Живеела во Сибир, сега е среќно мажена во Македонија: Приказната на Антонина и љубовта која не познава граници

Дека љубовта не познава граници е токму приказната на русинката Антонина Блажевска Ангорт и нејзиниот сопруг Игор. Животот ги споил и веќе 16 години живеат во семејна хармонија во скопско Долно Соње. Антонина која е родена во Русија, долго време живеела во Сибир во град Краснојарск од каде и се омажила во 2005 година.

Чудни се патиштата на судбината која ја довела Антонина во Скопје. Ни раскажа дека нејзината мајка била мажена за Македонец, па така и таа дознала за Македонија.

„За Македонија знам од 1998г. бидејки тогаш мојата мајка се омажи за Македонец. Бидејќи бев тогаш уште дете мечтаев да ја посетам Македонија. И во 2004г. за прв пат дојдов на одмор со родителите. Уште од прв пат ми се допадна Македонија и затоа јас наредна година (2005) дојдов пак на одмор но сама без родителите и останав цели три месеци тука...“ ја почнува приказната Антонина.


Таа вели дека на почеток немала симпатии кон сопругот со кој се запознале уште при првото нејзино доаѓање во Скопје, но при следната прилика веќе биле вљубени.

„Со сопругот јас се запознав уште при првата посета но, тогаш не покажувавме никакви знаци на симпатија (барам јас така мислев) ((се смее)) а во 2005 г. кога дојдов сама се запознавме подобро и решивме да се земеме. Така јас веќе 16 години сум во многу добар брак и сум среќна сопруга. Свадба не правевме бидејќи ниту сопругот, ниту јас сакаме големи прослави, па наместо веселба отидовме на одмор во Охрид. И така го обележавме нашиот голем ден“, вели Антонина.

Со семејството на сопругот се сложува од почеток

Кога дошла во Македонија знаела малку за традициите и обичаите.

„Се научив од мојот очув и затоа не ми беше тешко да прифатам се останато. Семејството на сопругот многу добро ме прифати и ден денес одлично се сложуваме“ , ни открива оваа Русинка, но сепак вели дека најтешко и било првите години кога и недостасувале семејството, работата и пријателите.

Не можела да се вработи, па почнала да се занимава со плетење за деца, денес изработките ги продава на Интернет

-Пред да се омажам работев како фризерка шест години. Тоа е мојата професија за која се школував но кога дојдов во Македонија ми беше тешко да најдам работа. Морав да останам дома, ни го раскажува Антонина патешествието кое ја натерало да почне да заработува преку Интернет.




„Кога дојдов во Македонија ми беше тешко да се вработам на работа бидејки не го знаев јазикот и немав државјанство . Никој не сакаше да ме прими на работа и така останав дома . Морав да најдам некоја работа па решив да почнам со плетење за деца (за среќа мајка ми научи да плетам уште на 8 години)“ вели Антонина која пријателката ја советувала да почне да продава преку Интернет.

-Скоро цели 5 години плетев калчинки, капи, шалови, пелени, наметки , како за многу мали така и за поголеми деца... Но пред 3 години решив да пробам да изработам нешто друго освен облека и така почнав со плетење на играчки. Така свртев нова страница во мојот живот со изработка на плетени играчки. Играчки изработувам од различен конец (памук , акрил , плишана вуница)- вели Антонина.



Според неа, Македонија е мала но интересна земја со своите обичаи и традиции кои што многу лесно ги научила и прифатила. 

„Најмногу што ми се допадна во Македонија е климата и изобилството од овошје и зеленчук . Тоа ми фалеше во Русија бидејки јас живеев во Сибир каде што не е толку топло и не толку лесно се достапни овошјето и зеленчукот. Од храната ми се допаѓа апсолутно сѐ, но сѐ уште не можам да се навикнам на лутото“ - низ смеа ни раскажува Блажевска.

Од родниот крај, вели не ѝ недостига речиси ништо

„Кога ми е добро во семејството, и кога сите блиски се до мене (моја мајка веќе три години како се пресели во Македонија) нема што би ми фалело од Русија.

Со години веќе и тука најдов доста добри пријатели што ми поддржуват во се.
И во мала Македонија има доста убави места и градови што може да се посетат. Не сум посетила уште доста убави места во Македонија но ми се во план. Ја сакам убавината на Македонија“ додава за крај Антонина.


Ирена Ставрова