиме во канцеларија. Ми недостига безбедноста што ја чувствував: паричник, чанта, фотоапарат, мобилен телефон, што и да заборавите некаде - ќе го најдете на истото место, или во најблиската полициска станица. Понекогаш ми недостига и ноќниот живот, затоа што и тоа е градот кој не спие. Ми недостига учтивоста во угостителството и секаде каде што сте клиент. Ми недостасува тамошната инфраструктура, сите дубајски плажи, голф клубови, паркови, нови проекти и знаменитости.
Ми недостига барот Нола, мојот стан, мојот автомобил, бродчето Алис. Сите тие ме потсетуваат на незаборавни моменти со пријателите.
Ми недостасува предноста на жените секаде: во администрација, има посебни шалтери и чекални за дами; во клиники/ болници: чекални за жени; во јавен превоз ( метро, автобус, трамвај) – посебни седишта, па и цели вагони само за жени; итн. Ми се допаѓа и тоа што ова не се само правила, туку е и дел од културата на сите што живеат таму: дамите имаат предност!
Она што НЕ ми недостасува е неподносливата жештина во летниот период. Не ми недостасува ниту немањето слобода на говор - ако нешто не ви се допаѓа - задржете го мислењето за себе, во спротивно може да одлежите затворска казна и многу лесно и брзо ќе бидете депортирани. Не ми недостасуваат работните часови (во Емиратите се работи 10 часа дневно). Не ми недостасува неможноста да се искаже нежност на јавно место, затоа што ако ве види и пријави Емират/ка (локалец/ка ) може да завршите в затвор и да бидете депортирани. Не ми недостасува неможноста да се заигра или да се запее на јавно место, на пример на јавна плажа или во парк затоа што и тоа е противзаконски (ова е секако дозволено во барови и во ноќни клубови ).
Не ми недостасува нивната компетитивност и опседнатост да бидат НАЈ или ПРВИ во се! Толку се компетитивни што се натпреваруваат дури и сами со себе, на пример за влез во Гинисовата книга на рекорди тие секоја година го рушеа сопствениот рекорд за најголем новогодишен огномет. Оваа година го имаа најголемото ласерско светлечко и звучно шоу на една зграда ( на највисоката во светот- Бурџ Калифа ) и со тоа влегоа во Гинисовата книга на рекорди.
* Каде работиш сега, како се привикна на новите услови за работа?
- На позицијата менаџер за маркетинг и односи со јавноста во „Винер осигурување“ сум откако се вратив од Емиратите и искрено мислам дека одлично се вклопив во тимот. Во Дубаи стекнав многу вештини и знаења во областа на маркетингот и секако сакам да ги имплементирам во кампањите што ги подготвувам. Перспективата од која што ги гледам нештата сега е сосема поинаква и посвежа, а поддршката што ја имам од главниот оперативен директор и генералниот директор, ми се само мотивација да креирам успешни кампањи и да воведам нов ентузијастички дух во работењето.
* Беше позната како лице за односин со јавност на многу наши познати пејачи. Ти недостасува ли работата со домашната естрада и дали уште одржуваш пријателски контакти со некои од нив?
- Верувам во тоа дека секоја работа има свои убавини, а работата со македонската естрада своевремено беше интересна и возбудлива. Секако дека сум во пријателски контакти со многумина, и иако не бев тука, го следев напредокот во нивните кариери и лично ја искажував мојата поддршка.Особено сум горда што иако македонската музичка сцена бележи стагнација изминативе години, многу од нив успеаја да издадат албум, нови синглови и видео записи.
* Каде се гледаш себе си во иднина, во Македонија или надвор?
- Во Македонија се вратив затоа што сакам тука да продолжам да редам успеси. Сега за сега немам аспирации за повторна преселба, но никогаш не велам никогаш. Сакам секаде да бидам турист. Патувањето во различни земји ме исполнува, затоа што учам многу за нивните култури, традиции и менталитет.
* Што те прави среќна кога не работиш?
Среќна сум кога оние кои ги сакам се среќни. А најсреќна- кога јас ќе придонесам за таа среќа. Среќна сум кога со родителите одиме на викенд – прошетка, кога со внуците трчам низ двор, кога со другарките ги планираме следните заеднички патувања. Среќа најдов на секоја нова дестинација: Хонг Конг, Шри Ланка, Барселона, Валенсија, Мадрид, Марбеја, Доха, Амман, Рим.
Најсреќна сум во Барселона!
Милица Џаровска