Живеам од парите за „црни денови“: Панчо ќе донира дел од хонорарот од првиот настап по четири месеци

По точно 4 месеци и 2 дена без никаков ангажман, диџеј Шорти Пи ака Панчо од аренби дуото ДНК ќе пушта музика штипскиот Angels Cafe. Панчо вели дека прифатил поканата да настапува, затоа што знае дека сè ќе биде според мерките и протоколите за заштита. Ова ќе биде негов прв прилив на финансиски средства од почетокот на оваа пандемија. Без оглед на тоа што нема работено долго време, Панчо ќе издвои 6.000 денари од хонорарот за да им помогне на две социјално загрозени семејства со по три илјади денари.

Музичарот додава дека предност за помош имаат самохраните мајки и сите оние кои имаат потреба од неа, и ги очеукува да му напишат порака на неговиот Фејсбук профил, каде што е потпишан како Владимир Блажев. Панчо, кој е татко на два сина, вели дека овие месеци живеел од заштедата која ја чувал за црни денови.

„Па, јас велам, како за сите така и за нас. Во исти кош сме сите заедно но музичката фела особено. Први нè затворија и сè уште не работиме бидејќи реално и не е време ниту атмосфера има, а и не знам кој ни сакал и дали би можел да се опушти под такви мерки додека се во клуб. Јас велам дека треба да сме среќни, само да сме здрави и живи во оваа ситуација ние и нашите најблиски па ќе помине и ова како што поминале и други работи. Јас лично за мене можам да кажам дека сум ок, бидејќи немам никакви трошоци освен режиските теошоци што значи не заработувам но не ни трошам. Онаа заштеда која ја имам за “црни” денови што викаат старите се најде и ете туркаме, и срамота е да се жалам за разлика од некој фамилии кои се сериозно под огромен притисок заради губење на работата. Генерално да кажам дека не заработувам, но и оваа прва свирка решив да ја поделам бидејќи така се чувствувам. Ако можат тие да издржат со помалку ќе можам и јас. Како што викаше Г-ѓа Атиџе „Половина за нас, половина за пчелите’, во овој случај би звучело : „Пола за мене, пола за луѓето кои ми овозможиле да живеам од музика“. Кога е најтешко мора да помагаме, па здравје боже ако недај боже ми затреба верувам ќе има некој хуман човек па ќе ми даде и на мене“ , ни изјави Панчо.

Вели дека е свесен оти овие пари не се многу, и за некого овој гест ќе биде смешен или погрешно сфатен како да е реклама за него. Но, додава Панчо:  „Дај боже да ви се “смеам” на сите за вакви гестови и да ги има во што поголем број“.

М.Џаровска