Живееме во свет каде се мрази јавно, а се љуби тајно: Интервју со Моџо Килингтон

Добивај вести на Viber

Божидар Божиновски ака Моџо Килингтон е писател, сценарист, активист на социјалните мрежи, носител на споменица 2018-та и добитник на ѓезве на наградна игра од кафе, а има собрано и над сто „лајка“ на „Фејсбук“. Од мали нозе сакал да се дружи со книгите. Сака сѐ што сакаат младите, а е во рамките на законските прописи и регулативи. Ужива во хаику, склопување бротчиња во шише и решавање загатки. Негови најголеми желби се мир во светот и мир во душата. „Аутопсија на љубовта“ е негова прва книга, со која тој ја губи поетската невиност. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана во четврток (18 април 2019 година) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, со почеток во 19 часот. „Аутопсија на љубовта“ беше најавена на социјалните мрежи со видеа снимени од неколку јавни личности меѓу кои: Ана Бунтеска, Бранко Огњановски, Дукица Петрофф и Ѓорче Ставрески.

* Твојата поезија изобилува со жестоки контрасти, претставува своевидна вивисекција на твојата душа. Колку, во тој контекст, пишувањето ти помага да се справиш со внатрешните демони?

‒ Кога почнав да пишувам не ни знаев дали воопшто имам демони во себе. Само ме интересираше дали можам да напишам песна. Напишав една, помислив, добро, една може да е случајност, ај уште еднаш да пробам и ми се допадна. Потоа ги запознав и демоните кои не знаев ни дека живеат во мене, но научив да живеам со нив и да ми помагаат. Сега сѐ помалку се обидувам да се борам против нив и сѐ повеќе ми се коавтори во пишувањето. Станавме пријатели. А после секоја песна чувствувам некое олеснување, некаков духовен оргазам на празнење што помага да се чувствувам подобро, и на крајот, откако ќе прочитам, да се сфатам и самиот подобро. Поезијата, барем за мене, не е уметност во која учествува и логиката и разумот, затоа и никогаш не поправам песна, иако понекогаш ми доаѓаат подобри решенија за одредени стихови. Тоа е моментално емотивно празнење и не мора да е толку убаво, колку што мора да е искрено.

* Во твоите стихови буквално се соголуваш себеси: во нив се испреплетуваат чувствата на копнеж, страв, безнадежност, апсурд... Противтежа им е љубовта. Дали токму љубовта е балансот во сета бура на емоции кои ги истураш пред читателите?

‒ Љубовта е единственото нешто за кое вреди да се живее. Да не е таа зошто воопшто човек би живеел со стравови, кон што би бил насочен копнежот, ќе нема мост преку безнадежноста... Не зборувам само за возвратена љубов. Возвратената љубов е чиста радост затоа што универзумот те споил со друга душа која те љуби исто така. Не секогаш тоа е вечно, но со неа треба да се однесуваме како да ќе трае бесконечно. За човекот е еднакво важна и невозвратената љубов која е коктел од повеќе емоции. Сепак, има нешто многу длабоко во тоа да љубиш и да не добиваш ништо за возврат, да се даваш себеси без да очекуваш каква и да е физичка или емотивна награда. Љубовта е единствената смисла на постоењето.

* На границата помеѓу животот и смртта, сонот и јавето, постоењето и непостоењето, ангелите и демоните, е таа, неговата љубена, по која поетот посега. Има ли сила зборот преточен во стих доколку она што поетот го пишува е непреживеано?

‒ Не би знаел... Сигурно има поети кои се далеку повешти и полесно си играат со зборови од мене, па би можеле да напишат песна за нешто што им е туѓо. Јас, за жал или за среќа, не го можам тоа. Пишувањето на работи кои не се доживеани би требало да остане за романописците (се разбира и работи кои ги доживеале) затоа што романот како форма е повеќе плод на мозокот отколку на срцето, за разлика од поезијата која се исфрла мошне брзо и без многу размислување. Сепак ќе повторам: ова е мое лично видување кое не мора да е точно.

* На твојот профил на „Фејсбук“ постојано ја очекуваш да ти пише, а тоа никако да се случи. Во твоите песни посегаш по неа, а патиштата никако да ви се вкрстат. Како расипан часовник чии показалки се застанати далеку една од друга, проколнати никогаш да не се сретнат. Веруваш ли во таа смисла дека е возможна вистинска љубов, онаква што ќе нѐ избави самите од себе?

‒ Тоа е една од ретките работи во кои сум сигурен, дека љубовта постои и дека нејзината моќ е неограничена. Живееме во свет каде прво се мрази јавно, а се љуби тајно. Како да е грев човек да го прави она за што и од што е создаден, да љуби. Верувам во љубов која ги лечи раните, која ја храни душата, која може да го спаси човек од секоја неволја, која и да е. А дали ќе ми пише ќе видиме после ова интервју. Во наредното ќе имате одговор.

* Познатиот поет Шарл Бодлер бегајќи од сплинот (меланхолија) на животот бил во потрага по непознатото — чудесно ново, по убавината. По што трага Моџо во својата поезија и во животот воопшто?

‒ Моџо (така е поставено прашањето, па ќе зборувам во трето лице) трагаше по непознатото, дури и почна да пие апсинт како Бодлер барајќи ја зелената вила. Не ја најде, а и сето непознато што го најде не беше чудесно, но сето тоа патешествие му помогна да согледа колку чудесни работи има во своја близина што дотогаш не ги доживувал така и на некој начин таа потрага го врати на почетокот каде што веќе постоела магија; само требаше да помине низ местата кои се лишени од неа за да ги види чудата кои секогаш биле во негова близина. Па, сега ужива во својата меланхолија и здодевност. Ако му е здодевно, тоа значи дека нема некои реални проблеми за кои треба да се грижи, па може да се посвети на поголеми прашања кои го мачат, а кои всушност немаат одговор. Барем поголеми филозофи и мислители од него немаат одговор.