„Женски магазин“ на Крф: Една поинаква традиција на магичниот остров

Грчкиот остров Крф е меѓународен туристички центар и еден од најубавите зелени грчки острови. Се простира на Јонско море, на најзападниот дел од Грција. Изобилува со познати туристички места. Главниот град го носи истото име.

Крф е остров со магична светлина, проsирно тикризно море, пријатни плажи, убави и големи пристаништа и добро развиена туристичка инфраструктура. Буквално на секој чекор, ќе видите таверни, ресторани, кафетерии и продавници за сувенири.

Доколку размислувате кој период е најдобар за посета на Крф, јас би ви го препорачала пролетниот. Пред се', затоа што се' се буди на тој остров, природата ќе ве магепса со сите бои, мирисот на дрвјата и цветовите кои цутат ќе допринесат вашите спомени од овој грчки остров да траат долго, а покрај тоа доколку го посетите Крф за време на велигденските празници, ќе присуствувате на една уникатна и интересна празнична традиција.

По не знам кој пат, се одлучив и оваа година да бидам на Крф за време на Велигден, благодарение на моите долгогодишни пријатели и соработници, агенцијата која вашите патувања од соништата ги претвара во реланост, ЈК травел од Битола. Велигденската прослава на Крф носи нова свежина во животот на островјаните и туристите, исполнувајќи ги со среќа.

Велигден овде е комбинација на култура и традиција, истокот и западот, мозаик на обичаи. Заштитен знак на островот е црквата Св.Спиридон, а се наоѓа во стариот град и во неа сè уште се моштите на овој светец. Под своја заштита пред десетина години стариот град кој е прогласен за „град замок” го земал Унеско. Околу 800 цркви на островот го прават Крф, остров со развиен верски туризам. Токму затоа, главниот настан на Велигден, започнува со процесија со големата поворка за житијата на патронот и заштитникот на Крф Св.Спиридон.

Потоа со нетрпение се очекува да се заврши утринската служба за да се слушне црковниот звук од ѕвоната кои го означуваат сигналот на собирањето во домовите и од секоја куќа да се фрли земјениот ќуп. 

Оваа традиција доаѓа од Венецијанците, кои за време на дочекот на Новата година, фрлале стари работи од прозорите на своите домови, се ослободувале од нив со што правеле место за новите, а жителите на Крф оваа традиција ја практикуваат за велигденските празници, со што веруваат дека со кршењето на големите црвени стомни се ослободуваат од злите духови, се што е лошо оставаат зад себе, а создаваат простор за убавите работи и позитивната енергија.

Традицијата е посебно интересна за туристите кои доаѓаат на Крф за Велигден од целиот свет, па и самите учествуваат во овој интересен обичај. Веќе на полноќ црковните ѕвона го објавуваат Χριστός Ανέστη “Christós Anésti“- ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ. Славењето продолжува со огненото небо од огномети.

Покрај кршењето на стомните, посебно внимание привлекуваат дувачките оркестри кои од раните утрински часови се движат низ градот, а не изостануваат ни традиционалните етно групи кои изведуваат песни од Крф, облечени во традиционална носија.

Но не заминувајте од Крф, пред да ги посетите и најблиските острови Паксос и Антипаксос, потоа Палеокастрица, Сидари на Крф и други интересни места( на кои ве водам во следната репортажа).

Крф за Велигден е дестинација која не смее да се пропушти. Прославувањето на Воскресението Христово на Крф е вистински спектакл и уникатно доживување кое прерасна во туристичка атракција.

Како да стигнете до Крф:

Најлесно преку граничниот премин Меџитлија. После царинските формалности патувањето продолжува према Гревена, Јанина, се до Игуменица од каде скоро на секој час пловат траектите кон Крф. Патувањето со траект трае околу час и половина, а картите се со пристапна цена-10 евра по патник и 40 за автомобил.

Сместување:

-ЈК травел има одлични понуди кога се во прашање сместувачките капацитети.

Совети плус:

-Не пропуштајте да ја посетите тврдината за време на велигденските празници (посебно радува фактот што влезот е бесплатен тие денови), па не ја пропуштајте оваа прилика.

-Доколку сакате помирен одмор, можете да се сместите во помалите места до главниот град, кои пак од него се оддалечени само неколку километри, а доколку не одите на одмор со автомобил имате можност да изнајмите, како и мотор, но мора да истакнеме дека и автобусите од малите места возат скоро на секој половина час до градот.

Неда Маретиќ